Обраќање на Сиљановска-Давкова на панел-дискусијата „Од пријавување на насилството до спречување на фемицид – системски одговор“

25 ноември 2025 | Обраќања

Обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на панел-дискусијата насловена „Од пријавување на насилството до спречување на фемицид – системски одговор“, организирана од мисијата на ОБСЕ во Скопје, по повод почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово-базирано насилство“.

Најпрво, се чувствувам пријатно опкружена со тројца соговорници. Тоа значи дека тие го познаваат проблемот. Добро е кога мажи говорат за фемицид бидејќи жртви, најчесто, се жените и децата.

Благодарност за сите присутни, меѓу кои има жени коишто далеку подобро од мене го познаваат проблемот и секојдневно се соочуваат со него. Јас не знам веќе низ колку агли сум го анализирала, па решив и покрај тоа што подготвив говор, некаде среде ноќ, да се обидам, феноменолошки да го адресирам проблемот.

Зошто? Бидејќи, и по толку декларации, резолуции, законски измени и активности, проблемот не само што останува, туку се трансформира во агресија. И си велам: да не треба ние, наместо 16 дена активизам, а преку годината пасивизам, да го адресираме проблемот преку 16 дена жени во црно за да кажеме дека е неодржлив.

Ќе се обидам, феноменолошки да одгатнам, според моето видување, каде се причините за опстојувањето на фемицидот. Како правник, го знам членот 10 став 1 од Уставот, според кој животот е неприкосновен, ама се чини освен женскиот живот. Ставот 2 вели дека не може да се изрече смртна казна по ниту еден основ. Да, ама ние сме субјект, односно објект на изрекување смртна казна од тотално неовластени субјекти – мажи!  И за нас, жените, животот е важен. Животот е наш и ние имаме право да го живееме така како што сакаме, по свое.

И членот 11 од Уставот гарантира неприкосновеност на физичкиот и моралниот интегритет на човекот, значи и на жената, оти женските права се човекови права, но нашиот физички и морален интегритет не е заштитен. Забрането е мачењето, нечовечко или понижувачко однесување и казнување, но сведоци сме дека тоа често се случува и се толерира. Се забранува и присилната работа, но ние, по не знам колку работи извршуваме.

Искрено, имав голема надеж во 2023 година, кога со измените на Кривичниот законик го регулиравме родово заснованото насилство, дека сме на прав пат и дека ќе дојде до справување со фемицидот. Не се случи тоа, напротив. За мене е болно, а гледам овде судијки и луѓе од правната фела, што често фемицидот се третира во постапката како квалификувано кривично дело, како убиство, а според мене е грозоморно убиство. Зошто? Заради тоа што причината е жената.

Тоа, за мене е неочекувано и неодржливо, на крајот ќе посочам зошто. Мислам дека фемицидот е ужасна круна на претходното толерирање на насилството од различен вид.

Донесовме Закон за спречување и заштита од насилство и семејно насилство, меѓутоа, тоа е реалност. И отвора пат за нешто пострашно, доколку се толерира, доколку не се лекува и доколку му се остава простор за развој. Законот предвидува превенција, заштита на жртвата, координација меѓу институциите, меѓутоа, велам дека за сето ова, како што споменаа и претходните говорници, потребна е освестеност, посветеност, ефикасно справување, а нив ги нема. Донесовме Закон за заштита од дискриминација, врз основа на пол, род, сексуална ориентација, во и покрај законските одредби, коишто понекогаш, доколку не се остваруваат, делуваат илузионистички, продолжува насилството.

Истово важи и за Законот за семејство бидејќи во него има одредби за семејното насилство.

Да не говорам за другите закони, оние за пакетот, исплата, паричен надомест на жртви, бесплатна правна помош, стратегии. Насилството драстично расте, рапидно расте фемицидот. Ќе се обидам да одгатнам.

Мислам дека толерирањето на насилството на некој начин, креира почва, (неприродна), и кулминација во фемицид или ако сакате, толерираното насилство во семејството и пошироко, некако ги ниже чекорите, го зајакнува и на крајот прераснува во фемицид.

Фемицидот, по мене, на некој начин е близнак со други слични појави, како етноцид, екоцид, лингвацид, културоцид. Сите тие опстојуваат во атмосфера на недозволена толеранција.

