Обраќање на отворањето на 10. јубилеен Самит на „Македонија 2025“

18 ноември 2021 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски, денеска присуствуваше и се обрати на 10. јубилеен Самит на „Македонија 2025“, којшто поради пандемијата на Ковид–19, се одржува во хибридна форма.

Истакнувајќи дека се соочуваме со глобална рецесија предизвикана од пандемијата, претседателот Пендаровски во своето обраќање, нагласи дека парадигмата на препознавање можности, градење култура на конкурентност и квалитетно образование, денес ни е потребна повеќе од кога било порано.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани присутни,

Чест ми е да се обратам на 10. јубилеен Самит на „Македонија 2025“, организација која е основана и водена од успешни македонски иселеници кои сакаат да ѝ помогнат на својата прва татковина да стане силна и конкурентна економија. Покрај фактот што, уште од самите свои почетоци, „Македонија 2025“ се појави во специфичен контекст ‒  глобалната финансиска криза што го намали темпото на економски раст кај многу економии, тоа не ги поколеба во намерата да бидат генератор на амбициозни идеи за просперитет на државата и за благосостојба на нејзините граѓани. Тимот на „Македонија 2025“ не крена раце од проектот, туку продолжи да бара начини како во македонското општество да ја гради културата на конкурентност и квалитетно образование во услови на демократски политички систем и владеење на правото.

Почитувани,

Оваа парадигма на препознавање на можности и во најголемите кризи, денес ни е потребна повеќе отколку било кога порано. Република Северна Македонија се наоѓа во клучен период од својот развој. Минатогодишното членство во НАТО ја постави земјата во нов геополитички контекст, а интеграцијата во Европската Унија ги насочува реформите во практично сите сектори.

Тековната глобална рецесија предизвикана од пандемијата, според својот интензитет и опфат, ги надминува ефектите на финансиската и кредитна криза од 2008-та година. Оваа, да ја наречам, концентрација на кризи, како и на многу други места во светот, ги покажа нашите структурни и системски слабости. Ќе ја споменам само актуелната енергетска криза што прави дополнителен притисок врз економијата, врз компаниите и врз граѓаните, затоа што сме високо енергетски зависни од увоз.

Соочени со сево ова, ние имаме само една опција. Наместо да чекаме да завршат турбулентните случувања, треба со двојна енергија да работиме на преобмислување на постулатите на нашиот економски раст и развој. Во тој поглед не сме единствени. Многу национални стратегии и планови ќе мора да бидат ревидирани и прилагодени на новата реалност, за полесно и поодржливо постковид закрепнување.

За подобра иднина, од пресудна важност е да постои една споделена визија за развојот на државата. За таа цел, уште на почетокот на мојот мандат го иницирав проектот „МКД 2030“ како наша, автентична стратешка рамка за развој на Северна Македонија до крајот на оваа деценија. Вклучувајќи претставници од сите сегменти во општеството, преку „МКД 2030“ сакаме да ги проектираме долгорочните развојни приоритети на нашето општество. Во исто време ја поддржувам и Националната развојна стратегија 2021 ‒ 2041, која како следна фаза треба да се надоврзе на „МКД 2030“. Во овој краток период што го имаме пред нас, мора да ги насочиме нашите заеднички напори кон клучната цел, а таа е: да создадеме иднина за граѓаните, особено за младите, тука, во нашата земја.

„МКД 2030“ се фокусира на повеќе меѓузависни теми, од дигитализација, децентрализација и демократизација, преку еколошки, економски, аграрни и здравствени политики, па сè до образование и наука и борба против иселувањето на младите од земјава.

За да биде реално остварлив, тој развој мора да се фокусира на дигитализацијата. Во својот најнов стратешки извештај, Европската комисија ги идентификува дигиталната хиперповрзаност и технолошката трансформација како едни од четирите клучни глобални трендови што ќе влијаат на Европската Унија до 2050 година. Во блиска иднина, половина од професиите ќе бидат автоматизирани, а многу професии едноставно ќе станат непотребни.

Светскиот економски форум проценува дека поради забрзаната дигитализација на глобалната економија веќе во наредната деценија дури 70 % од вредноста создадена преку производство и услуги ќе се темели на дигиталните бизнис-модели. Во овие процеси предност ќе имаат дигиталните општества со развиена дигитална инфраструктура и култура на иновативни, инклузивни и одржливи бизнис-стратегии.

