Интервју на претседателот Стево Пендаровски за весникот Вечер

7 септември 2022 | Интервјуа

Во пресрет на големиот македонски празник Денот на независноста, 8 Септември, неминовно се наметнува прашањето каде што стигнавме по 31 година. Дали се зачувани смислата, значењето и основната причина за прослава на независноста на државата која денеска се вика Северна Македонија?

Секој 8 Септември си го поставуваме истото прашање: дали ја заслуживме независноста? Според мене, тоа прашање има поинаков статус од останатите. Независноста во 1991 е третата и последна фаза на најголемиот национален проект во нашата историја. Прашањата за нискиот животен стандард, за квалитетот на услугите кои државата преку своите институции им ги испорачува на граѓаните или за бројката на невработени и иселени, се апсолутно легитимни и тие сериозно го доведуваат во прашање ефектот од владењето на сите политички елити од независноста до денес, меѓутоа, не го оспоруваат проектот за независна, слободна и конечно, наша, сопствена држава.

Со сите свои недостатоци, власта која нашите граѓани ја избираат на слободни избори, не може да биде полоша од која било власт однадвор наметната.

Македонија е на уште една историска пресвртница. Го делите ли и Вие впечатокот дека во текот на сите години од својата независност, борбата за македонскиот национален и државен идентитет не е ниту оддалеку завршена?

Борбата за македонскиот национален и државен идентитет започна уште пред да станеме членка на Обединетите нации. Познато е дека сме единствената држава досега во историјата на таа организација која беше примена со привремено име. Меѓутоа, со Преспанскиот договор, со кој практично влеговме во НАТО, дефинитивно, нашиот македонски идентитет и јазик беа потврдени и на меѓународно ниво. Обидите на Бугарија во изминативе две години да изврши ревизија на нашиот идентитет не вродија со плод, затоа што и во преговарачката рамка со ЕУ, македонскиот идентитет и јазик не се оспорени. Напротив, тие во тој документ се потврдени.

Од 1991 година до сега Уставот на државата е повеќекратно променет, променето е името на државата, извршена е целосна територијална реорганизација по етнички принцип. Сега сме пред уште еден предизвик, пред пристапувањето на земјата во ЕУ во Преамбулата да се внесат и Бугарите. Опозицијата најави блокади, владејачките партии пак се сигурни дека овој процес ќе се реализира лесно. Што мислите Вие?

Прашањето за внесување на Бугарите во Уставот до пред некој месец не беше воопшто спорно, затоа што и опозицијата беше подготвена да даде политичка поддршка. Меѓутоа, по парламентарната дебата и, за жал, целосната политизација на прашањето, опозицијата го промени својот став.

Не мислам дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе ја загрози безбедноста на државата, ниту дека ќе ја разниша нашата внатрешна стабилност, но, исто така,  не мислам дека тоа прашање треба да биде врвен политички приоритет, сега, на почетокот на скринингот.

Бугарите не се откажуваат од историските афинитети, бугарските здруженија никнуваат како печурки по дожд со имиња на контроверзни историски личности… Сепак, на овие провокации нема официјални реакции, протестни ноти. Зошто молчат институциите на сите провокации?

Јас реагирав уште истиот ден кога беше официјалното отварање на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, со јасна осуда на тој чин. Исто така, Министерството за надворешни работи реагираше во повеќе наврати на провокациите од Софија, но, се согласувам дека е недозволено што сѐ уште ја чекаме реакцијата на државата во однос на провокативните имиња на здруженијата на Бугарите кај нас.

Очекувам во најбрз можен рок, државата јасно да го каже својот став за бугарските клубови кои не би смееле да носат имиња на докажани соработници на фашизмот или нацизмот, бидејќи такво нешто не е дозволено никаде во Европа.

Бугарија може да не блокира на секој чекор. Колку ќе трае патувањето до Брисел?

За да биде појасно, во процесот на преговори, не само Бугарија, туку секоја земја членка може да нѐ блокира доколку смета дека не спроведуваме реформи или отстапуваме од европските принципи и вредности. Но, од таквите забелешки и блокади, доколку ги има, нема потреба да се плашиме затоа што во наш интерес е да ги подобриме перформансите на нашиот систем. Тие сигурно нема да бидат од типот на бугарските барања во изминативе две години, преку кои се правеше обид да бидат оспорени суштинските делови на македонскиот идентитет.

