Сиљановска-Давкова се обрати на свеченоста по повод заклетвата на 29. класа на питомци и слушатели на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски

10 ноември 2025 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената заклетва на питомците од 29. класа и слушателите на Курсот за офицери и штабни службеници на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.

Таа истакна дека со денешниот чин младите питомци стануваат чувари и гаранти на македонската слобода, сигурност и безбедност. За неа, заклетвата е не само збир на патриотски зборови, туку и израз на решеност, истрајност, одлучност и верност.

Во своето обраќање, претседателката се осврна на современите безбедносни предизвици, нагласувајќи дека идните офицери, како дел од македонската, но и од НАТО-армијата, имаат обврска да ги негуваат највисоките професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, асиметрични и хибридни.

Сиљановска-Давкова потсети дека униформата е симбол на одговорност и доверба, додавајќи дека да се биде дел од македонската армија е посебна привилегија што обврзува на чесна и посветена служба.

Според неа, Воената академија е водечка образовна институција од областа на одбраната, а ликот и делото на генерал Михаило Апостолски се симбол на знаење, скромност, храброст и посветеност, извонредност.

На претседателката и беше врачена плакета во знак на признание за нејзината посветеност во развојот и афирмацијата на Воената академија.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Почитувани припадници на Армијата,

Почитуван Министер за одбрана,

Почитуван Началник на Генералштабот,

Почитуван заменик-началник на Генералштабот,

Почитувани питомци и слушатели на Воената академија „Генерал Михаило

Апостолски“,

Почитуван Ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“,

Почитуван Декане,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор,

Почитувани претставници на НАТО,

Почитувани родители,

Денешниов ден е голем за вас и свечен за сите: за вас, младите питомци и слушатели на курсот за офицери, македонски бранителки и бранители, во служба на слободата и независноста на татковината, но и на правото, правдата и мирот, во регионот, во Европа но и пошироко.

Вие, преку свечената заклетва влегувате во големото и сплотено армиско семејство, ветувајќи пред сите дека совесно, одговорно и бескомпромисно ќе ги браните  македонските уставно загарантирани: самостојност и независност, сувереност и територијален интегритет!

Знам дека и за вас, како и за мене, заклетвата не е само одбран збир на патриотски зборови, туку цврст израз на решеност, истрајност, одлучност и верност.

Денеска, пред вашите најблиски и најсакани, но и пред учителите и колегите: содружници во добро и во лошо, вашата генерација, гордо исправена пред знамето, станува заколнат чувар и гарант на македонската слобода, сигурност и безбедност.

Од денес, униформата ве открива како едуцирани и квалификувани дипломци.

Знам дека доаѓате од различни географски простори, дека потекнувате од различен социјален амбиент, дека имате различна етничка, верска, јазична и друга припадност. Но, сиве овие белези, во моментот се ирелевантни, не само за вас, туку и за мене, оти јас во вас гледам внимателно построени питомци на кои, како врховна командантка на Армијата сум особено горда, им верувам и ги охрабрувам на патот што го одбрале.

Почитувани питомци,

Почитувани присутни,

Стапувате во редовите на армијата кога сте најпотребни, во време-невреме на растечки непријателства и тензии, разгорени воени конфликти, длабоки геополитички бранувања и промени.

Како идни офицери на македонската, но и на НАТО-армијата, од вас се очекува да почитувате и да практикувате највисоки професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, но и асиметрични и хибридни, во различен простор: физички и сајбер. Но, не смеете да ги занемарите или да ги заборавите етичките и моралните вредности, ако сакате да останете луѓе и да бидете личности.

Во животот и во работата, не заборавајте го името на вашата образовна и професионална институција  ̶  Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, оти таа персонифицира знаење и извонредност на личност ‒ доктор на историски науки, од една страна, но и личност за која се врзуваат скромноста, едноставноста, храброста, вештината и посветеноста, од друга страна. Генералот е еден од стратезите на доктрината на автохтоната и автентична антифашистичка народноослободителна борба, водена и извојувана со сопствени сили, меѓу кои доминираа младите како вас, коишто се бореа за идеали. Михаило е легендарниот командант на Македонско-косовската ударна бригада, во чиишто подвизи учествуваше и мојот татко, како нејзин млад, но посветен припадник. Ордените за храброст го покажуваат тоа. Ви го посакувам истото.

