Обраќање на претседателот Пендаровски на одбележувањето на 9-ти декември, Меѓународен ден за борба против корупцијата

9 декември 2021 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на одбележувањето на 9-ти декември, Меѓународен ден за борба против корупцијата. Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани присутни,

Ценети екселенции,

Дами и господа,

Чест ми е да се обратам на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата.

Според општоприфатената дефиниција, корупцијата е злоупотреба на доверената власт или јавна функција за лична добивка на сметка на јавниот интерес и како таква е најголемото зло за секој демократски политички систем, и за општеството во целина. Корупцијата е суштински неправедна, бидејќи, воведувајќи двојни стандарди, ја поништува еднаквоста на сите пред законот.

На економски план, ја нарушува слободната конкуренција на пазарот и ги обесхрабрува претприемачите и инвеститорите. Многу често резултатот се повисоки трошоци за помалку квалитетни производи и услуги. На политички план, ја намалува довербата во институциите, го поткопува легитимитетот на избраните претставници и, постепено, но сигурно ја нарушува довербата во праведноста и ефикасноста на демократијата како систем. А најлошиот ефект од сето тоа е: разочарани и аполитични граѓани кои изгубиле надеж дека нивниот глас може да направи разлика.

Корупцијата го комерцијализира човечкото достоинство, бидејќи кога човекот има цена, тогаш тој е сведен на дехуманизиран предмет на пазарење.  Кога со пари или со услуги се купуваат права и привилегии, се остварува економска добивка или се добива имунитет од обвинителско и судско постапување, тогаш се обезвреднува смислата на демократската правна држава. Затоа, мораме да се соочиме со најважното прашање: кој ја плаќа цената за корупцијата?

Пред неколку дена учествував на Форумот за детска сиромаштија и од истражувањата кои беа таму презентирани со сигурност произлегува фактот дека највисоката цена не ја плаќа ниту корумпираниот, ниту оној кој корумпира. Највисоката цена ја плаќаат најранливите членови на општеството – сиромашните деца, социјално загрозените семејства, самохраните мајки. Жртви на корупцијата се и младите кои не можат да се вработат, квалификуваните вработени кои не добиваат соодветна плата за својот труд, пензионерите кои немаат доволно пари за лекови и квалитетна медицинска нега.

Корупцијата ја загрозува и животната средина и здравјето на граѓаните, како што сведочевме низ бројните примери изминативе децении, почнувајќи од нелегалните градби, преку сомнителните набавки на неквалитетни лекови и медицински материјали, па се до лошото управување со отпадот и загадувањето на почвата и водите од индустријата.

Почитувани,

Корупцијата е една од главните причини и за се поизразените поделби во македонското општество. На вертикално ниво, корупцијата ја зголемува социјалната и економска нееднаквост бидејќи им овозможува на корумпирани поединци и групи да акумулираат средства на сметка на другите. Истовремено, таа создава и хоризонтална поделба меѓу самите граѓани, меѓу оние кои можат да си дозволат поткуп за некоја услуга и оние кои тоа не можат да си го дозволат.

Корупцијата го забрзува и иселувањето бидејќи практично го поништува системот на заслуги при вработување и унапредување. Соочени со ваква бесперспективност многу млади и квалификувани кадри едноставно си заминуваат во држави каде што постојат поинакви критериуми за напредување и наградување.

Со сите нејзини варијации и мутации, од мито, преку непотизам, кронизам, клиентелизам, корупцијата е природна средина за организираниот криминал. Високото ниво на корупција во релација со ниското ниво на доверба во институциите на државата ја зголемува несигурноста на граѓаните. Ако, на пример, граѓаните немаат доверба во полицијата или во правосудството, потешко ќе се одлучуваат да пријават корупција и криминал и да соработуваат со институциите.

Да резимирам, корупцијата ја слабее државата, ги осиромашува граѓаните, ги компромитира демократските институции. Цената ја плаќаме сите, особено, најранливите меѓу нас.

Почитувани присутни,

Независно дали причините за корупцијата ќе ги бараме во човековата природа, во системските и структурни недостатоци или законски празнини, има еден фактор што неспорно ја поттикнува, а тоа е културата на неказнивост. Тоа значи дека оние кои планираат да направат нешто противзаконито излегуваат од целиот процес без последици. Многу е важно, санкционирањето да не се ограничи само на лица од вториот или третиот ешалон на власта, туку да ги опфаќа и најмоќните.

Меѓутоа, она што посебно загрижува е што таквите поединци не само што не се санкционирани, туку отсуствува и елементот на јавен срам. На јавен срам треба да биде изложен секој за кој ќе се докаже дека е корумпиран. Културата на неказнивост го издигнува нечесното однесување на ниво на доблест, а чесните и совесни поединци со личен и професионален интегритет ги исмева. Оваа матрица на размислување е девастирачка за општеството и на краток и на долг рок.

За да излеземе од оваа надолна спирала неопходно е да вложуваме во културата на одговорност, транспарентност и интегритет. Неопходен е систем што ќе ги намалува можностите за корупција и ќе ја направи корупцијата општествено и лично неприфатлива. А тоа ќе го постигнеме ако цената за корупцијата ја плаќаат само оние кои тоа го заслужуваат.

Почитувани присутни,

Најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија укажува дека државата има одредено ниво на подготовка за превенција и борба против корупцијата, вклучително и високата корупција. Во извештајот е нагласена проактивната улога на Државната комисија за спречување на корупцијата. Има пофалба и за Акција 21 и за Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Но, не смееме ниту за миг да заборавиме и да изгубиме од предвид дека борбата со корупцијата не ја правиме за Брисел или Стразбур, туку пред се за македонските граѓани. Поседуваме стратешки документи кои ни даваат јасна визија за општество засновано на највисоки етички вредности кое на сите граѓани им овозможува еднаков пристап до одговорни и транспарентни институции и почитување на човековите слободи и права. Но, и најблагородната визија ќе остане само убава замисла ако не е пропратена со конкретни чекори.

Мора да продолжиме да даваме поддршка на Државната комисија за спречување на корупцијата, на независноста на правосудството и јавното обвинителство, на сите институции во искоренувањето на корупцијата. Ова е пред се и над се, задача за државата, но и за секој граѓанин и невладина организација.

Тоа ќе го постигнеме преку јакнење на надзорните и контролните механизми, дигитализација во јавните служби, вклучување на граѓанското општество и медиумите во борбата со корупцијата и преку градењето на личен и професионален интегритет. Наша должност е, борејќи се против корупцијата, да создадеме праведно општество на еднакви граѓани.

Без тоа, демократијата и државноста ќе ни останат само на хартија.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...