Почитувани добар ден, Гостин во неделното интервју е претседателката Гордана Сиљановска- Давкова. Всушност ние дојдовме кај вас ние сме гости.
– Добредојдовте.
Да почнеме веднаш. Ингеренциите на претседателот се во рамките на надворешната политика, безбедноста и одбраната. Две работи се актуелни деновиве. Првата е застојот во евроинтеграциите и втората е стратегискиот договор со Велика Британија вреден 6 милијарди евра инвестициски кредит. Дали сме поблиску или подалеку од почетокот на разговорите со Европската унија од пред година дена кога вие станавте претседател, претседателка, и на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед дека и новата бугарска влада, соопшти дека не е само вметнувањето на Бугарите во Уставот, тоа е услов за почеток меѓутоа има и други услови што треба да се исполнат во процесот на преговорите со Европската унија.
– Не можам со една реченица прецизно да ви одговорам. Зошто? Бидејќи, ако речам дека сме подалеку, или поблиску, тоа не е вистинскиот одговор, бидејќи понекогаш далечината, или близината, е многу релативна. Зошто не значи дури и ако почнеме ние преговори дека тоа навистина ќе значи исчекор. Во исто време може да дојде ново барање, или пак како што досега се случуваше, да следат процеси што ќе го оневозможуваат нашето договарање на кластерите и за поглавјата. Што мислам за овој период? Прво, забележувам промени. Веројатно е тоа логично да го одговорам како претседателка, но, забележувам промени. Всушност, нашиот случај или нашиот преседан доведе до промисла на евроинтеграциските процеси воопшто, бидејќи сите знаат дека овој преседан ќе изроди и нови преседани. Имено, да, јас често пати велам дека Устав може да смените, но не можам јас да ветам дека ќе има уставни измени набрзо, бидејќи, јас сум овластена предлагачка на уставни измени, но, пратениците гласаат по сопствено уверување, бидејќи ги претставуваат граѓаните, а не мене и другите власти. Најчестото прашање до мене е „дали ќе има уставни измени“. И мојот кус одговор е „не можам да гарантирам бидејќи не сум апсолутен монарх“. Значи, по мене, барањето од надвор- уставни измени е спротивно на темелните вредности и принципи на Европската унија, вградени во договорот за ЕУ, и вградени во Лисабонскиот договор, и во Повелбата за фундаментални права, бидејќи таму има обврска, или ветување, дека ЕУ ќе ги почитува уставните и политичките структури на државите, или дека ЕУ ќе го почитува националниот и културниот идентитет и дигнитетот и интегритетот.
Меѓутоа, тоа во теорија е така, но во пракса гледаме дека не се применува за жал, и преседан, како што рековте имаше и во други земји што преговараа- и Словенија и Хрватска, знаете, за границата, за морето…
– Сосема различно е тоа и реален проблем. Ама за идентитетски прашања немало до сега вакви прашања.
Сакав да ве прашам, вие спомнавте, ваш израз е тоа „креативна дипломатија“, за надминување на овој проблем. Од соопштението од вашиот Кабинет по средбата со Беате Мајн-Рајсингер … , министер за европски работи на Република Австрија, минатата недела разбравме дека разговорите за решавање на овој спор би сакала таа да се случуваат во Виена. Се случува ли нешто на овој план, и има ли маневарски простор тука за Владата.
– Видете, веќе вашето прво прашање е и одговорот очекуван од мене, е врзано и за второто, креативна дипломатија да, нам ни е јасно дека преговарачката рамка е усвоена, нам ни е јасно дека е тешко да се менува преговарачката рамка, иако случајот на Србија го покажа и поинаквото. Затоа јас велам дека, штом ние укажуваме на проблеми врзани на нашето преговарање, тогаш и ЕУ треба да вложи енергија, креативно да овозможи наше напредување, и мислам дека ова што го споменавте е на таа линија.
Има ли нешто ново тука?
– Значи, еве моите предлози што се. Велам најчесто. Вие можете, може Европскиот парламент да донесе некаков акт, за состојбите меѓу нас и меѓу Бугарија. Може Советот исто така, да даде некакви инструкции. Може исто така, не знам, во некој акциски план, во некакви си предлози до Комисијата, до историската комисија, бугарско-македонска, да се предочи, дека тие можат да бидат слободни, но, дека мора да внимаваат, иако велите вие дека е теорија, не е теорија. Тоа се уставни акти на Европската унија. Уставни акти конститутивни акти на Европската унија. И тие треба исто така да ги почитуваат, не само во однос на членовите, туку и во однос на сите други. Значи, овие наши разговори, да им се е предочи, или да се донесе што знам, протоколи два потпишавме така, еве може уште еден, дека нема да се користат, дека нема да можат да бидат основ за вето. Туку дека ќе се разговара, слично како што разговараа Французите и Германците, Пољаците и Германците, за да видиме како низ интерпретација на решенијата, можеме да дојдеме до конечен договор. Зошто го велам ова? Да потенцирам, во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, нема ниту еден член, ниту еден збор за уставни измени. Уставните измени никнаа, значи, од првиот и од вториот протокол.
