Сиљановска-Давкова се обрати на приемот по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик

21 декември 2025 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на приемот, којшто по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик го организираше Сојузот на турски невладини организации во Македонија – МАТУСИТЕБ, со поддршка на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА.

Сиљановска-Давкова потсети дека, уште од формирањето на македонската држава е не само гарантирано, туку и практично овозможено правото на образование на турски јазик, како неразделно од етничкиот и културниот идентитет на Турците. Според неа, наставниците се особено заслужни за едукацијата на турски јазик на бројни генерации ученици, воспитувајќи ги во духот на соживот и одговорност за заедничкиот живот во мултикултурното македонско општество.

Претседателката високо го вреднуваше значајниот придонес на припадниците на турската заедница во сите сфери на општествениот развој на државата, почнувајќи од образованието и културата, до спортот и политиката.

Таа ја истакна важноста на интензивната турско-македонска меѓудржавна соработка и се заблагодари за континуираната турска финансиска подршка, особено преку ТИКА, со чие разбирање и помош се реновираа важни верски објекти, се подобрија здравствените капацитети, се модернизираа научните и образовни инстититуции, се подржааа земјоделските иновации.

За неа, сограѓаните од турска припадност, како и турските граѓани од македонско потекло во Република Турција, се најцврстата врска меѓу нас и Република Турција, што мора да се негува и зацврстува.

На настанот се обратија и: Фатих Улусој, турски амбасадор во земјава, Мустафа Шентоп, поранешен претседател на Големото национално собрание на Република Турција, како и организаторот на настанот, Тахсин Ибрахим, претседател на МАТУСИТЕБ, на кои, вклучувајќи ја и претседателката, им беа доделени признанија за истакнатата улога во градењето и зацврстувањето на турско-македонското пријателство.

Доделените награди на најуспешните ученици на натпреварите во поезија, проза и цртање на Денот на наставата на турски јазик ја потенцираа важноста на знаењето, креативноста, стручноста и компетентноста, без коишто нема прогрес на заедницата, ниту европеизација на државата!

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани припадници на турската заедница,

Почитувани наставници, драги ученици,

Почитувани претставници на медиумите,

Дами и господа,

Денешниот ден, 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик има особено значење, не само за вас, туку и за нашата држава и за општеството.

Пред 81 година, во периодот кога се удирале темелите на Народна Република Македонија, нашата заедничка татковина, правото на децата од турско потекло на образование на мајчин турски јазик е не само правно гарантирано, туку и реално остварувано. Најлесно и најдобро се учи на мајчиниот јазик оти тој е врзан за мајчиниот збор, што прв го слушаме, мајчината безрезервна љубов, што прва ја чувствуваме, мајчината песна со која најлесно се успиваме и смируваме.

На мајчиниот јазик најлесно размислуваме и пишуваме, учиме и твориме, се радуваме и се нервираме.

Во време, кога во некои земји, што географски не се далеку од нас, турскиот идентитет со децении беше негиран, нашите предци одбраа поинаков, похуман пат поплочен со почит, инклузија и соживот. Македонската држава отсекогаш ги препознавала различните идентитети, вклучително и турскиот, како вредност, сила и предност. Со обезбедување не само индивидуални, туку и колективни права коишто, денес, ги надминуваат стандардите на многу високоразвиени демократии, успеавме да изградиме демократски модел на соживот!

Сепак, свесна сум дека во реалната/практичната примена на уставно утврденото право на образование на турски јазик постојат недорешени прашања и потешкотии, но и решеност и подготвеност за нивно надминување преку координирана, одговорна и ефикасна соработка меѓу локалната самоуправа и централните институции.

Почитувани сограѓани Турци,

Уште од времето на историскиот АСНОМ, како највисоко претставничко тело на македонските граѓани, заедно ја водиме битката за демократска и просперитетна држава. Со вашата лојалност и посветеност на општото добро, вие давате неизмерен придонес за општествениот развој.

Од економијата до политиката, уметноста, културата, образованието и спортот, вие сте нераскинлив дел од нашиот мултиетнички и мултирелигиозен мозаик.

Колку генерации во оваа земја пораснаа со авантурите на Орхан од делата на Неџати Зекирија, приказни коишто ја обликуваа детската имагинација и човековите вредности?