И да одговорам на вашето прашање: очекувам должината на нашето патување до Брисел да зависи најмногу од нас, односно, од темпото со кое ќе ги правиме потребните реформи.

Имаме граѓански Устав, сметате ли дека сме вистински граѓанска држава?

Нашиот Устав е во неколкку наврати дополнуван со уставни амандмани од кои најголемиот дел произлегуваа од Рамковниот договор. Така што, вистина е дека имаме граѓански Устав, но, со вградени колективни права за помалку бројните етнички заедници. Додека, во пракса, точно е дека етничкото сѐ уште доминира над граѓанското и во тој дел сите политички субјекти ги чека уште многу работа за да ја направиме Северна Македонија вистинска граѓанска држава во која, се разбира, ќе се почитуваат и етничките права.

Како гледате на стратегијата на опозицијата за активен бојкот на Собранието и повикување на предвремени избори?

Како на вообичаена стратегија на секоја опозиција за да предизвика предвремени избори.

Што беше пресудно да се прифати Францускиот предлог, кој доби и Ваша поддршка и покрај тоа што најголемиот дел од академската и граѓанска јавност беше сериозно против?

Пресудни беа трите модификации на предлогот кои беа направени на Мадридскиот самит на НАТО, а ги немаше во претходните верзии на документот: прво, официјално именување на првата меѓувладина конференција како отворање на преговорите (претходно документот тоа го именуваше само како политичка конференција без да прецизира дека е прва и дека тоа значи формален почеток на процесот), второ, започнувањето со скрининг веднаш по првата меѓувладина конференција (скринигот претходно беше предвидено да почне дури по уставните промени) и трето, добивањето на чиста формулација за македонскиот јазик без употреба на формулацијата од билатералниот договор со Бугарија на што инсистираше Софија и без какви било дополнителни референци и фусноти.

Зошто не успеавме да направиме национален консензус за значајните прашања, да ги исцртаме црвените линии до каде што можеме да одиме?

За жал, исклучително тешко или никако не доаѓаме до национален консензус, за што сведочат најбитните моменти од нашата независност до денес: влезот во Обединетите нации, завршувањето на конфликтот и Рамковниот договор, Преспанскиот договор како предуслов за влез во НАТО и францускиот предлог за почнување на преговори со ЕУ. Дури и во ситуација кога сме имале заеднички договорени црвени линии, како што е Резолуцијата за државните позиции усвоена во Парламентот, во пракса тој консензус повторно не беше видлив.

Власта и опозицијата се на две различни страни и поразединети од кога било претходно. Сте се обиделе ли да направите нешто за да ги обедините?

Јавноста е сведок дека тоа се обидувам да го правам од првиот ден на мојот мандат и во таа смисла постоеше одредена функционална кохабитација, пред сѐ, поради фактот што сум прв претседател во независна Македонија, кој е признаен од опозицијата. Имав серија средби со лидерите и на власта и на опозицијата, на кои водевме дебати за важни прашања. Меѓутоа, од 2 август минатата година, кога понудив нов концепт за прослава на најголемиот македонски празник, со цел тој ден да послужи како платформа за обединување, а не за нови делби, опозицијата, од за мене нејасни причини, одби заедничко чествување.

Независно од тоа, моја обврска до крајот на мандатот ќе биде да се обидувам да ги намалам разликите меѓу власта и опозицијата, затоа што таа длабока поларизација сигурно не помага за развојот на земјата.

Како гледате на работата на историската Комисија, како на последните препораки за менување на историографските податоци во учебниците? Може ли политиката да ја диктира науката?

По моја проценка, македонските членови на Комисијата досега одлично си ја вршат својата работа. Впрочем, за тоа сведочат и неодамна објавените заеднички усогласени препораки со бугарскиот дел од комисијата, со кои се прифатени доминантните стојалишта во светската историографија за одредени личности и настани и со кои воопшто не се задира во македонскиот идентитет.

Сигурен сум дека ако во изминатиот период, бугарските историчари не се однесуваа како политичари, Комисијата ќе имаше далеку поголем напредок во својата работа.

