Интервју на претседателката Сиљановска-Давкова за МКД.мк

4 февруари 2026 | Интервјуа

Треба да се апстрахираме од измислениот пат кон Брисел и да се фокусираме на европеизацијата, да се самоевропеизираме

Европеизацијата не е статус, туку процес што се темели на реформи, а Македонија со години ја губи суштината фокусирајќи се на формални уставни измени наместо на Копенхашките критериуми и владеењето на правото, вели претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во интервју за МКД.мк. Уставните промени сами по себе не се гаранција за напредок, што го покажува фактот дека и по многубројните измени, државата остана надвор од Европската Унија. Дел од одговорноста сноси и ЕУ, која кон Западен Балкан често настапувала недоследно и со менување на сопствените принципи. Во еден глобално нестабилен свет, надворешната политика мора да биде реалистична и повеќеслојна, при што европската интеграција останува најрационалната стратегиска опција за малите држави, вели претседателката на Македонија.

Политизацијата на прашањето на евроинтеграциите на Западен Балкан станува сѐ поочигледна, наспроти принципите и исполнувањето на пропишаните услови. Како да се бориме со тоа, што можеме реално да направиме?

– Така што ќе направиме нешто што одамна требаше да го направиме – да се апстрахираме од статусот „членство“. Да се апстрахираме од измислениот пат кон Брисел и да се фокусираме на суштината – европеизација, да се самоевропеизираме. Не како политичка цел, туку како темелна претпоставка за ЕУ како еден демократски политички систем, суи генерис политички ентитет. Основна предност на тој ентитет е што може да извезува демократија, модел на демократски политички систем.

Ако ги следите анкетите, ќе видите дека граѓаните на земјите членки на ЕУ со години имаат поголема доверба во функционирањето на Унијата отколку во своите национални политички системи. Тоа значи дека ние можеме и треба да се приближуваме до европските принципи и вредности преку Копенхашките критериуми и преку реформи да се приближуваме до европските принципи и вредности – независно од тоа кој е на власт во Брисел.

Затоа што политичките гарнитури во Европската Унија се менуваат, заминуваат. А што останува? Остануваат конститутивните акти на Европската Унија: Договорот за ЕУ, односно Лисабонскиот договор, понатаму Повелбата за фундаменталните права и практиката на Судот во Луксембург. Тоа се изворите на уставното право на ЕУ. И секогаш државите членки, и секогаш органите на ЕУ, дали е тоа Парламентот, дали е Комисијата, дали е Европскиот совет, дали е Советот, дали е Судот — се водат од овие принципи.

Зошто, според Вас, нашиот пат кон ЕУ наместо да се скратува, се одолжува?

– Делумно поради недостигот од демократска традиција, но и поради долгата демократска консолидација. Тоа е едната причина. А другата причина е поради постојаното „туркање“ не во европски реформи, туку во решавање замислени или измислени, или национални, или, ако сакате, националистички проблеми и прашања. Ја фокусиравме и ја губевме енергијата менувајќи го Уставот, по не знам кој пат, 36 пати сме го смениле Уставот. Замислете, а САД 27 пати, па функционираат. Имаат слични проблеми како и секоја држава, мала или голема. Уставот се менува по барање на граѓаните или по иницијатива на уставно овластените органи.

А сега, ајде да се споредиме ние. Значи, затоа нашиот пат, наместо да се скратува, се одолжуваше. По толку години, зар има некој кому не му е јасно дека уставните измени не се гаранција за реформи? Доколку навистина беа фактор на реформирање, односно на европеизирање, одамна ќе бевме во ЕУ. Но не е така. Дури и по оној фамозен референдум со фамозното прашање дали сте за членство во ЕУ и НАТО — значи прво ЕУ, па потоа НАТО — и покрај неуспешниот референдум дојде до промена на Уставот, но ние сè уште не сме во ЕУ. Затоа јас го споредив тоа со маратон со пречки и затоа го нареков „чекање на господинот Годо“, бидејќи секое барање како да стимулира ново барање, а ние стоиме во место. Реформите се клучни за нашето напредување.