Тука, на ова место, во вашиот втор дом, се образуваа и обучуваа сегашните, вашите  воени старешини и ќе се образуваат и обучуваат идните воени старешини на македонската армија, вклучувајќи и некои од вас. А, верувам дека и вие може да образувате други, еден ден, ако верувате, како мене, дека знаењето е огромна моќ!

Веројатно сте забележале дека при секоја смотра, не случајно, со гордост ја употребувам синтагмата „почитувани војници и офицери“! Значи, не изговарам фраза, туку изразувам  должно и заслужено внимание.

Добро е што академијата  е отворена не само за домашните апликанти, туку и за питомците на НАТО и на партнерските држави. За мене, регионалното разбирање и соработка се важни претпоставки на регионалниот развој, но и на регионалната стабилност. Споделувањето знаења, вештини и искуства, ја подобрува колективната одбрана и безбедност, а усогласената надворешна и безбедносна политика со ЕУ го зајакнува  европскиот и нашиот имунитет!

Почитувани,

Важниот јубилеј е потврда на децениската традиција на извонредност на Академијата и продолжувањето на мисијата на Академијата да биде темелна институција на одбранбеното образование во регионот, но и пошироко.

Почитуван Декане, почитувани професори, почитувани студенти, припадници на Воената академија, ви честитам на заслугите за тоа.

Почитувани идни офицери,

Вашата улога е клучна за колективната безбедност и одбрана: преку учеството во важни мировни мисии, воени вежби и цврсти партнерства со стратешките партнери и сојузниците.

Тоа ме прави горда на вас и среќна што сум со вас. Тоа ги прави вашите семејства, вашите пријатели, но и сите наши сограѓани, горди на вас, без оглед од каде доаѓате или на кој етнос и вера им припаѓате.

Заклетвата којашто денес ја полагате не е само обврска кон државата, туку обврска кон вас или кон сите нас: вие гласно ветувате дека ќе ѝ се спротивставувате на неправдата, ќе ја браните вистината, чесно ќе ја носите униформата секаде и секогаш!

На крајот, почитувани присутни, почитувани питомци, почитувани офицери, подофицери, особено родители, уште еднаш, ви благодарам за тешкиот, но инспиративен и почитуван пат по којшто тргнавте! Покрај вас сум.

 Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова: Системските недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција, бараат системски пристап во нивото отстранување

Сиљановска-Давкова: Системските недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција, бараат системски пристап во нивото отстранување

Покрај формалната, нужна е реална заштита на жените од насилство, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на јавната расправа за имплементацијата на Истанбулската конвенција, што ја одржа собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите. [gallery...

Сиљановска-Давкова од Подгорица: Време е за стратешки чекор на ЕУ кон Западниот Балкан

Сиљановска-Давкова од Подгорица: Време е за стратешки чекор на ЕУ кон Западниот Балкан

Време е за стратешки чекор на ЕУ кон Западниот Балкан. По долгата, па и маратонска евроинтеграција, заедничката географија, историја и култура треба да се заокружат со отворање на вратите за членство на балканските држави, порача претседателката Гордана...

Сиљановска-Давкова оствари средба со црногорскиот претседател Милатовиќ

Сиљановска-Давкова оствари средба со црногорскиот претседател Милатовиќ

Традиционално пријателство, меѓусебна поддршка и разбирање и заедничкa стратешка цел за членство во ЕУ ги карактеризираат македонско-црногорските односи, беше заклучокот на денешната средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со претседателот на Црна Гора,...

Сиљановска-Давкова ќе учествува на Балканскиот форум за интеграција 2025 во Црна Гора

Сиљановска-Давкова ќе учествува на Балканскиот форум за интеграција 2025 во Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе престојува во работна посета на Црна Гора, по повод учеството на Балканскиот форум за интеграција 2025 којшто ќе се одржи во Подгорица во организација на Европското движење во Црна Гора и Министерството за надворешни...

Сиљановска-Давкова: Нашата дијаспора може да биде важен ресурс за економски, образовен, научен и културен развој

Сиљановска-Давкова: Нашата дијаспора може да биде важен ресурс за економски, образовен, научен и културен развој

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на јавната расправа за Национална стратегија за соработка со дијаспората, организирана од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, презентирајќи оценка, забелешки и предлози. За неа,...