Претседателот Стево Пендаровски денеска приреди прием за учесниците на 54. Светска галерија на карикатури – Скопје 2022 и на Остен биенале на цртеж Скопје 2022 во Кабинетот на Претседателот, каде беше поставена и изложба на најуспешните карикатури од досегашните 54 изданија на Светската галерија на карикатури.
На приемот, покрај тимот на Остен, присуствуваа уметници и карикатуристи од повеќе земји, чии дела се поставени на изложбата што од вчеравечер е отворена во Чифте амам при Националната галерија на Република Северна Македонија.
На настанот свои обраќања имаа карикатуристите и уметници Драган Поповски, Владимир Боројевиќ и Мати Грумберг кои говореа за нивните искуства, размисли и идеи за иднината на карикатурата, осврнувајќи се на важноста на културата и на уметноста во еманципацијата и демократизација на едно општество.
Претседателот Пендаровски во разговор со присутните карикатуристи и уметници ги истакна значењето на пет и пол децениското традиционално организирање на Светската галерија на карикатури во нашата држава, како и посветеноста и опстојувањето на брендот „Остен“ како поттик за слободата и неконвенционалното изразување кај уметниците.