Претседателот Стево Пендаровски оствари неформална средба со сопругата и ќерката на академик Глигор Чемерски, еден од најзначајните современи македонски уметници и автор на два мозаика поставени во Кабинетот на претседателот.
На средбата се разговараше за вредното уметничко творештво на академик Чемерски инспирирано од експресионизмот и православните икони со кои оставил белег во современата македонска уметност.
Грандиозниот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ ги краси двата спротивни ѕида во Мозаик салата во Кабинетот на претседателот. Во првиот мозаик е претставена убавината и животот во нашата земја од античко до денешно време и содржи три сонца, амфитеатри и маски, зурли и тапани, растителен свет, додека вториот мозаик го претставува културното наследство со ликовите на светите Кирил и Методиј и Климент и Наум, глаголското и кирилското писмо, играчот од Стоби врамен во геометриските тела круг и квадрат, како и локалитетот Кокино. Бројни странски делегации и гости кои дошле во Кабинетот на претседателот преку овие мозаици се запознаа и со уметноста и културното богатство на нашата земја.