Колку Европската Унија е одговорна за оваа состојба?

– И Европската Унија не е невина во она што се случува со нас. Во однос на Западен Балкан, често доцнеше, не се држеше доследно до сопствените принципи и вредности и ги менуваше. Тоа го видовме уште од распадот на Југославија. Секогаш доцнеше, Така дури дојде и до војна. Нерешените прашања честопати резултираа со интервенција на САД, по логиката „земи или остави“. Така нерешените работи одеа во прилог на активирањето на САД. Резултатот го гледаме денеска.

Реформите се клучни за нашето напредување. Никој не нè попречува. Напротив. Особено со Планот за раст. И реформската агенда нуди можности да имаме пристап и до средства, но исто така и да правиме чекори напред. Тоа особено треба да биде важно за ЕУ, бидејќи, повторно кажувам, ЕУ не е невина во она што се случува со нас, не е невина во однос на Западен Балкан.

Никој не очекуваше дека ќе дојде до ова до што дојде. До супермоќ. Малите и средните држави преку Обединетите нации, кои беа создадени за никогаш да не се случи повеќе војна, треба да се бранат и да се гради мултилатерализмот. А мултилатерализмот значи активност и почитување и на малите и на средните држави. Но денеска ОН станаа маргинализирана институција што потсетува на Лигата на народите. И самите ОН имаат голема вина за тоа. Самите дозволуваат да се прекршува Повелбата на ОН, и на нашиот пример, но и на други примери. Никој не може да ги одбрани од состојбата во која се наоѓаат, а најпотребни се. Бидејќи светот во 21 век, што е срамно за човештвото, е соочен со конфликти и со војна.

Со соседи што нѐ кочат на секој чекор, каде сме ние?

– Па, ние сме заглавени. Заглавени во многу правци. Најпрво, и покрај пречките што сме ги имале од соседите, доколку постоел консензус за реформи внатре и доколку постоел консензус за надворешната политика, којашто ќе важи за секоја партија или коалиција што ќе победи на изборите, ќе го имавме она што денес најчесто се нарекува имунитет, отпорност на притисоци.

Зошто не научивме нешто од соседите? Зошто? Соседите, иако не се објект на атака, умеат во поглед на нивните „национални прашања“ да изградат единствена политика и таа да биде константна. Кога немате константен однос, тогаш имате слаба држава. Таа, наместо „во еден глас“, настапува различно. И се разбира, секој потенцијален „противник“ (а нелогично е да имаме противници во соседите) ќе го употреби тоа.

Значи ние можевме преку деполитизација и департизација да обезбедиме поделба на власта, спреги и кочници, консензус околу борбата со корупцијата и криминалот — зашто тогаш ќе се менуваат политичките гарнитури, меѓутоа на вистинските позиции ќе беа луѓе со стручност и компетентност и тоа ќе функционираше. Тоа значи дека ќе имавме причини за обединување на граѓаните околу реформските цели.

Но кај нас ниту процесот на демократска консолидација, или, ако сакате, европеизација, не оди како што треба. Иако и во Европа гледаме дека имало големи проблеми, ние, што е логично, секогаш ја идеализираме. По правило не сме критични, особено ако добиеме комплименти. Тоа е нашиот проблем. Секогаш во настапите надвор сме настапувале инфериорно, не сме ги кажувале работите какви што се. Секогаш индивидуите биле поважни од целината. Силните поединци и слабите институции не се гаранција за реформски зафати.

Немаме колективна меморија на чекорите. Немаме промена на политичката култура. Патронот е најважен, партиите, иако насекаде во светот има дезидеологизација, многу тешко е сега да градите идеологија. Либерализмот стана мега, или мета-идеологија, но прерасна во дарвинизам и сега ги гледаме последиците на тој суров индивидуализам, дека најважно е „што ќе направиш“, ама пазарот е безмилосен. Политиката стана слична, дарвинистичка, и последиците ги гледаме и дома.