Каде се наоѓаме ние во оваа слика? Според најновите податоци на Евростат од 2020 година, просекот, го видовме предмалку, на дигитализација и дигитални вештини во Северна Македонија е само 32 %, додека просекот во Европската Унија е 56 %. Иако огромен број од нашите граѓани имаат пристап до интернет, најголемиот дел од нив го користат претежно за информирање и комуницирање преку социјалните медиуми. Неопходно е да ги насочиме нашите напори кон развивање на дигиталната писменост и вештини кај граѓаните затоа што тие веќе станаа незаменлив критериум за рамноправно вклучување на глобалниот пазар на трудот.

Ние не почнуваме од нула. Во земјата постои солиден ИТ-сектор кој секоја година бележи сè поголем раст со креирање нови работни места и со зголемување на уделот во македонската економија.

Покрај намалувањето на невработеноста и растот на економијата, дигитализацијата овозможува транспарентност неопходна за да ја минимизираме можеби најголемата болест за секоја држава, а тоа е корупцијата. Тука ја вклучувам и секојдневната, таканаречена ситна или бенигна корупција која реално ги оптоварува јавните услуги, но уште повеќе високата, малигна корупција поврзана со организираниот криминал.

Во прилог на оваа теза доволно е да го погледнеме четвртиот Глобален индекс за корупција за 2021 година што покажува дека дигитално најразвиените економии имаат најниско ниво на корупција, зборувам за Европа. Освен тоа, дигитализацијата ќе го крене нивото на услуги за граѓаните, ќе придонесе да имаме поточни и навремени податоци за состојбите во државата, ќе го олесни водењето на бизнисот, ќе создаде поволна клима за иновациите, отворањето инкубатори и стартапи, и образувањето на новата генерација дигитални номади.

Почитувани присутни,

Колку и да изгледа несоодветно да се зборува за дигитализација во време кога државата се соочува со сериозна енергетска криза и ценовни шокови, сепак, не смееме да дозволиме моменталните предизвици да нè спречат да го планираме овој неопходен чекор во развојот.

Не постојат добри услови за почеток на позитивните промени. Добрите услови ќе бидат резултат на позитивните промени. Успехот на нашата генерација ќе се оценува врз основа на тоа дали ќе успееме да обезбедиме подобра иднина за нашите млади, тука во Република Северна Македонија. А тоа ќе го постигнеме само ако изградиме напредно општество втемелено врз знаење и одржлива економија втемелена врз технологии.

Верувам дека со својата платформа за просперитетна иднина, „Македонија 2025“ ќе биде дел од нашите заеднички напори за трансформирање на целото општество во просперитетно и за оваа и за идните генерации.

Ви благодарам и ви посакувам успешен самит.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на ЗНМ и на меѓународни новинарски и медиумски организации

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на ЗНМ и на меѓународни новинарски и медиумски организации

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Здружението на новинари на Македонија, како и претставници на неколку меѓународни новинарски и медиумски организации. На средбата се разговараше за прашања поврзани со слободата на изразување и независноста...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Ангола

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Ангола

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Ангола во Република Северна Македонија со седиште во Будимпешта, Жозе Филипе. На церемонијата на предавање на...

Доделено признанието „Инженерски прстен 2023“ на 12 најуспешни дипломирани инженери

Доделено признанието „Инженерски прстен 2023“ на 12 најуспешни дипломирани инженери

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги врачи инженерските прстени на 12 најуспешни дипломирани студенти од македонските факултети што негуваат инженерски дисциплини. Манифестацијата „Инженерски прстен“, која традиционално е под покровителство на претседателот на...

Отворен кабинет со ученици од САД на размена во земјава во рамки на програмата Yes abroad

Отворен кабинет со ученици од САД на размена во земјава во рамки на програмата Yes abroad

Во рамки на активноста Отворен кабинет денеска Кабинетот на претседателот го посетија ученици од САД кои се на размена во земјава како дел од програмата Yes abroad на Американски совети за меѓународно образование – Северна Македонија. [gallery...

Интервју на претседателот Стево Пендаровски за Радио Слободна Европа

Интервју на претседателот Стево Пендаровски за Радио Слободна Европа

Понижувачки е да се слушаат критиките кои доаѓаат од САД и ЕУ, но тие претходно направија стратешка грешка и го заборавија Западниот Балкан и овие директни критики доаѓаат дури сега, вели во интервју за Радио Слободна Европа, претседателот Стево Пендаровски. Тој...