Сиљановска-Давкова: Време е за наше очовечување преку градење инклузивно македонско општество

3 декември 2025 | Соопштенија

Претседателкатa Гордана Сиљановска Давкова се обрати на настанот „Аbility awards“, што во пресрет на 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одржа во организација на платформата „Абилитист“ којашто се бори за инклузија на овие наши граѓани.

Според претседателката, надминувањето на предизвиците е заедничката должност и одговорност да се гради општество во кое достоинствениот живот не е само етички идеал, туку реална човечка потреба, потсетувајќи дека промените не зависат само од индивидуални напори, туку од континуирана посветеност и координираната работа на надлежните сектори.

Таа го поздравува „Ability Awards 2025“ како просветителски проект со којшто им се оддава признание на 10 личности со попреченост чии професионални и лични достигнувања се доказ за релативизирање, па дури и бришење на попреченоста преку знаењето, емоционалната интелигенција и творечката умешност.  Според неа, неопходни се правни и институционални решенија што препознаваат и овозможуваат непречено изразување на различните човечки потенцијали.

За неа, подеднакво важно е наградувањето на 10-те компании за развојот на иновативни и инклузивни практики. „Нивната работа покажува дека економскиот сектор може да биде значаен промотор на културни и структурни промени, особено кога пристапноста на секој субјект кон секој објект и ресурс е стратешка инвестиција што води сметка за правичноста и еднаквоста на шансите, но и можностите.” потенцираше таа.

На настанот претседателката му ја додели наградата „ИМПАКТ – Подигање на јавната свест“ на Марко Пејчиновски кој, за неа е симбол на храброст, дисциплина и младешки дух што ја претвора љубовта кон езерото во инспирација за сите негови врсници.

„Ability Awards“ е единствената регионална иницијатива којашто го слави успехот, достоинството и талентот на лицата со попреченост, како и придонесот на инклузивните компании во создавањето на поправедно и одржливо општество. Годинава овој настан прерасна во движење што создава системски промени и ја обединува заедницата, проследено со 8 тематски работилници и 6 видеа за подигнување на јавната свест.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани присутни, дозволете ми да ви се обратам.

Во пресрет на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, уште еднаш, чест е да се дружите со оние на кои им се оддава заслужена почит за дострелите, но и морална обврска да си ветиме дека ќе се вклучиме во неопходните промени.

Овој ден нè соочува со колективното, но и со индивидуално прашање: Што сторивме за еднаков пристап и за социјална инклузија на сите граѓани?

Да потсетам, не смееме да ги заборававаме ниту занемаруваме обврските од Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, како темелен правен инструмент за нив. Таа го замени застарениот медицински пристап со нов модел во чија основа се правата, автономијата и партиципацијата на лицата со попреченост. Но, едно се принципите, а друго е реалноста во којашто се соочувааме со бројни и различни бариери, и тие се соочуваат врзани за несоодветни јавни политики, неадаптирани институции и неадекватна инфраструктура.

Најважно во решавањето на предизвиците е нашата заедничка должност и одговорност да градиме општество во коешто достоинствениот живот не е само етички концепт, туку секојдневна човечка потреба. Промените, се разбира, не зависат само од индивидуалните напори, туку од континуираната посветеност и координирана работа на надлежните сектори.

Вчеравечер, со детски очи го видов, го чув и го почувствував „Сонот на едно дете“. На расцветаната бина не се играше уметност, туку се живееше среќно општество во кое имаше место за секој и за секого. На сцената, 300 танчари, без оглед на разликите, со и без попречености, говореа на ист, човечки, уметнички јазик, совршен говор на телото, со неограничена моќ да биде разбран и почувствуван од сите, вклучувајќи нè и нас -гледачите. Исчезнаа разликите меѓу разиграните и распеани совршени човечки суштества, се разлеа незапирлива енергија, ту како вулкан, ту како земјотрес, ту како поплава од љубов, заплиснувајќи ја публиката којашто, во делириум, не можеше да си го контролира однесувањето. Сонот стана јаве, а јавето сон за поубав, порамноправен, пошарен свет, без граници и поделби на луѓе со и без попреченост, без предрасуди, со место за секој различен, а всушност ист: дете или човек.