Наместо да имавме консензус и да беше ирелевантно кој е на власт, погледнете какви поделби имаме. Поделбите ги стимулира и кризата во светот. Говорот станува говор што не е втемелен на докази, не се темели на факти и аргументи, туку е „ад хоминем“, макијавелистички. Арена станува општеството, арена станува светот, арена станува политиката. А во таа арена сè почесто се појавуваат непредвидливи играчи.

Сигурно знаете што вели Мершхајмер, дека дури и во времето на Студената војна постоеше видлив баланс на двете сили, па дури и баланс на стравот. Денеска се појавија играчи, земји што поседуваат нуклеарно оружје, за чие однесување не знаеме какво ќе биде. Тогаш тоа станува крајна неизвесност.

Што бара и што стимулира овој амбиент? Стимулира оние што се силни да посакуваат, во духот на „големодржавието“, во духот на империјалните позиции, да го имаат клучниот и единствен збор, или евентуално да разговараат и да преговараат со најблиските по сила. Одеднаш оживеа Монровата доктрина, ама сега многу поширока. Бидејќи глобализацијата, вештачката интелигенција и дигитализацијата ја релативизираа географијата. И сега, за САД утре и Филипините можат да бидат „во рамките на целта“, исто како што денес се зборува за Гренланд.

Зошто? Поради насушната потреба денеска, или поради тоа што се зборува за нужност од стратегиска, од геополитичка супериорност, а Гренланд е важен во геополитиката, или од енергетска супериорност. Па одеднаш гледаме колку важни стануваат Венецуела, но и Иран. Тоа е таа супериорност што ја гледаме дека постои. Како да се враќаат доктрини познати во политичката наука од 19 век, на т.н. теории на „срцето на светот“.

И гледаме дека реалноста станува брутална реалност, бидејќи војната не може да се спречи со гломазна или запоставена, маргинализирана институција како Обединетите нации. Се лоцира меѓу двајца, тројца, четворица — и на тој начин сега се перципира целиот свет.

Според последните изјави на нашите претставници во однос на ова што се случува во светот, некако се ставивме само на една страна. Директно ги поддржавме САД — и во однос на Венецуела, и во однос на резолуциите што беа во Обединетите нации, со Куба, со Газа… Самата велите дека работите веќе се растурени. Каде ние да се позиционираме? Дали треба да играме малку пошироко? Гледаме што се случува во Пекинг, во Москва. Очигледно веќе нема еден играч — самата велите дека се двајца, тројца, четворица. Мислите ли дека можеби треба да ги отвориме вратите и натаму?

– Не мислам дека нашата надворешна политика е „или–или“. Мислам дека е „и–и“. Зошто „и–и“? Поради реализмот. Основното начело таму е ако не можеш да го победиш, придружи му се. Мирот, за жал, предолго се чекаше сам да дојде. Јас мислам дека војната во Украина можеше да се превенира, можеше да се антиципира, бидејќи ќе видиме на крајот дека во преговорите можеби и она што било во игра при првите преговори со Турција, сега ќе биде далеку порадикално. Потешко е, побизарно е. Сè што е „екс анте“ е подобро.

Украина, за мене, првенствено е проблем на Европа. Украина преговара за членство во ЕУ.

Требаше однапред да се седне и да се оневозможи, или барем да се превенира конфликтот. Ние стануваме реалисти. Од 2009 година наваму, кога зборуваме за стратегиски договор со САД, прво мислиме на безбедноста. И мислам дека тоа го превидуваат, забораваат дека зборуваме за ваков стратегиски договор.

Ова што го гледате вие, ако мислите на резолуцијата околу крајот на војната, фактот е дека ние застанавме на страната на опцијата што имаше шанса да помине и да победи. Бидејќи таа помина, сакале ние тоа да го признаеме или не, во моментов, за жал, со оглед на ваквите поделби во светот, се чини дека само САД можат да имаат клучно влијание за да ѝ се стави крај на војната. Зборувам за Украина, но исто така и за конфликтот меѓу Израел и Хамас. Таква е реалноста.

