Претседателката Сиљановска-Давкова денеска имаше средба со судии на Уставниот суд на Косово и судии на македонскиот Уставен суд

9 октомври 2025 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими претседателот на Уставниот суд на Република Косово, Неџми Реџепи и уставните судии Јетон Битиќи, Енвер Пеци, Ремзије Истрефи-Пеци, Бајрам Љатифи, Сафет Хоџа и Ветон Дуља, кои се во посета на македонскиот Уставен суд, придружувани од нивните македонски домаќини, претседателот на македонскиот Уставен суд, Дарко Костадиновски и судијката Ана Павлова-Данева.   
 
На средбата, уставните судии ја запознаа со континуираната и плодна соработка на косовскиот и македонскиот уставен суд, денеска крунисана со потпишување на Меморандум за разбирање.
 
Посетата помина во размена на експертски мислења за современата улога на уставните судови во развојот на косовската и македонската демократија, за компаративното искуство, за научените лекции, како и за уставно-судските предизвици со коишто се соочени двата суда. 
 
Судиите од Косово ја запознаа претседателката со работењето на судот во  изминативе 16 години, потенцирајќи ја неговата клучна улога во заштитата на уставноста и законитоста, човековите слободи и права, поделбата на власта, фер и демократските избори. Според нив, врзаноста на Уставниот суд на Косово за директната примена на Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права, му дава европски карактер, заради отвореноста и заснованоста врз општопознатите меѓународни стандарди и  можноста за широка интерпретација на правото. Тие посебно се осврнаа на судската пракса насочена кон гарантирање на родовата еднаквост, во духот на Истанбулската конвенција.
 
Претседателот Дарко Костадиновски ги презентираше досегашните чекори во соработката, оценувајќи ја како исклучително важна, а судијката, Ана Павлова-Данева изрази став дека релативно кусото косовско уставно-судско искуство, за разлика од долгото македонско искуство, чиј почеток е во 1963 година, не е хендикеп, туку е предност, заради заснованоста на најдобрите уставно-правни практики.  
 
Сиљановска-Давкова, високо ја оцени работата на косовскиот Уставен суд, којшто иако е најмлад во регионот, одигра важна улога во заштитата на Уставот, законите и човековите слободи и права. Таа изрази посебен интерес за уставната пракса поврзана со широката надлежност на судот, во која е вклучена и: обврската на претседателот на Собранието да го достави амандманот до Уставниот суд , пред да биде усвоен во Собранието; оценката на изборите и референдумите, како и на одлуките за вонредна состојба и уредбите со законска сила. Исто така, за неа е позитивно решението со кое во кругот на овластени иницијатори на уставно-судска постапка се вклучени граѓаните, со нивното право да покренат уставна тужба. И уставно загарантираната контрола на одлуките за воведување на вонредна состојба и уредбите со законска сила, е голем демократски чекор, што, за жал, не се случи кај нас по завршувањето на Ковид кризата.
 
Укажувајќи дека уставната правда е темел на правниот поредок, таа ја истакна потребата од продлабочување на комуникацијата меѓу двата суда, но и нужноста од регионалната уставно-судска соработка, заради унапредување на уставно-судската пракса, подобрувањето на ефикасноста на уставната контрола, како и градење институционална независност преку отпорност на политички влијанија.
 
На средбата беа разменети мислења и за политиката на проширување на Европската Унија, за македонскиот евроинтеграциски пат низ призма на конститутивните документи на ЕУ, како и за последиците од билатерализација на евроинтеграциите во регионален контекст.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид

Состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 ноември 2026 година (петок), ќе биде домаќинка на состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, чии коорганизатори се претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ....

Средба на Сиљановска – Давкова со претставници на јуниорската и сениорската кикбокс репрезентација

Средба на Сиљановска – Давкова со претставници на јуниорската и сениорската кикбокс репрезентација

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на македонската јуниорска и сениорска кикбокс репрезентација, кои на Светското јуниорско кикбокс првенство во Италија освоија три златни и два бронзени медали, како и еден златен, два сребрени и...

Сиљановска-Давкова: Добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот

Сиљановска-Давкова: Добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на заeдничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, со единствена точка на дневниот ред – Годишниот извештај на Европската Комисија за земјава, за 2026 година....

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука

Почитувани сограѓани Албанци, 22 Ноември е датум чие значење ја надминува симболиката на историски јубилеј. Тој е сведоштво за национална визија и свест за посебен идентитет, чиј темел е стандардизираната албанска азбука. Конгресот во Битола од 1908 година означи...

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма од новоименуваната амбасадорка на Република Естонија

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма од новоименуваната амбасадорка на Република Естонија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма од Н.Е. г-а Јана Ванамолдер, новоименувана амбасадорка на Република Естонија, со седиште во Будимпешта. На свечената церемонија, таа го истакна примерот на Естонија во демократската...