Не ми одговоривте, дали има некаква иницијатива, на средба сега, дали е тоа Виена или ….
– Да. Видете сега, во меѓувреме, вие ја чувте, министерката рече дека Австрија од секогаш била зад регионот, Австрија смета дека во моментот, најважното нешто за ЕУ е политиката на проширување да се спроведе, дека има разбирање и за аспирациите на Украина и на Молдавија, но дека има поголемо разбирање за Западен Балкан, и тогаш рече дека еве јас ви предочувам, дека Австрија е спремна да разговараме да наоѓаме некое креативно решение…
Дали ја контактиравте Софија? Или Австрија можеби ја контактирала?
– Јас не можам, не знам, сигурно штом предлага министерката , или го сторила тоа, или ќе го стори тоа. На истата линија беше и коментарот на претседателот на Советот, на Европскиот совет, бидејќи и тој рече дека, најпрво го оцени нашиот предлог како добро решение за одложено дејство на уставните измени, но рече дека не наишол на предлогот на разбирање во соседството, но исто напомена дека спремен е, изразува спремност за разговори меѓу нас тројцата, меѓу претседателот на Бугарија, тој и јас. И тоа е креативно.
Деталите од договорот за стратегиско партнерство со Велика Британија се општи во овој момент засега не познати. Каква е вашата политичка оценка за овој договор.
– Прво, морам да кажам дека, надлежноста во склучувањето на договорите е поделена. Примус во склучувањето на договорите е Претседателот. Меѓутоа, и во Уставот вели дека меѓународните договори ги склучува Претседателот, а Владата тогаш кога е тоа со Закон утврдено. Тоа е утврдено со Закон, во областите на економијата, социјалната заштита, образованието. Речиси надлежноста на Министерството е основа за ваквите надлежности. Значи, невообичаено е претседател да дава политичка оценка за стратешки договор којшто се однесува на области, како што се инфраструктурата, градењето на болниците, градењето на студентски домови, од она што го видов. Да. Јас сум информирана за областите, но ваквите стратешки договори, како што знаете, по примерот и на стратешкиот договор со Соединетите Американски Држави, а исто така, стратешкиот договор со Турција, се во сфера на надлежности врзани за Владата.
Добро, сепак како Претседател….
– Добро, јас поддржувам решенија кои што ќе овозможат развој и просперитет, бидејќи најголемиот предизвик денеска е тој, со оглед на ноторниот факт, дека и нашите традиционални партнери, или најголеми партнери, тоа се оние од Европската унија, исто така имаат сериозни економски проблеми.
Сега спомнавте Европската унија. Дали овој договор е некаква алтернатива на Европската унија?
Не, не. Се работи значи за, инаку не би бил таму министерот за сообраќај и врски и министерот за животната средина. Не. Јас не сум фаталист, и ретко го употребувам изразот „немаме алтернатива“, не. Но тврдам дека ние како што сме дел од Европа, географски, културно и историски, така и политички сме дел од Европската унија, и морам да напоменам, дури и британските претставници кога доаѓаат овде, последниот пат … претставничката за Западен Балкан, исто така дијалогот го води во рамките на нашата започната, недовршена евро-интеграција. Значи, немаме алтернатива во овој поглед. Но бараат сите денеска во светот , извори на средства за развој за надминување, во таа смисла и ние, особено претпоставувам знаете дека еден интересен податок, можеби најголемиот дел од вложувањата на Западен Балкан, Обединетото кралство ги има кај нас.
Како ја оценувате, имате редовни консултации со премиерот Христијан Мицкоски, како ја оценувате работата на Владата во изминатава година?
– Повторно, знаете, Владата го црпи легитимитетот од Собранието. И одговара пред Собранието. И Собранието има право, има и обврска всушност заради граѓаните да ја оценува работата на Владата. Јас можам да кажам за двете глави на извршната власт, бидејќи тоа е поделена надлежност, ги набројавте надлежностите, токму во тие сфери, во надворешната политика, во безбедноста исто така.
Еве на тој план.
– Да се консултираме. Јас барам информации, исто така од мене понекогаш, се консултираме за определени прашања, но секој си се држи до својата надлежност, и си ја исполнува надлежноста по свое. Консултациите се редовна работа. Мислам дека во областите на поделената надлежност сме се договарале. Еве на пример, кој кога ќе оди, каде ќе оди, бидејќи дури и во меѓународната политика е исто, некогаш премиерот, некогаш претседателката на државата, но не се мешам во нивните внатрешни работи, ниту пак дозволувам да има мешање во моите. Но, разговараме.
Да ве прашам, на колку закони до сега сте ставиле вето, бидејќи имате право а тоа?
