Прашање: Ќе може накусо за настанот, за состојбата со Ромите?
Претседателката Сиљановска-Давкова: И во говорот ќе потенцирам дека, иако има подобрувања, сепак се работи за најранливата категорија. Правото на домување е за мене, не само само по себе, туку како претпоставка за другите права, едно од најважните. Таму се формира семејството, таму се учи, таму се живее во супстандардни услови. Најчесто ромските семејства се многудетни, се живее супстандардно, што значи дека во стартот на животот ромските деца се хендикепирани. Нивните родители многу тешко наоѓаат работа, најчесто сами се грижат на свој начин, како да се справат со животните предизвици. Освен тоа, најчесто живеат изолирано, како во фавелите во 21 век. Од местоположбата на живеалиштето зависи со кого ќе се дружите, какви пријателства ќе имате, колку ќе ви бидат достапни сите институции. Ќе потенцирам, уште еднаш, дека ако зборуваме за сè уште најранливата категорија, тогаш заштитата треба да биде најголема за нив. Невладините организации, заедно со меѓународните организации, континуирано работат на подобрување на животот на Ромите, но нема големи резултати. Мора социјалната димензија, во држава што се нарекува социјална, да се реализира континуирано, да размисли Владата за тоа, дали можеби токму онаа категорија на социјални станови треба прво да биде наменета за нив, инаку јас сум противник на изолиран живот само во една населба или најчесто таму. Мислам дека треба и поинаков пристап во поглед на градењето. Накусо, значи тоа ќе бидат моите поенти, меѓутоа уште еднаш, повторувам: во социјална држава, во држава што гарантира рамноправност, еднаквост, потребни се сериозни реформи. Непријатно ми е дури со години да го повторувам истото. Ромите се неразделен дел од оваа држава. Ромите се посветени, лојални, не се дојдени од никаде. И јас честопати ги охрабрувам младите Роми, токму затоа и се обидувам и во мојот кабинет и во органите во кои имам влијание, да ги вклучам. Треба да се одважат, да се вклучат во политиката ̶ образуваните, умните, да ги поттикнат, да ги инспирираат и останатите бидејќи долго време во политиката нивните интереси беа запоставувани, не само од самата држава и од државните органи, туку и од многу честото вклучување во политиката заради, што не е непознато и за другите, за од лични интереси, а не заради заштита на интересите на оваа, повторувам, ранлива категорија.
Прашање: Претседателке му истекува мандатот на членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа. Вие треба да предложите негов наследник, дали веќе го сторивте тоа?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Не, не го сторив тоа од следниве причини: јас ја критикував работата на овој Судски совет. Една од причините за состојбите во Судскиот совет и во судството е и лошиот Закон за Судски совет, во којшто критериумите за избор се несоодветни, овозможуваа политизација, партизација во Судскиот совет. Говорам не само за двајцата членови коишто според Уставот јас ги предлагам, туку и за оние од Собранието, како и оние што се избираат од самите судии. Состојбата ви е позната. По оценската мисија беше заклучено дека една од најважните реформи во судството треба да биде прво правно втемелена и почна да се работи на нов Закон за Судски совет. Тој е готов. Имам увид во него и мислењето на Венецијанската комисија е добро, со мали забелешки, законот влезе во процедура.
Прашање: Ќе го чекате?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Да. Во разговор со министерот, во разговор со експерти по Уставно право, по Казнено право, по постапка, со адвокати, со судии, сугерирано ми е, и мислам дека е тоа во ред, да го почекам донесувањето на Законот. Министерот тврди дека тоа ќе оди брзо. Не знам дали имате увид во решенијата на новиот закон, но тие се многу построги, попрецизни, појасни. Отсуството на еден член, не се работи за преклузивни рокови, се работи за инструктивен рок. Значи работата на Советот минус еден член нема да го оневозможи одлучувањето, бидејќи знаете дека одлуките се носат со 8 члена од 15. Кога мерам јас, не би сакала во последниот воз или налет по стариот закон, каде што воопшто не е јасно што е тоа истакнат правник, а да не говорам и за самата постапка, да не е конкурентна, не е компетитивна, со еден кандидат е. Има решенија коишто мислам дека е добро, секој нов член на Судскиот совет да ги исполни за да влезе во Судскиот совет. Бројни измени има во Законот, мислам дека се квалитетни. На пример: претпоставувам знаете дека во сегашниот закон, во постојниот закон, замислете, за професори по право, или за луѓе од професорската струка, покрај магистратура, докторат, се бара и правосуден испит. Едно многу чудно решение, кое оневозможува да можете, навистина, да се одлучите за луѓе коишто со своето знаење, дигнитет и интегритет, би можеле да влијаат. Посебно важно е што во новиот закон и во самата постапка, има големи измени. И во постапката на изборот, најважно е дека е тоа оној хетероген начин на избор, комисија во којашто има претставници од различни фели и категории, интервјуто, јавноста… Тоа беше причината. Јас денеска ќе го испратам писмото до претседателот на Собранието, бидејќи Собранието го врши изборот, со причините заради кои мислам дека кога мерите е подобро да го почекате донесувањето на новиот закон, бидејќи по него сите други ќе се регрутираат, односно избираат, одошто на некој начин да го легитимирате и законот што сте го критикувале жестоко, ама и работата на Судскиот совет, којашто не би сакала уште еднаш да ја оценувам.
