Обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова на Третата глобална конференција на македонските жени во организација на ОМД

8 март 2025 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Третата глобална конференција на македонските жени во организација на ОМД, посветена на извонредната тема: „Инспиративни жени, поттикнувачи на промени“ којашто се одржува од 7 до 9 март 2025 година во Њу Џерси, САД.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувана Д-р Кристина Бундра, почитувани претставнички на ОМД, почитувани учеснички, гостинки и гости.

Дозволете ми, најпрво, да Ви се заблагодарам на поканата за учество на Третата глобална конференција на македонските жени во организација на ОМД, посветена на извонредната тема: „Инспиративни жени, поттикнувачи на промени“.

Далеку сум од вас, но како да сум со вас, верувам како Тихон дека „ мислата е побрза од светлината“. Како ваша национална и стратешка партнерка, Ви ветувам директна средба час поскоро. Ако на политиката може да се гледа и како на „ уметност на управувањето со државните и јавни работи,“ но и како на уметност на можното во процесот на преговори и договори , што би рекла Хана Арент , во неа мора да има место за жените, оти секоја власт може да корумпира, а апсолутната – апсолутно, предупредува лордот Актон.

Во ова немирно време во кое се уште доминира богот Марс, има потреба од политика водена од Венера, со маслинка, а не со оружје в раце.

Честит 8 Март, Меѓународниот ден на жените! Женските права се човекови права и без нивно почитување нема демократија. Со букетите в раце, да се присетиме на жените налик на кокичиња среде зима  – храбрите жени, жените визионерки како Мери Вулстонкрафт со нејзината „Одбрана на правата на жената, или Роза Луксембург или Клара Цеткин или Бети Фридман и Кејт Милет, но и многу други, кои направија цивилизациски исчекор кон подобар и порамноправен свет, иако евергринот „ Ова е машки свет“ на Џејмс Браун се уште не потсетува на насушната потреба од ИНСПИРАТИВНИ ЖЕНИ, способни да ја сменат политичката игра, посегајќи по белата шаховска кралица!

Минатиот март повикав на радикални политички промени и потреба од прва жена претседателка на Македонија и на 12 мај бев избрана. Посегнав по феминизација на политиката, не заради матријархатски егоцентризам, туку заради неопходноста од рамноправна машко-женска игра и синергија на ум, знаење, креација, инвенција. Мојата аѓутантка е жена, директорката и заменик директорката на Агенцијата за разузнавање се жени, претседателката на Советот за млади е жена, претседателката на Комисијата за помилување е жена, во сите тела што сум ги формирала го применив начелото на паритетна застапеност, но не себично и сексистички, туку со почитување на стручноста и компетентноста како примарни критериуми, во духот на меритократијата, а не на партитократијата.

Не сум осамена: собранието има една жена потпретседателка, Претседателка на Врховниот суд е жена, ректорка на универзитетот „ Св. Кирил и Методиј е жена“… Но, Владата е сè уште машки бастион што мора да се феминизира, а со тоа и демократизира.

Зошто е важно политиката да добие и женски печат? Во прашање е природен, логичен чекор со македонското општество, во кое, според последниот попис има 49, 9 % жени и 50, 1% мажи. Бројките покажуваат дека иако во речиси сите области : образованието, судството, здравството, администрацијата.. жените се побројни, тоа не важи за раководните функции, за што нема рационално објаснување, туку следи едноставен заклучок дека моќта сеуште е во машки раце, а реликтите од патријархална и поданичка политичка култура се отпорни на промен. Пред нас е голем предизвик за еманципација на мажите и жените.  Таа пак не се прави во еден ден, туку во текот на 365!

Почитувани, знам дека најдобрите ја напуштија Македонија во потрага по подобар живот. Јасно ми е дека меѓу вас има докажани, афирмирани, инспиративни жени, жени- лидерки! Некои од Вас лично ги познавам и ја знам вашата вредност, сила и посветеност. Вие можете и да поттикнете и да водите. Вие сте носителки и промоторки на промени.

Како што ги охрабрувам жените околу мене да се бават со политика, оти таа се бави со нив, така ве охрабрувам и вас. Вашиот успех е и наш. Кога вие сте на важни политички функции во земјата наш стратешки партнер, во ова драматично време на тектонски промени, ние се чувствуваме подобро и  посигурно. Ги поттикнувам храбрите македонски жени дома, но и во САД да влезат во политикатата, убедена дека по изодувањето на трнливиот женски пат, сигурно знаат да водат локална, регионална, национална или меѓународна политика, водени од општото, а не од личното добро!

