Интервју на претседателот Пендаровски за францускиот весник Ла Кроа (La Croix)

14 ноември 2019 | Интервјуа

Ла Кроа: Дали предвидувавте дека нема да биде одобрено отпочнување на пристапните преговори за влез на Вашата земја во ЕУ поради спротивставувањето на Франција на 15 октомври?

Стево Пендаровски: Ни се сруши светот. Ситуацијата со нашата земја, Северна Македонија беше многу јасна. Освен Турција, ние најдолго време имаме статус на земја кандидат. Веќе 14 години сме во чекалната на Европската Унија. Европската комисија веќе десет години дава сериозна препорака за започнување пристапни преговори со нашата земја која ги исполнува сите предуслови. Меѓутоа, требаше прво да го решиме историскиот спор околу името на нашата земја за да го надминеме грчкото вето. Тоа успеавме да го постигнеме со Преспанскиот договор од јуни 2018 година. А, ЕУ вели не одново? Оваа одлука што истовремено беше и непријатна и изненадувачка, не беше поткрепена со ништо. Впрочем, истата наиде на многу критики.

Ла Кроа: Како реагираа Македонците?

Стево Пендаровски:  Реакцијата беше многу негативна, се разбира. Многумина сметаат дека Брисел не се занимава со малите балкански земји, испраќајќи „не“ како награда за носењето на таа многу тешка одлука за промена на името на нашата земја (што народно и на национално ниво се нарекува Македонија, на меѓународно ниво се нарекуваше ПЈРМ од Поранешна Југословенска Република Македонија, а денес Северна Македонија…).  Во тој период, помалку од половина од Македонците ја прифаќаа оваа промена.

Но, охрабрувачки е тоа што 85% од Македонците сè уште се за влез во ЕУ. Сепак, колку долго ќе опстане тој ентузијазам доколку ЕУ упорно го одложува процесот? Тоа е судбината на малите земји, можеме само да ги молиме големите сили да не нè заборават.

Ла Кроа: За што разговаравте со Емануел Макрон?

Стево Пендаровски:  Претседателот Макрон сака, пред сè, ЕУ да се реформира, а потоа да прима нови членки. Но, ние не бараме да станеме членка веднаш, туку само да ги започнеме преговорите. Знаеме дека тој процес ќе трае долги години. Сепак, двата процеса, и реформирањето и проширувањето, може да се водат паралелно.

Покрај тоа, Емануел Макрон сака првенствено да ја ревидира методологијата на преговорите за да се воведе принципот на реверзибилност со цел да не се земаат здраво за готово поглавјата за кои веќе се преговарало, доколку отпосле состојбата повторно се влоши, како на пример во делот на слободата на медиумите или независноста на судството. Според него, преговорите досега биле многу бирократски и не гарантирале дека новите земји членки ќе ги достигнат европските стандарди.

Емануел Макрон ми кажа дека до земјите членки се проследуваат предлози за реформа на методологијата со амбиција таквиот предлог да се усвои напролет. Тогаш, би можело да се донесе нова одлука за Северна Македонија во првата половина на 2020 година кога Хрватска ќе претседава со ЕУ.

Ла Кроа: Значи Емануел Макрон јасно се залага за „да“?

Стево Пендаровски:  Не, но ние сакаме да веруваме дека тогаш ќе каже да. Тој прифати многу од моите аргументи  и призна дека Северна Македонија ги исполнува сите потребни критериуми за отворање на преговорите, за разлика од Албанија за која има сомнежи. Тој сака да дојде и лично да ги образложи своите ставови пред Македонците за време на посетата што е предвидена за првите месеци од 2020 година.

Ла Кроа: Дали, со одбивањето, ЕУ им ги отвора вратите од Балканот на други сили, како Русија, Турција, Кина, итн.?

Стево Пендаровски:  Стравот од изолација е нормална појава. Доколку ЕУ е отсутна од регионот, несомнено други земји од светот лесно ќе ги наметнат своите интереси. Но, тоа не е наша желба.

Јас имам 56 години. Половина од животот го поминав во поранешна Југославија. Потоа, повторно бевме подложени на авторитарна власт во десетгодишниот период на владеењето на Груевски (2006 ‒ 2016). Ние, од европските демократии, сакаме да научиме како да имаме стабилни политички институции, независно судство и слободен печат.

Ако немаме европска перспектива, доколку нашата иднина зависи само од нашите домашни политичари, ќе продолжиме да се враќаме наназад и ќе изгубиме стотина години. А нашите млади, особено оние најдобрите, ќе продолжат да си заминуваат. Се проценува дека околу 500 000 млади ја напуштиле земјата за период од дваесетина години.

Ла Кроа: Која беше целта на средбата што Вашата земја ја организираше со Србија и со Албанија на 10 ноември?

Стево Пендаровски:  Ние сакаме да создадеме еден вид мал шенген на Балканот, така што ќе ги укинеме царинските бариери и ќе овозможиме слободно движење на добра и на лица. Но, тоа никако не би било замена за пристапувањето во ЕУ. За жал, сè додека не се реши спорот помеѓу Србија и Косово, не можеме да спроведеме никаква иницијатива во регионот што би ги обединила различните страни. И ние имавме конфликт во 2001 година со албанското малцинство што претставува една четвртина од населението. Тој конфликт го решивме со помош на ЕУ и на НАТО. Оттогаш, степенот на интеграција на Албанците во институциите порасна од 2,4% во 2001 година на речиси 20%. Таквиот соживот е секојдневна проблематика во нашата земја и влијае на стабилноста во регионот.

Во изминатите месеци се занимававме со прашањето за решавање на конфликтот помеѓу Косово и Србија со промена на границите. Промената на границите на Балканот претставува огромен ризик за создавање ефект на домино во Босна и Херцеговина и во Северна Македонија, како и за нестабилност што би ги разурнала сите напори вложени на Балканот во изминатите триесет години.

Интервјуто го направи Мари Вердие

Текстот во оригинал на француски јазик е достапен наhttps://www.la-croix.com/Monde/Europe/Macedoine-Nord-Cela-fait-14-ans-nous-sommes-salle-dattente-lUE-2019-11-14-1201060396

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: Почитувани сограѓани, Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на...

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Честитка од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана...

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Стево Пендаровски денеска положи свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по повод 121-годишнината од неговата...

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите, ја упати следната порака: „Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество....

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

По повод 1 Мај, Денот на трудот, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: „Човечкиот е најскапоцениот ресурс за секоја држава. Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, е аларм за сите нас дека...