Колку новинари, поети, писатели и политичари, израснаа од школата на  „Бирлик“, којшто беше глас на Турците, престижна школа на многу генерации турски интелектуалци.

Кој од нас не се радува на кошевите на Џеди Осман или на головите на Елиф Елмас? Кој не се гордее со меѓународниот успех и со признанијата на Ертан Шабан и на Филиз Ахмет, кои со својата дарба ја носат македонската држава надвор од нејзините граници?

Исто така, вие, нашите сограѓани од турско потекло овде, како и лицата од македонско потекло коишто живеат во Република Турција, сте најцврстата човечка врска меѓу нас и пријателската Република Турција. И самата сум родена во куќа на турски сопственици.

Вие сте најсилната алка на македонско-турските односи. Верувам дека во периодот што следи, заедно со претседателот на Република Турција, господинот Реџеп Таип Ердоган, ќе продолжиме да ги продлабочуваме овие односи во духот на пријателството и на меѓусебната почит.

Почитувани присутни,

Празниците како овој не се само повод за радост и свеченост, туку и моменти кога повторно се потсетуваме на нашите обврски кон општеството и државата во којашто живееме. Основачот на модерна Турција и син на македонската држава, големиот Мустафа Кемал Ататурк, мудро рекол: „Татковината најмногу ја сака оној што најдобро ја извршува својата должност“.

Водејќи се од оваа максима, нашата заедничка должност е јасна: каде и да се наоѓаме, што и да работиме, да ја извршуваме својата задача чесно, посветено и одговорно. Само така ќе придонесеме за нејзиниот развој и за нејзиното заслужено место меѓу европските држави.

Како професорка, знам дека ние, учителите имаме голема просветителска улога, но и одговорност, во осветлувањето на патот на многу генерации. Во време на фантастични промени, дигитализација и вештачка интелигенција, вашата благородна мисија не е само да едуцирате успешни ученици, туку и да воспитате добри луѓе: морални, чесни, одговорни и свесни за своите корени и вредности. Иднината за којашто сите сонуваме, поправедна и понапредна, е возможна само преку такви генерации.

Дозволете ми, на самиот крај, да упатам искрена благодарност до раководството на Сојузот на турските организации од граѓанскиот сектор во Македонија – МАТУСИТЕБ, којшто веќе 22 години ги обединува турските невладини организации во нашата земја, за упатената покана и за вложениот труд во реализацијата на оваа манифестација.

Истовремено, би сакала да ја искористам оваа свечена пригода, вам и на сите припадници на турската заедница, да ви го честитам 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик. Нека е за многу години овој голем празник, твој и мој, ваш и наш, турски и македонски или најдобро: турско-македонски!

Тürkçe Eğitim Bayramınız Kutlu Olsun.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Изјава за медиуми и одговори на новинарски прашања по реферирањето за борбената готовност на Армијата од страна на началникот на Генералштабот

Изјава за медиуми и одговори на новинарски прашања по реферирањето за борбената готовност на Армијата од страна на началникот на Генералштабот

Новинарско прашање: Претседателке, долг состанок денеска. За што се разговараше, какви информации добивте, каква е безбедносната состојба во државава и дали има некакви закани? Претседателката Сиљановска-Давкова: Долгиот состанок не е случаен, туку е израз на...

Реферирање за борбената готовност на Армијата пред врховната командантка Сиљановска–Давковa

Реферирање за борбената готовност на Армијата пред врховната командантка Сиљановска–Давковa

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски пред претседателката и врховна командантка на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, реферираше за реализираните активности во 2025 година, степенот на опременост на Армијата и нивото на борбената...

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод празникот Свети Сава

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод празникот Свети Сава

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните од српска националност по повод празникот Свети Сава. Почитувани сограѓани од српска националност, Ми претставува особена чест и задоволство да ви го честитам Националниот ден на Србите во земјава,...

Сиљановска-Давкова ја прогласи за отворена Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Сиљановска-Давкова ја прогласи за отворена Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова преку видео-порака се обрати на свеченото отворање на Шестата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што се одржува под нејзино...

Средба на Сиљановска-Давкова со гувернерот на Народната банка, Славески

Средба на Сиљановска-Давкова со гувернерот на Народната банка, Славески

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески. Најпрво, гувернерот ги презентираше основните макроекономски показатели, а потем ја запозна со макроекономската политика. Тој...