По повод „8 Март, Денот на жената“, претседателката Гордана Сиљановска- Давкова присуствуваше на свечената седница на собранието и се обрати пред пратеничките и пратениците.
За настанот, таа вели: „Сакав да упатам антивоен апел со укажување дека жените и децата се најголемите воени жртви, но и да побарам од надлежните органи итно преземање систем на активности и мерки против растечкото насилство врз жената до степен на фемицид, внимателно да ги сослушам панелистите од собраниските редови оти знам дека има што да кажат, како и да разменам ставови со докажаните активистки за женски права.“
На говорниците и одржаните говори, вака гледа: „Со разбирање, почит и пријателски зборуваше претседателот на собранието, г-динот Африм Гаши, а четирите пратенички: Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Белимова од „ Знам“, Јована Мојсовска од „ Левица“, Дијана Тоска од ДУИ, Фериде Хаџиу од Демократското движење и генералната секретарка Марина Димовска, говореа умно, критички, просветителски и обединувачки и ЖЕНСКИ и покрај различната партиска припадност и идеологија!“
Претседателката жали за отуството на пратеничките и пратениците од најголемата опозициска партија и тоа за неа фрла сенка на демократскиот капацитет на политичкиот, партискиот, собранискиот, но и женскиот дијалог.
Исто така, таа потенцираше: „Ми недостигаа основачките на женското движење, иницијаторките на формирањето на Женското лоби, Клубот на пратеничките и Комисијата за еднаквост на жените и мажите, нивните претседателки, жените коишто се синоним за женска солидарност, свест, обединување, победи“.
Со чудење и неверување го коментира настанот: „Во собранието, што се смета за најпрестижна школа на демократијата, по триесет и пет години тешка, макотрпна и сакана работа, во која, стартувавме со 3,3 % женско пратеничко учество, успеавме да стигнавме до 42% и на „8 Март, Денот на жената“ се бојкотиравме себеси!“
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.
Почитуван г-дин претседател на Собранието г-дин Гаши,
Почитувани и сакани пратенички,
Почитувана заменик министерке,
Почитувани гостинки, борци за женските права,
Почитувани екселенции,
Јас нема денеска многу да должам, но најпрво да ви го честитам Денот на учителите и на учителките, прекрасен ден, не случајно во предвечерието на 8-ми Март. Нема да должам, но би сакала да кажам бидејќи гледам многу празни места, дека секогаш Собранието сум го доживувала како Вирџинија Вулф, како сопствена политичка соба. Не откажувајте се од неа. Тука водете ги битките. Тука праќајте ги пораките. Она што никогаш во животот нема да го заборавам е дека сум била дел од собраниски состав со 51 жена. Би сакала овој број да се надмине на следните избори, ама се намали на 47. Мислам дека тоа не е женска суета, ниту егоцентризам, туку порака да не се откажуваме од многу ум, знаење, енергија, креација, убавина, особено во сфера на криза. Мислам еден поет, добитник на Струшките вечери, наградата на Струшките вечери на поезијата, Жан Пјер Симеон, рече дека поетите ќе го спасат и поезијата светот. Јас велам жените се поезија, среде драмата, среде трагедијата светска, и цврсто верувам дека жените ќе го спасат светот. Нема да должам многу, на почетокот многу работи сум кажала, ама за мене политиката беше и останува дијалог. Уметност на можното. Реалистички оптимизам втемелен на идеализам на вредности и на принципи, на Кантовиот императив дека човекот е цел, а не како средство. Јас трајно и цврсто верувам дека во животот: приватниот и професионалниот, политичкиот и општествениот не постојат ненадминливи бариери за човекот, а, особено не за жената. Ние, жените ем сме чувствителни, ем сме силни суштества. Дури и подолго живееме од мажите во просек не случајно. Силата ни извира од мајчинската улога, од интуицијата, од емотивната интелигенција, од емпатијата, од алтруизмот, од неуморноста, од постојаноста, од посветеноста, од храброста и од мирољубивоста!