Како гледате на случувањата во Обвинителството за организиран криминал?

Моето гледање е идентично со она кое го искажа најголемиот дел од македонската јавност, имено, дека јавните расправии во медиуми на врвни претставници на државни институции не придонесуваат за зголемување на довербата на граѓаните во тие институции.

Се чини дека црковната дипломатија е поуспешна од политичката. Можеме ли наскоро да очекуваме дека ќе го добиеме долгоочекуваниот томос за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА?

Можеме само да ги поздравиме напорите на највисоките претставници на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, кои во изминативе години со упорен ангажман успеаја да се изборат за местото на нашата црква во православната екумена. Меѓутоа, да не заборавиме дека и во минатото и денес, сите македонски претседатели и премиери ја имаат давано својата поддршка за ваквиот успех. Јас сум директен сведок дека и пред повеќе од дваесет години претседателот Борис Трајковски, иако самиот не беше припадник на нашата православна црква во многу свои меѓународни настапи директно се ангажираше за нејзино пошироко признавање.

Впрочем, во православието низ историјата, поширокото етаблирање на црквите не било возможно без поддршка и помош од државата.

Нема држава во светот, голема или мала, која може сама да се соочи со енергетската криза

Нè чека многу тежок период и од економски аспект. Владата најавува дека активно работи на справување со енергетската криза, но имаме ли капацитети за таа борба?

Не постои ниту една држава во светот, голема или мала, која може самостојно да се соочи со енергетската криза предизвикана од војната во Украина. Гледаме дека ефектите од глобалната криза ги чувствуваат и најмоќните економии во светот. Нашите национални капацитети за справување со кризата можеме да ги зголемиме само преку регионална соработка, каква што е иницијативата Отворен Балкан или договорот со соседна Бугарија, како и преку поширока меѓународна соработка, во рамките на ЕУ, како земја која преговара за членство.

Меѓутоа, прв чекор во таа насока е да ги фокусираме нашите домашни напори и ресурси на систематски начин. Во таа функција беше и завчера одржаниот Совет за безбедност, на кој претставниците на сите надлежни институции реферираа за плановите за соочување со кризата во пресрет на зимскиот период, кога нѐ чекаат исклучително сериозни предизвици.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски се обрати на затворањето на Летната школа за партиципативно управување и граѓанско – јавно партнерство

Претседателот Пендаровски се обрати на затворањето на Летната школа за партиципативно управување и граѓанско – јавно партнерство

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Охрид се обрати на затворањето на Летната школа за партиципативно управување и граѓанско - јавно партнерство: „Liquid Frameworks, Solid Institutions — building participation from the bottom up” во организација на Кооператива...

Претседателот Пендаровски ја посети „Костал Македонија“ во Охрид

Претседателот Пендаровски ја посети „Костал Македонија“ во Охрид

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Охрид ја посети фабриката „Костал Македонија“, дел од германската групација „КОСТАЛ“ за производство на делови и компoненти за автомобилската индустрија. За време на...

Обраќање на претседателот Пендаровски на јавна дебата: „Дискриминирачки говор на дигитални медиуми – состојба и предизвици“

Обраќање на претседателот Пендаровски на јавна дебата: „Дискриминирачки говор на дигитални медиуми – состојба и предизвици“

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на јавната дебата на тема „Дискриминирачки говор на дигитални медиуми – состојба и предизвици”, во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Институтот за добро управување и...

Средба на претседателот Пендаровски со пратеници од Европскиот Парламент

Средба на претседателот Пендаровски со пратеници од Европскиот Парламент

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими европратениците, Тинеке Стрик и Рајнхард Бутикофер, претставници од Зелените/Групата на Европска Слободна Алијанса, од Европскиот Парламент. На средбата беше разговарано за текот на евроинтеграциите на Северна...

Интервју на претседателот Пендаровски за Клан Дебата на ТВ Клан

Интервју на претседателот Пендаровски за Клан Дебата на ТВ Клан

Претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за Клан Дебата ги искажува неговите видувања за последниот развој на настаните во Русија и Украина и повикот за мобилизација од страна на рускиот претседател. Претседателот ги коментираше и другите актуелни случувања во...