Новинарско прашање: Претседателке, утре е седницата на Европскиот парламент. Како што е веќе познато, бугарските пратеници излобираа на некој начин преку амандман да се тргне македонскиот јазик и идентитет. Како гледате на тоа?
Претседателката Сиљановска-Давкова: Како гледам? Како на еден феномен којшто го покажува и докажува демократскиот дефицит во Европската Унија, вклучувајќи го и Европскиот парламент, којшто треба да биде дом на европскиот демос, на европските граѓани, се разбира демосот го нема. Не сум шокирана, иако сум длабоко разочарана, тоа го кажав, особено од природата на некои амандмани, па и од дискусиите. Не сум шокирана, бидејќи во Европскиот парламент седат и претставници на партии што се против самата Европска Унија, националистички партии, да не ги набројувам… Златна Зора и други. Не сум зачудена. Инаку пријатно бев изненадена од извештајот на господинот Вајц. Тој важи за почитуван пратеник, кој ги познава добро балканските прилики и неприлики, бидејќи истото ова што ни се случува нам, можеше и Австрија да го прави кон Словенија, но не сакаше. Бидејќи во словенечкиот устав ги нема Австријците, Хрватите, Бошњаците, Ромите итн. тие се подведени под други. Но, природата на амандманите покажа дека навистина не само светот, туку и Европа и Европската Унија имаат сериозни проблеми со демократијата. Сепак, не можам, а да не кажам дека ова е веројатно еден момент што тера на размислување, се разбира, умни и одговорни луѓе. Кога го слушам претседателот на Европскиот совет, како истакнува дека се потребни реформи внатре во Европската Унија, мислам дека неговата изјава не е случајна, дека има врска и со феноменот вето и со опасноста од билатерализација на евроинтеграцијата во време кога проширувањето на Европската Унија, во смисла на тоа дека ќе зборуваме еден ден за синоним или за еднаквост меѓу Европската Унија и Европа, бидејќи ние географски, историски, културно сме биле од секогаш дел од Европа. И во време на опасност, мултилатерализмот да биде под притисок на мултиполаризацијата денеска во светот, важно е за да биде Европската Унија, односно Европа компетитивен играч на плуралната, сепоплуралната светска политичка сцена, да ги вклучи сите држави кои географски, историски и културно припаѓаат кон неа. Зошто? Бидејќи денеска прашањето на евроинтеграцијата е и прашање на стабилност и безбедност. Се надевам дека имало вакви периоди и во минатото на развојот на Европската Унија и Европската заедница, кога доаѓало до клучни моменти и на промени. Промени во процесот на одлучување, промени во однесувањето. Меѓутоа, она што мене овие денови ме изненади, значи гледам одговор на бугарската влада на забелешките во поглед на состојбите во Бугарија врзани за малцинството. И таму во одговорот од 2024 година на бугарската влада се наведуваат бројки за Македонците во… Еве што адресирала до Советот на Европа, ова е многу поучно. Вели дека во резимето од пописот 2021 година, 1 143 лица се самоидентификувале како етнички Македонци, 3 540 изјавиле дека мајчин јазик им е македонскиот, а 1 091 лице пријавило дека дома зборува македонски јазик. И еве што пишува владата: вели дека овозможила доброволен процес на самоидентификација, еве јас ги упатувам меѓународните субјекти да се вратат назад во пописите во Бугарија, бидејќи некои феноменални промени никогаш не се случуваат никаде, па да го видат и пописот од 1956 година и пописот од 1946 година, ама интересно е што пишува во дописот на владата. Дека овие лица кои се претставуваат како Македонци, се мала група и не ги исполнуваат објективните критериуми за статус на национално малцинство. Може да заклучиме нешто? За која категорија ние треба да го смениме Уставот? За колкав број? Еве јас прашувам.
Благодарам.