Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими амбасадорот на Италијанската Република, Андреа Силвестри.
На средбата беа потврдени традиционално пријателските односи меѓу двете држави, кои се карактеризираат со висок степен на разбирање и доверба, како и одличен политички дијалог.
Соговорниците разговараа за билатералните односи меѓу двете држави и го реафирмираа интересот и подготвеноста за нивно дополнително интензивирање.
Претседателот Пендаровски истакна дека високо ја цениме конструктивната и јасна италијанска поддршка на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија.
На средбата, амбасадорот Силвестри на претседателот Пендаровски му подари монографија посветена на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи, каде се опфатени најзначајните моменти од историско значење за двете земји, а која е во издание на италијанската амбасада.