Големата слика вели дека колку повеќе Европа станува Европска Унија, толку е поголема гаранцијата за отпорност во еден исклучително конкурентен меѓународен простор, со непредвидливи играчи. Имунитетот на Европа тогаш ќе биде поголем, бидејќи малите држави, поради својата геополитичка положба, добиваат на значење. И не се само Романија или Бугарија тие што се „блиску“ — и ние сме тука, до нив.

Значи, подадената рака од тој поголемиот, кон кого ние сме тргнати во принципите и вредностите, никогаш не била подобар стратегиски и тактички потег. Бидејќи факт е дека понекогаш, кога аргументацијата дури се коси со здравиот разум, мора да се постават прашања.

Јас немам ништо против Молдавија или Украина. Но да кажете дека тие, кон Копенхагенските критериуми исчекориле побрзо и попосветено од земјите од Западен Балкан — тоа е проблематично. Проблематично од аспект на логиката. ЕУ не може да го жртвува, а веќе го жртвува, она што беше нејзин главен атрибут, главна предност, главна доблест — демократскиот капацитет. А веќе го жртвува. Затоа требаше да се пресретнеме. А дека и самите си имаме вина — тоа мора јасно да се каже.

Во секој разговор ќе добиете аргументација од типот: „Извинете, но ова не ви го наметнавме ние, туку го усогласивме со вас, односно со претходните“. И не само што е тоа аргументот, туку и велат дека и сега имате македонски политичари што, замислете, сметаат дека по неполни две години се појавила политичка катаклизма, демократска катастрофа, авторитаризам, тоталитаризам, заборавајќи дека нема ни неколку месеци од поминатите избори. И заборавајќи една вистина: ако вие во партискиот дом не сте способни да се обедините, тешко дека ќе имате интегративна или обединувачка моќ. Ако не сте способни во државата да се обедините, тешко дека ќе можете да ширите регионална интегративна моќ. Ако не сте способни регионално да соработувате и да поддржувате, проблемите ќе ги внесете внатре — а внатре има доволно проблеми.

Заклучокот е јасен: потребни се реформи. Потребни се реформи во регионот. Потребни се реформи и во ЕУ внатре и за тоа требаше да има свест, особено по неуспехот со донесувањето на Уставот во 2005 година, но и особено по заминувањето на Обединетото Кралство. Што е европската политичка заедница ако не е обид заедно да се држат геополитички државите.

Сето ова сте го аргументирале и пред европските лидери на средбите и тука во Вашата канцеларија. Претпоставувам дека тие немале негативен одговор на Вашата аргументација?

– Никогаш.

Што потоа, откако ќе излезат од оваа канцеларија? Што велат откако ќе си одат? Имаме примери кога уште на скалите на своите профили на социјалните мрежи изјавуваат нешто сосема трето.

– Да, тоа овде не го кажале. Сите се практични и прагматични. Сите гледаат да нанижат некој успех особено ако се мета на гласање недоверба.

Имаше и некои исчекори. Но еве прво да кажам дека тезата за нашата меѓународна изолација е апсолутно неточна. Тврдам дека нема мултилатерален собир, Генерално собрание, конференции за климатски промени, собири на кои не сме учествувале и сме седеле на главната маса. Сликата понекогаш зборува повеќе од речениците. За мене ова е важен национален интерес. Изолација нема, а во одбраната на тие национални интереси треба заедно да настапуваме. Јас сум им многу благодарна на Хрватска и на Словенија, секогаш кога се работи за евроинтеграцијата, тие географски и геополитички не се мирни кога сме надвор од ЕУ.

Ние важиме за еден кредибилен актер што помирува, рационализира и обединува. Набргу ќе дојде претседателот на Албанија, ќе одам во Словенија, па Словачка… Тезите дека единствени пријатели ни се режимот на Вучиќ, на Орбан се нелогични, нерационални, тие тези не водат сметка за регионалната поврзаност и за заедничката иднина. Треба да се однесуваме кооперативно и заеднички. Тоа го покажа и проблемот со транспортерите, тоа е проблем и на нашите соседи. Ако е реформската агенда инвестирање за раст, ова е спротивно на тоа.

Вие се обидовте да ги средите работите со бугарскиот претседател Румен Радев. До каде стигнавте? Што понатаму?