– Засега на еден закон, на една година, што не се случило претходно. Да, зошто можеби имало неколку пати решенија за кои што сум имала забелешки. Се разбира дека, еве прашањето ви е одлично, секогаш јас ги добивам законите меѓу првите, за да видам дали можеби има решенија за кои што сметам дека не се во ред и може да бидат утре основ за ставање вето. Во некои од нив интервенирале, за некој ми објасниле зошто е така, и нема друго решение, еве на пример во градежништвото, ако замислите на трасата заборавиле претходно дека болница треба да има, а има, или бензинска пумпа нешто, вие мора да најдете решение. Како ќе го најдете? Тогаш мора да се создаде основ за министерот да интервенира во трасата итн. Згрешив, не болница, бензиска пумпа не е впишана. Ете, за такви решенија. Но, еве одговорно изјавувам дека ако дојде до решенија зад кои јас не можам да застанам, бидејќи моја среќа или несреќа е што сум и професор по уставно право, но имам и советници на кои им ги доставувам претходно. Јас ќе го употребам ветото.
Дали имавте средби со други политички лидери во земјава, освен со лидерот на Социјалдемократите, Венко Филипче?
– Средбите со другите политички лидери, со сите протоколарни ми биле. Кога сме се гледале на настани на кои што се и тие присутни. Меѓутоа, засега единствено, претседателот на Социјладемократската партија. Меѓутоа, да напоменам во својство на пратеник. Во својство на пратеник. Ние мора да ставиме крај на една чудна пракса, партиите да ги супституираат државните органи. Видете, ако имено, лидерот на партијата е пратеник, тогаш тој така треба да постапува. Партиократијата значи дека линијата меѓу државните органи и партиите е многу тенка, тогаш се тоа средби кои што не се отворени, не се пред јавноста, нема информации. Тоа нас ни забележуваат, тоа е опасна работа. Бидејќи партиократијата , не е демократијата. И партиите не смеат да ги супституираат Парламентот, Владата и шефот на државата. Но, неформално, спремна сум со сите да разговарам. Дијалогот со претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, е во насока кога зборуваме за евроинтеграциите, за надворешната политика, и многу е важно ние да ги научиме лекциите од соседите, кои секогаш се повикуваат на декларации, на меморандуми. Ние тоа не го правиме. Позицијата ќе ја зајакнеме кон надвор, ако кон надвор зборуваме во еден глас. А тоа е националниот интерес.
Во таа насока, какви се односите со ДУИ, со Демократската унија за интеграции.
– Еве повторно партија. Да, пратениците. Да, јас сум познавала како пратеничка, многу пратеници од Демократската унија, и дури сум била и пријателка со нив, ако мислите на контакти
како овие со г-динот Филипче, не. Не сум имала. Вие го знаете ставот во кампањата кон ДУИ. Спремна сум јас за било каков разговор.
Од оваа Партија ви забележаа, последно нешто, дека сте се позиционирале на страната на Владата, занемарувајќи ги механизмите за заштита од етничка мајоризација.
– Не е точно, не е точно. Не можам јас да ги занемарам механизмите на етничката репрезентативност, правичната и соодветна застапеност се уставна категорија, моите изјави се секогаш врзани за Уставот и за Законот, се разбира дека пораките беа, треба да го оставиме на мир Уставниот суд да решава, јас верувам во составот на овој Уставен суд. Јас исто така мислам ако во евроитеграциите, ќе биде важно, не само да сме хармонизирани… туку ќе бидеме оценувани дали во праксата го спроведуваме законските решенија, а тоа ќе го проверуваат главно Венецијанската комисија и ГРЕКО, тогаш ние мора да водиме сметка и за нивните мислења. Значи, во мојот Кабинет јас можам да влијаам врз што? Врз составот на различните тела. Јас отворено тврдам дека во конституирањето на телата овде, како што се Комисијата за признанија и одликувања, Комисијата за помилување, Советот за млади, секогаш внимавам, не само на правичната и соодветна застапеност, туку и повеќе од тоа. Има зошто. Зошто првиот критериум за мене е стручност и компетентност.
И за крај да ве прашам, дали успеавте да бидете претседател на сите граѓани, како што ветивте на почетокот на мандатот.
– Тоа е всушност најважната функција. Иако ние секогаш велиме -меѓународната политика. Мојот легитимитет, многу пати повторувам, извира од граѓаните, бидејќи јас сум избрана на директни избори и уставната одредба дека ги претставува граѓаните во земјата и надвор е најважната. Претпоставувам, ги следите моите секојдневни активности. Тие активности не се канцелариски, туку се насочени на постојани средби со најразлични категории на граѓани, а најмногу најранливите категории. Во тој поглед, јас мислам дека, тоа може лесно да го проверите вие новинарите, еве има истражувања на јавното мислење, јас мислам дека ја уживам довербата на граѓаните, не само од различни етнички заедници, туку и од граѓани со различни статуси, различен пол, различна возраст. Се обидувам. Но велам, самоевалуацијата не е вистинската евалуација, има начини тоа да се провери.