Сиљановска-Давкова на отворањето на „Охридско лето“: Во фестивалот се вткаени цели епохи на музичката, драмската и ликовната уметност

13 јули 2025 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер го отвори годинешното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Во своето обраќање, таа ја истакна вредноста на уметноста како сила што му дава смисла на човечкото постоење.

Во време на глобални и лични страдања, уметноста е таа што нè потсетува на убавината и добрината, влевајќи ни надеж за иднината.

Според неа, Охрид како древно духовно и културно жариште, низ вековите бил извор на поетска и уметничка инспирација, од Миладинов и Порадеци, до современите уметници кои го продолжуваат светлиот пат.

Фестивалот, како крстосница на македонската и на европската култура, продолжува да биде мост на културна дипломатија меѓу народите, овозможувајќи ни по 65-ти пат да се обидеме да ги премостуваме бариерите и да градиме поправеден и похуман свет.

На свеченото отворање на фестивалот, којшто традиционално се одржува под покровителство на претседателот, присуствуваше албанскиот претседател Бајрам Бегај. „Охридско лето“ беше отворено со настап на американската пијанистка Клер Хуангчи, диригентот Едвин Аутвотер од САД и оркестарот на Македонската филхармонија.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитуван претседател Бајрам Бегај,
Почитуван премиер Христијан Мицкоски,
Почитувани министри,
Почитуван градоначалник Кирил Пецаков,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор,
Сакани охриѓани, врвни уметнички учители, талентирани и посветени ученици, вљубеници во уметноста и во културата, почитувани гости,

Верувам дека нашиот чуден, а напати и бизарен свет, обременет со стравови, конфликти и неправди, има насушна потреба од духовност, убавина, светлина, копнеж и надеж! Сепак, соочени со небиднината, мислам дека вреди, инспирирани од Ниче, да побараме спас во музиката и играта, докажувајќи дека животот не е грешка и дека вреди да се живее тука и сега, без лоши мисли и намери, со отворено срце и ослободен ум. Недалеку од тука, во црквата Св. „Софија“, големиот француски поет Жан Пјер Симеон рече дека уметноста ѝ „дава смисла на човечката авантура во овој безмилосен свет“.

Вистинската уметност не е рамнодушна, туку длабоко хумана, не е бескрвна, туку бунтовна, не е привремена, туку е безвременска. За тоа зборува и митот на архетипниот уметник Орфеј кој слезе во адот да ја спаси саканата Евридика. Додека тој свиреше и пееше со својот милозвучен глас, целиот подземен свет слушаше.

На бреговите на древното и сѐ уште прекрасно езеро, под ѕвездениот свод и под Самуиловите кули, течеле тегобни и среќни времиња, се нижеле милениуми и векови, се менувале царства, ропства, окупации и ослободувања, се граделе и осветувале цркви, манастири, школи и куќи, се пишувале азбуки и книги, се сликале фрески и икони со божја помош, се пееле молитви, но и свадбарски песни, се бодрела верата, се челичел умот, се негувала љубовта, се изразувала страста…

Охрид е град на вековни дијалози: минатото комуницира со сегашноста, светците и свештениците со верниците, рибите со рибарите и галебите, уметниците со езерската шир, со планините и небото, домаќините со гостите… Од двата брега на езерото, инспирација црпеле првиот македонски романтичар, Константин Миладинов, но и првиот албански модернист, Лазгуш Порадеци.

Во фестивалските ноќи, кога уморното сонце ќе зажари и исчезне, а уметноста ќе запее и заигра со универзумот, кога охриѓани ќе ги прифатат славните, но и обичните новодојденци како блиски пријатели, кога градот ќе стане светска уметничка република, чии сезонски жители се жедни и желни за уметност, секој знае и чувствува дека се случува „Охридско лето” во кое учествуваат врвни културни творци и дејци.

Охрид се отвора како волшебна школка и од него излегува највредниот бисер – уметноста!

Шеесет и пет години „Охридско лето” е нашето скапоцено уметничко огледало, престижен уметнички центар! Шеесет и пет години уметноста влегува низ охридските порти и кружи низ градот! Секоја нота, секој стих и мисла, секој глас и чекор се слеваат во охридската летна симфонија! Како што древниот Охрид е вечен со своите напластени културни, духовни и цивилизациски слоеви, така и фестивалот „Охридско лето” израснува во препознатлива традиција, никната врз цврсти темели и доградувана преку уметнички мостови на обединување, будејќи го убавото, хуманото и културното! Охрид е еден, Охрид е Охрид! Не постои уметничко лето како охридското! Не постои фестивал како охридскиот!

Да ги отвориме срцата, да ѝ дозволиме на уметноста да нѐ зароби и да нѐ преобрази, да и се препуштиме на новата фестивалска идила. Го прогласувам јубилејното 65-то издание на „Охридско лето” за отворено!

Благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска заедно со 50 шефови на европски држави и влади, учествуваше на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин, чија централна тема е „Европа: силна, безбедна и поврзана“. Сиљановска-Давкова се обрати на панел...

Сиљановска-Давкова ќе учествува на деветтиот состанок на Европската политичка заедница во Даблин

Сиљановска-Давкова ќе учествува на деветтиот состанок на Европската политичка заедница во Даблин

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, 12 ноември 2026 година, четврток, ќе учествува на деветтиот состанок на Европската политичка заедница во Даблин, Ирска. На настанот, што се одржува во рамки на ирското претседателство со Советот на Европската Унија,...

Сиљановска-Давкова – Ван дер Белен: Австрија останува важен и искрен поддржувач на македонскиот евроинтеграциски пат

Сиљановска-Давкова – Ван дер Белен: Австрија останува важен и искрен поддржувач на македонскиот евроинтеграциски пат

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска на маргините на Конференцијата на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP31) во Анталија, оствари средба со претседателот на Република Австрија, Александер Ван дер Белен. Во...

Сиљановска-Давкова на COP31: Климатската амбиција мора да се претвори во конкретно дејствување

Сиљановска-Давкова на COP31: Климатската амбиција мора да се претвори во конкретно дејствување

  Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија, каде што ги потврди македонските заложби за климатска акција и ја нагласи потребата од праведна транзиција кон чиста енергија. [gallery...

Сиљановска-Давкова ќе учествува на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија

Сиљановска-Давкова ќе учествува на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска - 11 ноември 2026 година, среда, во Анталија, Република Турција ќе учествува на Лидерскиот самит во рамките на 31. Конференција на страните (COP31) на Конвенцијата на Обединетите Нации за климатски промени....