– Ние понекогаш во желбата за спротивставување забораваме дека имаше исчекор. Се разбира дека заради кредибилитетот на соговорниците не можам да излегувам и на телевизија да давам изјави што е разговарано. Но Антонио Кошта, претседателот на Европскиот совет, по средбите со нас среде Софија рече дека мора да има некакви гаранции. Го кажа она што требаше да го чуе Бугарија.

Ако Бугарија тврди дека нема проблем со нас, туку дека има проблем со ЕУ заради преговарачката рамка и заклучоците, тогаш и ЕУ треба со креативна интерпретација на рамката и на заклучоците да понуди решение. Ова што го кажаа Кошта и Фон дер Лаен со топката и дворот – има расчекор. Нашиот предлог за одложено дејство на уставните измени, што за мене е вин-вин ситуација, е во духот на можноста да се активира најважното од договорот со Бугарија, таа да ни помага на патот кон ЕУ. Тука јас очекував некаков резултат дека по средбите со Радев ќе има некаква решеност.

Но национализмот и радикалните барања се тие што собираат гласови. Јас на Радев му реков дека тој е константата, а владите се менуваат. Но сега тој прави обид да влезе во една друга сфера, во извршната власт. И ЕУ во интерес на евроинтеграцијата и на отпорноста и позиционирањето во новиот хаотичен непредвидлив меѓународен поредок, исто така треба да предложи некое решение. Една од научените лекции е дека уставните промени кај нас секогаш кога не биле врзани за решенија што биле важни за демократизацијата на политичкиот систем, туку врзани за притисок, отворале нови проблеми и оневозможувале национален консензус. Напротив, по таквите притисоци порадикални биле поделбите и конфликтна станувала политичката арена. Тоа треба да го разбере ЕУ. Во Договорот за добрососедство со Бугарија нема обврска за уставни измени.

Во каква комуникација сте со домашните политичари, со лидерите на политичките партии?

– Јас бев иницијатор на жива комуникација со почит. Јас бев таа што го покани лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, се сретнав и со премиерот. Дури мислев дека тоа е знак за исчекор — знак за засилување на националните интереси, за единство таму каде што мора да постои.

Не можеме да очекуваме соседите или Европската Унија да бидат позаинтересирани за нас отколку што сме самите ние. Никој не сака конфликти, никој не сака поделби да внесува внатре — напротив, сите бегаат од нив. И следствено, мислев дека тоа ќе профункционира. Меѓутоа, кога пристигна извештајот и јас за првпат решив да учествувам и во расправата за годишниот извештај на ЕУ, сметав дека тоа е местото каде што претседателот, како предлагач на членови во Советот за евроинтеграции, треба да ги изнесе ставовите. Разговаравме за проблемите што може да се создадат и така натаму. Потоа следуваа изјави што, искрено, ме изненадија. По конгресот на СДСМ немавме средба, но претходно, кога ги аргументирав моите предлози за членови во Судскиот совет, исто така разговарав со пратениците од Социјалдемократскиот сојуз.

Јас сум спремна за разговор. Не ги претставувам граѓаните врз основа на етничка или партиска припадност. Напротив, ги претставувам како граѓани. Спремна сум да разговарам со сите, спремна сум да помогнам. Иако, да бидам искрена, знаете колку пати сум критикувала лидерски средби, посочувајќи дека тие можат да ги ослабат институциите, а да ги зајакнат партиските лидери. Но кога немате никаков контакт, и тоа е некаков чекор — особено кога станува збор за прашања што сите нè засегнуваат. Следното прашање е: што ќе биде следниот чекор? Да дојде некој однадвор и да ги седне сите? Тоа веќе е проблем. Бидејќи штом дозволувате некој однадвор да дојде, вие самите се делегитимирате. Тогаш тоа е слаба држава — да не речам и пропадната држава.

Јас го поздравив тоа што седнаа. Подобро е тие да седнат, отколку претседателот да ги вика. Мислев дека работите ќе тргнат. Но очигледно, не ми е јасно зошто тоа не продолжи.