Најмладите нè учеа нас возрасните, покажувајќи ни го патот кон човечкото ослободување од тежината на незнаењето, предрасудите и непознавањето на другиот, поинаквиот, различниот од нас, ама еднаквиот со нас во правата и во можностите остварени на негов и на нејзин, а не само на наш начин. Се покажа и докажа дека инклузијата не е само принцип и политика, туку и креативен чин на колективно сонување.

Исклучително важно е што „Ability Awards 2025“ им оддава признание на 10 личности со попреченост, чии професионални и лични достигнувања се доказ за релативизирање, па дури и бришење на попреченоста преку знаењето, емоционалната интелигенција и творечката умешност. Доживеаното е емпириски аргумент за неопходноста од креирање правни и институционални решенија што препознаваат и овозможуваат непречено изразување на различните човечки потенцијали.

Подеднакво важно е наградувањето на 10-те компании за развојот на иновативни и инклузивни практики преку коишто на лицата со попречености овозможува на оригинален начин да понудат сопствени решенија. Нивната работа покажа и покажува дека економскиот сектор може да биде значаен промотор на културни и структурни промени, особено кога пристапноста на секој субјект кон секој објект и ресурс е стратешка инвестиција што води сметка за правичноста и еднаквоста на шансите, но и можностите.

Преку игра, песна и танц, младите членови на ЕУРЕКА ја научија публиката како се гради заедница во којашто учителот е ученик, а ученикот учител, секој ту предава, ту учи, секој зборува, но и слуша.

Денешниот настан нè потсетува дека промените се можни тогаш кога различностите не се перцепираат како исклучок, туку како вообичаена карактеристика на луѓето.

Време е да ги почитуваме разликите, наместо да ги негираме, време е за наше очовечување преку градење инклузивно македонско општество како пристојно место за живот!

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова и Мурму присуствуваа на церемонијата на откривање на бистата на Махатма Ганди и ја посетија Спомен-куќата на Мајка Тереза

Сиљановска-Давкова и Мурму присуствуваа на церемонијата на откривање на бистата на Махатма Ганди и ја посетија Спомен-куќата на Мајка Тереза

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, присуствуваа на церемонијата на откривање на бистата на Махатма Ганди во Музејот на Град Скопје, подарок од пријателска Индија и ја посетија Спомен-куќата на Мајка Тереза....

Сиљановска-Давкова: Време е економските односи со Индија да добијат нова динамика

Сиљановска-Давкова: Време е економските односи со Индија да добијат нова динамика

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Македонско-индискиот бизнис форум, организиран во рамките на официјалната посета на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму. Според...

Изјава на претседателката Сиљановска-Давкова по средбата со претседателката на Република Индија, Друпади Мурму

Изјава на претседателката Сиљановска-Давкова по средбата со претседателката на Република Индија, Друпади Мурму

Во рамки на официјалната посета на индиската претседателка, денеска беше одржана заедничка прес-конференција на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателката Друпади Мурму. Во продолжение е интегралната изјава на претседателката Сиљановска-Давкова....

Започна официјалната посета на претседателката на Индија, Друпади Мурму

Започна официјалната посета на претседателката на Индија, Друпади Мурму

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечена церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека Друпади Мурму, прв претседател на Република Индија во официјална посета на државава. По тет-а-тет средбата следеше пленарен состанок на македонската и на...

Официјална посета на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму

Официјална посета на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре - 21 јули 2026 година, вторник, ќе ја пречека претседателката на Република Индија, Друпади Мурму која ќе престојува во дводневна официјална посета на земјава. Индиската претседателка ќе биде пречекана со највисоки...