Претседателот Пендаровски се обрати на изложбата на 54. Светска галерија на карикатури – Скопје 2022 и Остен биенале на цртеж Скопје 2022

23 февруари 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер присуствуваше и се обрати на отворањето на изложбата на 54. Светска галерија на карикатури – Скопје 2022 и на Остен биенале на цртеж Скопје 2022 во Чифте амам при Националната галерија на Република Северна Македонија.

На изложбата се поставени дела на наградени и селектирани автори, а на настанот беа доделени награди за најуспешните уметници, како и признанија на партнери и соработници на „Остен“. Претседателот Пендаровски ја врачи наградата ГРАН ПРИ на Остен биенале Скопје 2019 на уметникот кој доаѓа од Израел, но е роден во Скопје – Мати Грунберг, кому оваа награда поради пандемијата на Ковид-19 досега не му е официјално врачена.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани учесници на 54-тата Светска галерија на карикатури и на ОСТЕН Биеналето на цртеж Скопје 2022,
Почитувани организатори,
Почитувани љубители на уметноста и карикатурата,
Драги пријатели,

Имам особено задоволство и чест да ви се обратам на отворањето на изложбата на дела од 54-тата Светска галерија на карикатури на ОСТЕН и на Остеновото Биенале на цртеж, која е збогатена со доделувањето на награди и признанија на најуспешните автори.

Благодарение на селекцијата на дела во рамки на 54-тата Светска галерија, имаме извонредна можност да се запознаеме со врвни светски карикатуристи и да добиеме увид во актуелните случувања во еден од најкомплексните, и, според некои, најхрабрите жанрови во визуелните уметности. Карикатурата со својата интердисциплинарност, која ги спојува визуелните уметности и јазичните метафорични пораки за оние аспекти на светот кои не се пријатни и со кои не сакаме да се соочиме, е парадигма на пркосот, критичноста и совеста на уметниците.

Во време во кое новите технологии и комуникациски канали преовладуваат во секоја сфера, па и во уметностите, и покрај интензивниот развој на дигитализацијата, карикатурата опстојува и продолжува да фасцинира и да привлекува внимание и интерес токму затоа што во нејзе е вградена основната мисија на уметноста – да биде критичар и коректив на секоја општествена и човечка аномалија и да ги разоткрива она што некој од позициите на моќ би сакал да го наметне или да го прикрие.

Авторите на карикатурата преку својата вештина за цртање и длабочината на пораката, низ само еден цртеж изразуваат ставови и пораки кои се вистински „остен“ што боде онаму каде што најмногу боли, во општествените рани, ослободувајќи го човештвото од лагата и лицемерието.

Своевремено, големиот книжевник Јозеф Конрад има речено дека карикатурата го става лицето на шегата врз торзото на вистината. Колку карикатурата со својата хумористична димензија ни помага да ја разбереме и надминеме непријатната реалност што владее во светот? Која алатка ни останува да го подобриме светот и да се подобриме себеси? Несомнено тоа се прашања блиски на оние кои ги поставува и карикатурата. А одговорите се наоѓаат во нашата подготвеност и нашата храброст да си ги поставуваме тие прашања себеси, на другите и на заедницата.

Почитувани,

Голема работа за една нација е што можеме да се пофалиме со пет и пол децениската историја на Светската галерија на карикатури. Ваквите настани се столбови на нашата култура и нашето општество, воопшто. Несомнено, како и многу други уметнички и културни случувања имаме обврска да ја негуваме и поддржуваме Светската галерија на карикатури. Активностите што ОСТЕН ги организира заедно со Светската галерија на карикатури, вклучително и Остен биеналето на цртеж се насушна потреба на нашето културно живеење. Нивната вредност никогаш не може и не треба да се мери низ комерцијалната призма.

Конзумеристичкиот свет во кој живееме не е наклонет на суптилните и навидум мали уметнички жанрови како карикатурата, но, одговорните треба да бидат свесни за нејзината вредност. Како своевиден коректив на заболените аспекти на едно општество, како предводник на слободата на изразување и заштитник на етиката и естетиката, карикатурата мора да има посебно место во нашите културни политики. Тоа совршено добро го има разбрано и нашата културна елита уште во втората половина на минатиот век кога го формирала хумористично-сатиричниот подлисток „Остен“, а меѓу тие великани, чувме и пред малку, помеѓу останатите биле и Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески, Славко Јанески, Василије Поповиќ – Цицо, Дарко Марковиќ, Димитар Чудо, Ане Василевски и многумина други…

Уште еднаш им честитам на организаторите и на сите селектирани автори кои се дел од оваа изложба.

Се надевам дека во наредниве денови Чифте амам ќе биде исполнето со посетители кои ќе имаат прилика да видат една особено вредна изложба.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: Почитувани сограѓани, Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на...

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Честитка од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана...

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Стево Пендаровски денеска положи свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по повод 121-годишнината од неговата...

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите, ја упати следната порака: „Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество....

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

По повод 1 Мај, Денот на трудот, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: „Човечкиот е најскапоцениот ресурс за секоја држава. Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, е аларм за сите нас дека...