Обраќање на претседателот Пендаровски на конференција по повод Меѓународниот ден на човековите права

10 декември 2023 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер се обрати на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Почитувани организатори на конференцијата,

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Добра вечер.

Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на оваа конференција во чест на Денот на човековите права, организирана од Агенцијата за остварување на правата на заедниците и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. На почетокот, би сакал да ја истакнам важноста на одбележувањето на 75 годишнината од донесувањето на Универзалната декларација за човекови права од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, токму на овој ден во далечната 1948 година, кој од тогаш се одбележува како меѓународен Ден на човековите права.

Седум и пол децении подоцна имаме право да бидеме горди на промените кои во светски рамки се случија во однос на заштитата и промоцијата на човековите права и слободи во однос на стартната основа од која тргнавме. Треба да имаме предвид дека почетокот на борбата за човековите права беше само неколку години по ужасните страдања во Втората Светска Војна за кои одговорноста ја имаа тоталитарните и репресивни режими како што беа нацизмот и фашизмот.

Ние во Европа тоа најдобро го знаеме. Не само бидејќи на нашиот континент започна крвавиот поход на овие режими, туку и затоа што за прв пат во историјата на човештвото се случи холокауст, геноцид со карактеристики на индустриско уништување на еден народ само затоа што не се вклопуваше во чудовишната категоризација на „надлуѓе и подлуѓе“ во таа тоталитарна идеологија.

Сепак, краткиот оптимизам по крајот на Студената војна дека човековите права ќе станат глобален стандард во меѓународната политика почна брзо да исчезнува, за денес да се наоѓаме во ситуација кога на многу места на планетата на човековите права се гледа или како на пречка за остварување на одново појавените империјалистички амбиции или за нив се зборува со неразбирлив цинизам и тоа токму од генерациите кои ја имаат привилегијата да живеат во општества без страв дека ќе бидат дискриминирани поради своето потекло или идентитет.

Епохата на глобалното демократско назадување низ која проаѓаме како своја прва жртва ги има човековите права и слободи како на национално, така и на меѓународно ниво. И покрај тоа што на регионално и глобално ниво постојат повеќе меѓународни организации чија што примарна надлежност е, меѓу другото, заштитата на човековите права, како што се Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ, но и судски институции како Меѓународниот кривичен трибунал со надлежност да ги гони најтешките прекршувања на човековите права, се чини дека времето на глобалниот консензус за човековите права е зад нас, а надоаѓа една нова ера на војни, репресија и авторитарни режими.

Во овие услови значењето на Универзалната декларација, на Европската конвенција, како и на целокупниот систем за заштита на човековите права не само што не се намалува, туку станува поактуелно од кога било. Човековите права не се привилегија, помодарство или идеолошка конструкција. Тие се неотуѓив дел од човековото битие, цивилизациско достигнување и услов за мирот во светот и опстанокот на човештвото. Во таа смисла, сите критики што доаѓаат од националистите или тн. суверенисти од различна идеолошка провиниенција дека човековите права се креација на западниот либерализам се само изговор за легитимирање на домашната репресија, или за случаите на надворешна агресија.

Историското искуство нè учи дека напредокот и благосостојбата на нациите и меѓународниот мир се можни само ако нациите ги почитуваат индивидуалните и колективните човекови права и никако поинаку.

Почитувани,

Нашата држава преку сопственото искуство постави значајни стандарди за почитувањето на човековите права во нашиот регион и пошироко. Иако и нашето општество не беше имуно на национализмите на почетокот на деведесетите години од минатиот век, сепак, Македонија уште од почетокот на својата независност одлучи дека ќе гради општество на еднакви и слободни граѓани со почитување на индивидуалните и колективните човекови права и слободи.

Во времето на еуфоријата на градење на етнички држави ние донесовме устав кој почива врз граѓански основи, но и со изразен сензибилитет за мултикултурниот карактер на македонското општество. Токму оваа стратешка одлука во 1991 година беше еден од најважните аспекти што ни помогна да ја избегнеме војната, а новата држава да добие поширока меѓународна верификација и легитимитет.

Охридскиот рамковен договор од 2001 година постави стандарди за заштита на колективните права на заедниците кои и по повеќе од две децении сè уште се сметаат за исклучителен пример за градење на мултикултурна демократија не само во регионот, туку и во Европа. Клучен дел од договорот е заштитата и промоцијата на правата и идентитетот на сите заедници, независно од нивната бројност или политичка претставеност. И тогаш и сега сум убеден дека тој нов општествен договор ни овозможи да ја зачуваме државата и мирот и да градиме заедничка иднина.

Во меѓувреме, нашата држава во една позитивна смисла ги надополни стандардите поставени со Рамковниот договор. Еден таков пример е Законот за употреба на јазиците со кој се прошири употребата на јазиците на немнозинските заедници, но не на штета на македонскиот јазик и неговиот статус на службен јазик во Република Северна Македонија. И покрај континуираните напади врз овој закон, сметам дека неговата оправданост ќе ја докаже времето, исто така, како што денеска речиси и да нема релевантна политичка партија што го негира Рамковниот договор кој беше толку оспоруван во 2001 година.

Сепак, времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава. За жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок. Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации. Неодамнешниот трагичен настан кој заврши со двојно грозоморно убиство, на површина го извлече занемарениот факт дека дел од овие радикални структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици. Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневно политички калкулации.

Почитувани,

На крајот дозволете уште еднаш да го изразам своето задоволство од поканата да се обратам на отворањето на оваа конференција и да ви посакам интересна и плодна дискусија.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...