Во моментов, колку што гледаме, нема комуникација меѓу двете главни партии. Но нивото на пресметка преку соопштенија, во кои се замешани и новинари и институции, е навистина неверојатно…

 Тоа е бесплодно. Тоа е трошење енергија во празно. Тоа е ад хоминем, а не ад рем. Тоа е дополнително усложнување на односите и внесување нови поделби. А тоа е далеку од она што го очекуваат граѓаните. Тонење, а не испливување. Тоа е далеку од она што го очекуваат граѓаните.

Ние треба да почнеме, еве сега, со судски реформи. Да потсетам: во изработката на пакетот закони за правосудството имаше инклузивен процес, со учество и на претставници на ЕУ. Се бараа решенија, гаранција за промени, за избор на профил на луѓе: судии, јавни обвинители, високи административни кадри, кои преку конкурс, со стручност и компетентност, ќе стигнат до позициите.

Таквите луѓе сигурно ќе се опкружат со слични на себе, а не со партиски војници. Тоа е тежок процес, но кога еднаш ќе тргне, нема враќање назад. Тоа ќе ги охрабри граѓаните да почнат да веруваат. И ова што сега го откриваме — шокантно е. Но тоа е доказ дека нелегалното, коруптивното и криминалното станало систем. Гледате што се случува во судството. Сите состојби што ги имаме нема да ги решиме ако се оддалечуваме едни од други. Кај нас, како партиите да ја супституираат државата. Тоа е модел што не е демократски — партократијата е погубна за демократијата, исто како и етнократијата.

Затоа, подобро е да седат во институциите. Но и институциите мора да бидат отворени, и за опозицијата, и за експертите, и за граѓанскиот сектор. Скратените постапки со носењето закони мора да се сведат на минимум и да се користат само за неважни измени или за хармонизација. Сè друго мора да оди по редовна постапка. Не може она што го критикувате кај другиот, кога сами го правите, да биде добро решение. Никогаш не е. Нема друго решение освен да се седне заедно, да се брани другиот, затоа што бранејќи го другиот, утре се браните себеси. Утре вие ќе бидете опозиција. Да трагате по заеднички решенија за државата да функционира, независно кој е на власт, врз основа на процедура, критериуми и правила. Тоа е реформата. Тоа е европеизацијата.

Кој е Вашиот заклучок?

– Нема друго решение освен институции, процедури и дијалог. Партиите не смеат да ја супституираат државата. Партократијата и етнократијата се погубни за демократијата. Европа, регионот и ние мораме да научиме дека реформите не се формалност, туку суштина.

Малите држави мора постојано да повикуваат на мултилатерализам и владеење на правото. Само така, заедно со другите, можеме да бидеме респектабилни и отпорни во еден свет што станува сè понепредвидлив.

Новинар: Александар Дамовски

Фотографија: Роберт Атанасовски

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на Сиљановска-Давкова со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи

Средба на Сиљановска-Давкова со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан. На средбата беше реафирмирано високото ниво на...

Сиљановска-Давкова во Дубаи оствари средба со естонскиот претседател, Алар Карис

Сиљановска-Давкова во Дубаи оствари средба со естонскиот претседател, Алар Карис

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на Светскиот самит на Владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Република Естонија, Алар Карис, на којашто беа потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските...

Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи

Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи

Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на...

Учество на Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на владите во Дубаи

Учество на Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на владите во Дубаи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, по повод учеството на Светскиот самит на владите. Претседателката ќе биде главна говорничка на сесија посветена на демографските промени. Таа ќе...

Изјава за медиуми и одговори на новинарски прашања по реферирањето за борбената готовност на Армијата од страна на началникот на Генералштабот

Изјава за медиуми и одговори на новинарски прашања по реферирањето за борбената готовност на Армијата од страна на началникот на Генералштабот

Новинарско прашање: Претседателке, долг состанок денеска. За што се разговараше, какви информации добивте, каква е безбедносната состојба во државава и дали има некакви закани? Претседателката Сиљановска-Давкова: Долгиот состанок не е случаен, туку е израз на...