Најстрашното, како што чувме, е дека актерите на фемицидот се најблиските на жртвите.

Страшно е кога нашите најблиски се однесуваат не само како сопственици на својот живот, туку и како сопственици на нашиот. Зошто мислам дека е важно ова да се потенцира?

Светот виден со широко отворени очи, особено со женските, е свет на длабоки поделби, речиси, од карактер на бездна. Светот е пирамида чиј врв има неколку проценти фараони, пребогати, декадентни, аздисани луѓе. Не знам дали може да ги наречеме луѓе. На дното пауперизирани слоеви меѓу кои најмногу жени. Отсуствува среден слој, најчесто интелигенција, мислечки луѓе, луѓе што можат да живеат од својот труд, луѓе со емпатија, луѓе посветени не само на сопствениот живот, но и на рес публика, на добро на заедницата.

Второ, сведоци сме на банализација на злото. Банализацијата е до степен на нормализирање на ненормалното. Ако ги анализираме медиумите, социјалните медиуми, вестите итн. Секојдневно сме бомбардирани со хорор-вести. И тоа станува нешто нормално, а ненормално е. Значи, светот, реалниот, е бизарен, во медиумите, во филмовите, настаните, а особено социјалните мрежи. Тоа се сè слики што се врзани за насилство.

И гледате нешто што не е филм на Хичкок, туку е реалност, секојдневие. Пред некој ден, ќе се онесвестев, кога до мене беше внуката, а една од првите вести по сите телевизии беше „силување на петгодишно дете“. Не знам дали е тоа освестувачки или турка кон банализирање.

По мене, длабоката поларизација и милитаризација, како тенденција, како и секојдневните воени слики во коишто најчести жртви се жените и децата, создаваат претстави коишто, за оние што размислуваат, се шокантни.

Но, окото ја прифаќа сликата и кога нешто нонстоп се повторува пред млади луѓе и деца, како да се навикнува.

Кога споредувам или кога гледам низ призма на децата и младите, се враќам во моето детство и мојата младост, кога некако, како да имаше повеќе простор и услови во посиромашно општество и за уметност, и за култура, и за спорт, и за книги, и за морал и за етика. Затоа, јас повикувам да одиме на планините и планинарењето. Ајде да стане тоа што било во мојата гимназија, кога за да добиете петка мораше да имате посети на театар, а за да добиете петка по уметност, посети на изложби. Културата е здрава, спортот е здрав. Шокантни вести со декадентни слики, мислам дека се нездрави.

Значи, во сликите со кои се бомбардирани, моделот на декадентен, па дури на перверзен живот, доминира. „Селебрити“ стил, некако ги импресионираа младите во фаза на отпор, во фаза на спротивставување на родителите, во градење на сопствената личност.

Друго, што не треба да го заборавиме, е моделот на политичката култура. Во најголем дел од светот, особено во светот на конфликтите, во сиромашниот свет, па и кај нас, сè уште доминираат силни елементи на патријархалното и на парохијалното. И тие се селат од дома во партијата, во парламентот, во сите институции. Тој модел мора да се менува. Не се менува политичка култура со устав или со потег на перо, се менува со заедничка еманципација, машко-женска, детска, човечка еманципација.

Исто така, мислам дека една од причините за раст или за дивеење на фемицидот е состојбата во светот со меѓународните институции, коишто се маргинализирани, па дури и судските институции и нивните пресуди, не се почитуваат. Сето тоа отвора пат за постапки, што не се само надвор од правото и правдата, туку се надвор и од етиката и од нормалното.

Вербалното и емотивното насилство мислам дека имаат голема улога. Тие, во реал- политиката се „нормални“, иако нездрави.

Понатаму, сè уште имаме проблеми со силни претграѓански тенденции, со идентитетски „војни“, елементи на судири на цивилизации. Она што најмногу ме загрижува е што говорот на омраза, како да стана нормален инструмент во комуникацијата, дури и предизвикува далеку поголем интерес во политичкиот живот, одошто оној на кој ги мери зборовите, внимава на соговорникот или на слушателите. Ние стимулираме таков вид на говор, толерирајќи го или поддржувајќи го. Значи, понекогаш сме сведоци на убиствен речник, како оној од приказната за мечката, кога ловџијата ја убил, ама пред да ја убие ја навредил, велејќи дека не мириса убаво. Таа умирајќи вели дека многу повеќе ја болел лошиот збор, одошто куршумот.