Секако, политиката е само еден од домените каде ние можеме да ја покажеме и докажеме нашата извонредност и да го промениме светот. Знам дека сте вознемирени колку и јас од секојдневните апокалиптични слики во кои најголеми жртви се невините деца, жени, стари луѓе, цивили. Живееме во тешко историско време. Верувам дека ние жените можеме да ги донесеме промените, да го насочиме светот кон мир, а не кон самоуништување. Ние,како создателки на живот имаме посебна одговорност да го браниме правото на живот. А, токму ОН во 1995 година ја донесоа Декларацијата од Пекинг и Платформата за акција, еден од темелните документи за правата на жените и девојките. Тој документ треба да го гледаме како Светилникот од Александрија, што треба да оневозможи човечки бродолом!

Денес, поголемиот дел од нашата планета го има надминато архетипот на жената од Библијата само како мајка, сопруга, сестра или ќерка. Современата македонска и американска жена е сестрана Креаторка, па и на политиката како уметност на можното, како што веќе реков.

Ќе ја цитирам изјавата на една моќна жена во ОН, д-р. Phumzile Mlambo-Ngcuka за значењето на Декларацијата од Пекинг: „Родовата еднаквост е заедничка визија за социјална правда и човекови права. Мора да ги искористиме сите можности на национално, регионално и глобално ниво и да дадеме нов поттик за постигнување родова еднаквост, зајакнување на жените и девојките“.

Можеби е ова една од дефиниците на патриотизмот и македонизмот во 21 век. Некои од вас ја знаат мојата теза за знаењето како најмоќно оружје и зборовите како супер куршуми.

Сега сум во политиката: прва македонска претседателка, но не и последна.

За мене, политиката е дијалог втемелен на аргументи, неразделни од вредностите и принципите. Верувам дека во приватниот, професионалниот, политичкиот и општествениот живот не постојат ненадминливи бариери за човекот и за жената. Силата ни извира од мајчинската улога, интуицијата, емотивната интелигенција, емпатијата, алтруизмот, неуморноста, постојаноста, посветеноста, храброста  и мирољубивоста!

Верувам  дека во овој (воз)немирен свет, како непристојно место за хумано живеење, во нас, жените, е спасот за човештвото. Ако годинешниот лауреат на Струшките вечери на поезијата, Жан Пјер Симеон тврди дека поезијата и поетите може да го спасат светот , јас велам дека жените се поезија среде светската трагедија. Посакувам жена за првпат на чело на ОН.

И вие, драги учеснички, на конференцјата сте моја мотивација и инспирација, оти сте заминале и успеале во најкомпетитивното општество. Знам дека сте не само таму, туку и тука, во вашата прва дома, оти во право е Бернард Шо кога тврди дека: „сè може да смениме, ама само татковината не!“. Имало, и ќе има инспиративни жени, Македонки, а со нив и промени.

Never give up! Бидете благословени, оти Бог ја благослови Америка, ама и Македонија, штом толку пати се споменува во Библијата.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова оствари средба со турскиот претседател Ердоган

Сиљановска-Давкова оствари средба со турскиот претседател Ердоган

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Истанбул оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на којашто беше констатирано дека македонско-турските односи се одликуваат со силно пријателство, доверба и...

Сиљановска-Давкова ќе учествува на Дипломатскиот форум во Анталија

Сиљановска-Давкова ќе учествува на Дипломатскиот форум во Анталија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе престојува во работна посета на Република Турција, по повод учеството на петтото издание на Дипломатскиот форум во Анталија, коешто се одржува од 17 до 19 април на тема „Мапирање на иднината, управување со неизвесностите“....

Средба со Ровшан Мурадов, генерален секретар на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“

Средба со Ровшан Мурадов, генерален секретар на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Ровшан Мурадов, генерален секретар на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, со седиште во Баку, Азејбејџан. Генералниот секретар ја запозна претседателката со тековните...

Проштална средба со амбасадорот на Саудиска Арабија Фаисал Гази Исмаил Хифзи

Проштална средба со амбасадорот на Саудиска Арабија Фаисал Гази Исмаил Хифзи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Кралството Саудиска Арабија со седиште во Тирана, Фаисал Гази Исмаил Хифзи, кому му изрази искрена благодарност за посветената служба и за неговиот личен придонес во...

Сиљановска-Давкова: Анастас Коцарев е олицетворение на моќта на науката, но и верен македонски патриот

Сиљановска-Давкова: Анастас Коцарев е олицетворение на моќта на науката, но и верен македонски патриот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова постхумно го одликува Анастас Коцарев со Орден „Илинден – 1903 година“ за неговиот особен придонес во афирмирањето на самобитноста на македонскиот народ и за залагањето и активизмот за национално и социјално ослободување и...