Сиљановска-Давкова: „Охридско лето“ е извор на поетика на мирот и на љубовта, а уметноста е насушна потреба и придобивка

12 јули 2026 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, вечерва го прогласи за отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Според неа „Охридско лето“ симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање.

За претседателката, Охрид е оаза и прибежиште на уметноста, амбиент во којшто музиката, зборот и играта стануваат симфонија, а Самоиловиот град летен дом на врвни уметници кои го презентираат најубавото.

„Кога Ростропович го распеал и го расплакал своето виолончело во градот на Свети Климент и Наум, а Карерас, небаре Орфеј ги предизвикал птиците, нивните настапи не им го одзеле само здивот на присутните, туку се слеале во езерските бранови, се соединиле со звуците на црковните ѕвона и проструиле низ Самоиловите тврдини, раскажувајќи приказни“, рече претседателката.

На крајот, таа укажа дека „Охридско лето“ е извор на поетика на мирот и на љубовта, потврдувајќи дека уметноста е насушна потреба и придобивка.

Со гала-концертот „Љубов“, во изведба на светски познатите оперски уметници Ермонела Јахо и Чарлс Кастроново, во придружба на Националната опера и балет и под диригентската палка на Марко Боеми, започна овогодинешното издание на фестивалот.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитувани уметници, драги љубители на уметноста, сакани охриѓани,

Пак сме заедно, во театарот на античкиот град Лихнидос. Вечерта се спушти над езерото, небото и водата се стопија во нежна прегратка, ѕвездите треперат над нас, сенките танцуваат околу нас, а ние сме во исчекување на љубовниот шок и на уметничката екстаза, подготвени да потонеме во сонот на летната ноќ.

Верувам дека сите вознемирено ги очекуваме оперската самовила Ермонела и лирскиот волшебник Чарлс, во придружба на уметниците на нашата уметнички прекалена Национална опера и балет, под диригентската палка на Марко којшто веќе три и пол децении другарува со најголемите светски оперски ѕвезди.

Да потсетам дека пред шеесет и шест години, под сводовите на Света Софија, нашата оперска дива Ана Липша-Тофовиќ ги отпеала првите фестивалски тонови, означувајќи го почетокот на „Охридско лето“ коешто сè уште живее.

Оттогаш до денес, многу генерации уживале во привилегијата да се дружат со врвни музички и театарски личности, познати, обожавани и посакувани на најпознатите уметнички сцени, како исклучителни творци на високи духовни дострели.

„Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, срушени предрасуди и научени лекции, културната дипломатија и универзален уметнички јазик.

Охрид беше оаза и прибежиште на уметноста, амбиент во којшто музиката, зборот и играта стануваат симфонија, охридски духовен бисер и филигран.

Самоиловиот град стана летен дом на врвни уметници коишто го презентираа најубавото.

Кога Ростропович го распеал и го расплакал своето виолончело во градот на Свети Климент и Наум, а Карерас, небаре Орфеј ги предизвикал птиците, нивните настапи не им го одзеле само здивот на присутните, туку се слеале во езерските бранови, се соединиле со звуците на црковните ѕвона и проструиле низ Самоиловите тврдини, раскажувајќи приказни.

Верувам дека не случајно Охридското Езеро толку прекрасно шумоли, ту нежно, ту страшно, небаре концертна или драмска сцена.

„Европскиот Галапагос“, метузалемот стар милион и пол години, не е само природно чудо, под заштита на УНЕСКО, туку и верен сведок на многу цивилизации, јазици и култури коишто низ вековите се среќавале и битисувале на неговите брегови, војувајќи, но и градејќи.

Живееме во свет на поделби, конфликти, војни, стравови, несигурност и неизвесност. Човештвото минува низ лавиринти, а достоинството, солидарноста и надежта се соочени со огромни предизвици. За разлика од политиката којашто е далеку од уметност на можното, музиката и театарот, односно културата, остануваат креатори на неможното.

Ако огнот, што Прометеј му го подари на човекот ја осветлил ноќта, тогаш творештвото со векови ја осветлува неговата свест и совест. Во оваа смисла, „Охридско лето“ е извор на поетика на мирот и на љубовта, потврдувајќи дека уметноста е насушна потреба и придобивка.

Сигурна сум дека не треба да сте родени во Охрид како мене, или да сте охриѓанка или охриѓанец, за да сфатите дека не случајно е македонска културна метропола, а како таква – идеално место за врвен културно-уметнички настан како „Охридско лето“.

Дозволете ми, со неизмерна радост и со особена чест, да го прогласам  66. издание на фестивалот „Охридско лето“ за отворено.

 

 

 

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска заедно со 50 шефови на европски држави и влади, учествуваше на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин, чија централна тема е „Европа: силна, безбедна и поврзана“. Сиљановска-Давкова се обрати на панел...

Сиљановска-Давкова ќе учествува на деветтиот состанок на Европската политичка заедница во Даблин

Сиљановска-Давкова ќе учествува на деветтиот состанок на Европската политичка заедница во Даблин

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, 12 ноември 2026 година, четврток, ќе учествува на деветтиот состанок на Европската политичка заедница во Даблин, Ирска. На настанот, што се одржува во рамки на ирското претседателство со Советот на Европската Унија,...

Сиљановска-Давкова – Ван дер Белен: Австрија останува важен и искрен поддржувач на македонскиот евроинтеграциски пат

Сиљановска-Давкова – Ван дер Белен: Австрија останува важен и искрен поддржувач на македонскиот евроинтеграциски пат

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска на маргините на Конференцијата на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP31) во Анталија, оствари средба со претседателот на Република Австрија, Александер Ван дер Белен. Во...

Сиљановска-Давкова на COP31: Климатската амбиција мора да се претвори во конкретно дејствување

Сиљановска-Давкова на COP31: Климатската амбиција мора да се претвори во конкретно дејствување

  Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија, каде што ги потврди македонските заложби за климатска акција и ја нагласи потребата од праведна транзиција кон чиста енергија. [gallery...

Сиљановска-Давкова ќе учествува на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија

Сиљановска-Давкова ќе учествува на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска - 11 ноември 2026 година, среда, во Анталија, Република Турција ќе учествува на Лидерскиот самит во рамките на 31. Конференција на страните (COP31) на Конвенцијата на Обединетите Нации за климатски промени....