Тоа се случува во реалноста. Но, она што најмногу ме загрижува е мазохизмот. Мазохизмот кај определени чини. Еве, ќе ви дадам примери, мазохизмот понекогаш се бара и се толерира кај слабите. Ако се толерира мазохизмот, тогаш тој станува од ненормален нормален и го стимулира садизмот. На пример, ако ме плукне некој, некоја силна држава, некој силен политичар, тоа требало да се третира како дожд.

Значи, слабите се поплавени, а овие плукачите во реал-политиката, прават нешто што е нормално. Тоа, за мене е само мазохизам. Мислам дека односот на мажот кон жената, родителите кон децата, на противниците во играта или во натпреварот, или во политиката, треба да се темели на принципи и на вредности. Значи, секогаш кога насилството, а особено кога фемицидот, се минимизира од јавноста и од мажите, дури понекогаш од судиите, се стимулира.

Понатаму, она со што мораме еднаш да се соочиме и да го спречуваме е да ја оспоруваме апсолутната моќ. Дали е дома, дали е во институциите, дали е во владата, дали е во парламентот, дали е тоа во љубовта, дали е во бракот – секаде.

Мислам дека, затоа, овие 16 дена активизам не смеат да остават простор за 349 дена пасивизам или неказнивост.

Три процеси ќе споменам за кои мислам дека се важни, се врзани за правната, институционалната и фактичката состојба. Да, понекогаш е потребна поголема правна прецизност. Кога дискутиравме за дефиницијата на фемицидот, имавме предвид дека постои опасност тој, во судењето да не се перципира така како што треба да се перципира или како што, ние кои сме свесни за тоа го перципираме, туку поинаку.

Значи, нам ни треба прецизен јазик, дефиниција, ни треба прецизна евиденција, ни треба аналитички пристап кон фемицидот и кон сите форми на насилство. Кога зборуваме за институциите, да, ни треба и институционална репрезентативност и женска видливост на најклучните позиции. Пред сè, мислам на зголемувањето на учеството на жените на клучните позиции и во одлучувачките структури во правосудството и обвинителството. Нам ни требаат храбри, освестени жени кои се сакаат затоа што се жени, кои заслужуваат да си го живеат животот по свое и кои умеат со знаење и со аргументи да го бранат тоа.

Понатаму, Академијата. Понекогаш се срамам да кажам дека на мојот факултет, каде за првпат се воспоставија студии за жени и политика, сè уште немало жена деканка. Исто така, Ирска направи исчекор во Европската Унија, во која имаше само две жени претседателки во Европската Унија, а сега третата е ирската. Во нашиот регион, пак, има три жени претседателки.

Мораме од градинка да почнеме да ги учиме децата, што значи насилство, што значи ненасилство и зошто сите се рамноправни. Мора да се посветиме на родовите студии, на правото, на социологијата и филозофијата, како задолжителни во сите степени на образованието. Можеби, затоа во некои држави кон децата се обраќаат со „Вие“, за да покажат дека се личности дома. Првите чекори се важни. Прашањето на насилството е суштински проблем и мора системски да се реши.

Мора да имаме еден правичен систем, ама и ефикасен и функционален, како што кажаа претходните говорници. Не е доволно темата за родово базираното насилство морално да ја драматизираме, туку треба да имаме јасни индикатори, засновани на сериозна анализа, институционална конзистентност и постојано да зборуваме за тоа и да допиреме до сите генерации за да создадеме освестеност и желба за справување со насилството. Се работи за системски феномен, се работи за системска појава. Тогаш, ние мора системски да пристапиме кон нејзиното решавање.

Фемицидот не смееме да го третираме како трагичен, поединечен настан, туку како општествен неуспех и на политичкиот систем, неуспех на институциите, неуспех на законите да превенираат и што е најстрашно, неуспех на целото општество да го препознае насилството, оти инаку нема да може да реагира навреме и соодветно. Добро е да имаме статистика, но мора да има и одговорност што доасега не ја видовме.