Јас верувам дека во овој (воз)немирен или немирен свет, како непристојно место за живеење, повторувам во жените е спасот не само за Балканот, за светот, за човештвото. Стоички се борат за опстанокот на семејството и домот, но и на планетата, природата и на заедницава. Денешната жена, јас ја викам современа Петкана, а не Петко, која мора да го критикува мажот Робинзон Крусо, кога не ја гледа или не сака да ја види грдата реалност, кога ужива во неконтролираната моќ, наместо во љубовта, одговорноста и добродетелството, кога не признава дека мачо светот западнал во тешка лидерска криза, кога глуми дека не слуша воинствени повици, или нема слух за добронамерни женски мировни совети.
Жените сеуште им пркосат на предрасудите, стереотипите на патријархалните фрустрации, во недостиг на многу еманципирани мажи.
Ние, јас велам сме од родот на Венера и не смееме да молчиме пред Марс и пред марсовците. Мора да укажеме дека „не цветаат јаблани и круши“, туку дека цвета воената индустрија, а, уште нерасцветани, венеат хуманоста, честа и вредените животи.
Денеска никој не е невин, во ова време, невреме. Виновни се воините, ама и набљудувачите, не само нелуѓето, туку и луѓето, кога гледаат што не е за гледање и молчат за нешта што не смеат да се премолчуваат.
Ние, жените, повторувам, полека, но сигурно се качуваме по човечките врвици, ги освојуваме еден по друг врвовите, вклучувајќи ги и политичките, го потпираме и крепиме општеството, сеуште градиме мостови, одгледуваме семејни и образовни градини, лекуваме со знаење, со љубов и разбирање, најчесто даваме бесплатни совети, раѓаме и растеме мир, патиме за други, охрабруваме, смируваме помируваме, превземаме туѓа одговорност, сочувствуваме со познати и непознати, веруваме во правда и морал, романтичарки и оптимистки сме, оти животворни суштества, со хумана мисија сме.
Само нешто што најмногу ме боли, и сакам годинава посебно да го потенцирам. Би го насловила тоа, мојата порака дека време кога владее Марс, а Венера е жртва. Сакам да осветлам едно прашање што подолго време фрла сенка на многу животи – родово базираното насилство. Се работи за мене за злосторство што не познава граници, надминува култури, го релативизира социо-економскиот статус и бара обединета акција: не само нашата и тука, не само на власта, на органите на власта, не само во регионот, туку и пошироко.
Кружи баукот на една потресна статистика од која се срамам: една од 3 жени во светот доживува физичко или сексуално насилство во текот на животот. Ако е проблемот планетарен, тогаш мора планетарно да се решава .
Зборуваме за постојни конфликти, за растечки конфликти, за длабока криза, за предвоено, воено и повоено време, знаеме дека во време на војна ризикот по женскиот род се удвојува, зашто жените и девојчињата дури се инструментализираат за воени потреби. Тоа ме боли.
Верувам дека дигиталните платформи се трансформативни, ама не смееме да криеме и премолчуваме дека тие се и плодна почва за онлајн насилство, за онлајн злоупотреба, за тешко вознемирување и за тешка експлоатација. Колку „јавни соби“ колешки и колеги, треба да ни се случат за да реагираме?
Да не забораваме, не се работи само за бројки и статистики, се работи за живот, за животни приказни. Тие не треба да се промовираат, да се продаваат, да се дозволуваат, да читаат, да се шират, и да се пропагираат.
Се работи за трагични приказни на несреќни луѓе, за личности на кои им се одземени безбедноста, мирот, достоинството и слободата.
Тие не потсетуваат на мисијата на секој човек, на секоја власт, на секоја држава, на секој парламент, на меѓународните организации кои, ако не ја вршат, ако не ја вршиме функцијата заради која постоиме, ја губиме смислата на постоењето. Има Обединети Нации, Совет на Европа, има ЕУ, има Меѓународен кривичен суд, има Суд во Стразбур за човекови права, има Суд во Хаг. Ама какви се тие судови чии пресуди не се почитуваат и спроведуваат?