Иако имавме јасни предупредувања од потенцијалните жртви, задоцнивме. Со тоа, соучесници во фемицидот станувале сите кои го знаеле ова, а сепак не реагирале. Мора да престанеме да реагираме пост фестум. Ако дискутираме за проблемот и сме активни само 16 дена, во следните денови, ќе се соочуваме повторно со родова омраза, со енормна моќ, со контрола врз женскиот ум и врз женското тело, што ќе биде плодна почва за фемицид.

Ни треба поинаква култура на живеење. Мора да го надминеме садомазохистичкиот свет, да создадеме култура на срам за тоа што некој го направил, на непријатност, ако сакаме да исчекориме.

Затоа, сметам дека можеби следните 16 дена би можеле да маршираме како жени во црно, да маршираме. Мора да создадеме општествена свест за сето ова, а најмногу кај момчињата и мажите.

Шокантно е жените да се инспирација за мажите во толку многу песни или слики, како прекрасни, совршени суштества, а да бидат најчести жртви на ужасно насилство, па дури и на фемицид. Само жената и мажот прават човек. Редно е светот да се види и низ женски очи, а најдобро се гледа тогаш кога ние можеме да одлучуваме заедно со мажите.

Да почнеме од образованието и од воспитувањето, да продолжиме со силни правни гаранции и посветени институции, ако сакаме да живееме во пристоен свет. Постојано велам дека е добро да го искористиме и женскиот ум, знаење, убавина, креација, интелигенција, како ум на 50 % од популацијата. Да го следиме совршениот ритам на природата.

Еве, прв почеток во светската еманципација нека биде изборот на прва жена генерален секретар на Обединетите нации. Затоа, јас овде, ама и многу други жени надвор, повторуваме дека тоа ќе биде првиот чекор кон промените. Обединетите нации никогаш не биле попотребни од сега, ама се целосно маргинализирани. Таа продукција на документи, на декларации, на резолуции наликува на индустриско производство, меѓутоа резултатот е ограничен.

Ви благодарам.

Се обидов да фрлам една друга слика, а не онаа за која многупати сум дискутирала со мнозина од вас, најмногу жени, меѓутоа мислам дека мора нешто поинакво да сториме ако сакаме да почнеме да го решаваме овој ужасен, светски, европски, регионален проблем, но, пред сè, човечки.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова: Фемицидот е еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени

Сиљановска-Давкова: Фемицидот е еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на панел-дискусијата насловена „Од пријавување на насилството до спречување на фемицид – системски одговор“, организирана од мисијата на ОБСЕ во Скопје. Таа истакна дека...

Средба на Сиљановска-Давкова со делегација од Сенатот на Кралството Шпанија

Средба на Сиљановска-Давкова со делегација од Сенатот на Кралството Шпанија

Шпанија е наш важен партнер во НАТО, ООН и ОБСЕ и принципиелен поддржувач на македонските аспирации за членство во ЕУ, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната средба со делегацијата на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството...

Сиљановска-Давкова ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2025/2026 година

Сиљановска-Давкова ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2025/2026 година

„Изминативе дваесетина години се создаде почитувана, позната и експонирана заедница од над 300 успешни, реализирани личности, кои се издигнале над индивидуалните кариери и придонеле за општото добро“, оцени претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на доделувањето...

Сиљановска–Давкова му врачи орден на академик Кедев за највисоките образовно-едукативни, научни и алпинистички дострели

Сиљановска–Давкова му врачи орден на академик Кедев за највисоките образовно-едукативни, научни и алпинистички дострели

„За сето она што го направи за медицината, науката, спортот, за меѓународниот углед на нашата земја, но и за македонската демократија, најмалку што можеме да сториме е да му оддадеме признание“, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, истакнувајќи дека има...

Честитка од претседателката Гордaна Сиљановска-Давкова по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука

Честитка од претседателката Гордaна Сиљановска-Давкова по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука

Почитувани сограѓани Албанци, Со особена почит ви го честитам 22 Ноември Денот на албанската азбука, празник којшто претставува силен симбол на просветителскиот напор, културната зрелост и историскиот опит на албанскиот народ. Пред 117 години унифицираната азбука го...