На збунетото и конфузно човештво му треба свет во којшто нема да се толерира насилството врз младите жени и девојки, но и насилството врз било кој човек. За да го постигнеме ова, треба да отвараме мировни фронтови на сите страни, ама најпрво овде. Меѓу пратениците и пратеничките, меѓу различните партии, меѓу луѓето. Треба да зборуваме и да убедуваме, наместо да се расправаме, навредуваме, караме и повредуваме.
Имаме законодавство, но треба да го зајакнеме, да ги затвориме правните празнини, да го спроведуваме и да ја мониторираме имплементацијата.
Не е доволно да се фалиме дека сме предвиделе кривично дело фемицид, кога јавните обвинители покренуваат обвинение за друго, полесно дело, а судиите ја бираат најлесната казна.
Треба да ја прецизираме одговорноста на сторителите, да не посегаме по преквалификација.
На тепаните, на злоставуваните, на повредените и преживеаните жени не им треба само нашата емпатија, туку нашата духовна и социјална поддршка, засолниште, бесплатна правна помош, поддршка да си го изградат животот што без нивна волја бил урнат.
Најважното во битката со насилството, за мене се едукацијата и превенцијата, а не лекувањето на последици.
Потсетувам, ОН никнаа како антивоен и антиколонијален проект. 80 години потоа, се случува војна. Дури никој не ги ни споменува нивните мировни мисии и сили кои ќе бидат потребни и во Украина и на другите фронтови.
Почитувани,
Европската Унија се роди како Европска заедница за да стави крај на стогодишните војни на европските народи и тие да живеат под траен мир и благосостојба. Се случува војна на европско тло.
Мора да промовираме и учиме на ненасилство од рана возраст, мора гандиевски да пристапуваме кон проблемите. Мора да ги ангажираме сите на кои се однесува проблемот, да создаваме сојузништва, наместо ривалства. Ама и да ги санкционираме оние кои напаѓаат други држави и повредуваат и убиваат други луѓе.
Најстрашно е кога прашањето за семејното насилство и насилството врз жените и девојките го третираме како женско прашање, а не како најважен општествен проблем.
Насилникот не гледа жив субјект, туку објект, некогаш жена или девојка, друг пат некое животно, трет пат- шума, четврти пат – малцинство или народ.
До ѕидот на срамот сме. Никој не е невин, кој со чинење, кој со гледање. Да си замислиме, ама и да работиме на иднина во која ниту едно дете нема да расте како сведок на насилство во домот, ниту една жена нема да живее во страв дека се движи сама и дека и прети насилство, ниту еден преживеан нема да се чувствува замолчен, а уште помалку засрамен заради тоа што ја споделил приказната и затоа што рекол дека ова што мене ми се случи, не сакам никому да се случи.
Мислам дека имаме должност да се движиме кон свет ослободен од насилство по било кој основ. Можеби е ова амбициозно, но некогаш и тоа што нам ни изгледа неможно, може да се оствари, ако сме храбри, ако сочувствуваме, ако ги споделуваме убедувањата, но и ако делуваме секогаш кога треба.
Завршувам.
Да се обидеме ги слушнеме и разбереме жртвите на насилството, да го чуеме нивниот глас, да одговориме погласно, да не ја забораваме и да не ја толерираме грдата реалност.
Верувам дека ова ќе допре до секој поединец овде во ова Собрание, ама и пошироко. Сигурна сум дека мора да ја свртиме плимата против насилството.
Јас не би седела овде, не би дошла овде, и не би зборувала пред вас, ако не верувам во свет во кој секој ќе може да живее ослободен од страв, со надеж, како што пееше Џон Ленон, пред да биде убиен во Централ Паркот, речиси пред својот дом.
Замислете си дека сте парламентарни во вашиот парламентарен дом!