Изјава за медиумите и одговори на новинарски прашања по настанот за промоција на наодите од Родовата самопроценка и Родовиот акциски план за унапредување на родовата еднаквост во Министерството за одбрана и во Армијата

20 мај 2025 | Интервјуа

Прашање: Вие сте прва врховна командантка, имате жена што ви е исто така во вашиот штаб како аѓутант. Што очекувате повеќе на овој план за време на вашот мандат да се направи?

Претседателката Сиљановска-Давкова: Како што слушнавте од самоевалуацијата, на вистински пат сме. На пример, самиот оној факт дека во самото Министерство има 52% жени, и тоа не само на обични, но и на многу важни функции, тоа е многу важно во ова време. Она што јас сакам да го остварам е во тој другиот дел да имаме поголем прогрес во времето на моето председателствување, значи во воените сили.

Ако во врвни, тешки мисии, жените покажале извонредни резултати, тогаш мислам дека и во статусот, а статусот е врзан најчесто за генералско место. Тоа е она што јас сакам во мојот мандат да се оствари. И основното образложение е следново. И вистина е тоа објективно, но мора да се надмине. За да стигнете до статусот Генерал, треба да имате и оперативен ангажман. Значи, да станете, да речеме, Бригаден генерал, има таму голема хиерархија, а не само да имате статус на наредник. Тоа е нешто што треба да се постигне, ама ако не ви се овозможи да имате вие оперативен статус, како ќе стигнете до генералско место? Значи, јас тоа го барам од овој Началник на Генералштаб. Прво, да ми ги посочи и тоа да ми го направи, жените кои се најблиску до овој статус можат. Е сега да видиме ние преку тој оперативен ангажман и тоа својство, или и тој услов да се исполни и да нема проблем. Не е тоа женска егоцентричност моја, не. Слушнавте од шведската амбасадорка. Се работи за неискористена енергија, ум, знаење, креација. Тоа е нешто што е важно за прогресот на ова општество, а не механички за тоа дека сé што имаат мажите, сакаме и ние жените. Не, ние сакаме да бидеме ангажирани во развојот на оваа земја, исто така и во Армијата. Мислам дека тоа е поголема гаранција за мир во светот и во регионот. Жените се помиротворни суштества, тоа го тврдам.

Прашање: Претседателке кое име ќе го предложите за нов Гувернер? Дали донесовте одлука?

Претседателката Сиљановска-Давкова: А кое име, не, не сум, не го кажувам пред новинари прво името, нема да ми се лутите, но веќе мислам дека знам. Она што со право создаде дебати меѓу вас, прашања, мислам дека беше нешто што би требало да се практикува за секоја функција. Да седнете со сите луѓе кои се споменуваат и да разговарате. Да ги прашате секој што мисли за другиот, или што мисли тој дека може да направи а што не било направено, или што е тоа што мисли дека во другиот не е во ред. Уште повеќе би сакала да можеше да има кандидати, ама тоа не е можено секогаш. Се разбира дека во оваа област е потребна соработка. Вие знаете дека во таканаречените неизвршни членови ќе влезат, оние предложени од Владата. Исто така е важно кој ќе биде заменик – гувернер. Мене и тоа ме интересира, бидејќи треба да соработуваат меѓусебе. Тоа е еден систем којшто е многу важен за макроекономската стабилност и да бидам искрена, јас мислам дека ако ги оценуваме кандидатите, тие со кои јас разговарав, веќе ги чувте имињата, низ призма на експертско знаење, мислам дека немам проблем. Ние сме имале среќа во оваа држава и одлично сме се однесувале кон оваа функција. Одете наназад да видите дека сме имале добри гувернири, тоа го кажуваат и странските евалуатори. Значи, јас веќе најавив, во среда веќе ќе знам, но мислам дека е убаво кога на секој кандидат ќе му кажете дека ќе разговарате со следниот и ќе му кажете што мислите. Мислам дека тоа е и почеток. Се разбира, јас во меѓувреме консултирав и експерти од оваа област, признавам, луѓе кои се врвни, па дури и кои биле на истата таа функција, што мислат, како мислат.

Прашање: Претседателке како ја коментирате одлуката за поништување на постапката од Управниот суд за Елизабета Дуковска? Имате ли коментар со оглед на тоа што бевте пратеничка во опозиција и ја критикувавте…

Претседателката Сиљановска-Давкова: Ништо, јас само ве упатувам да го најдете стенограмот од седницата и да видите што зборував јас и на што укажав. Дека е тоа спротивно на Уставот. Дека мора да има еднаквост на шансите во натпреварот. Дека не може вие да ги анулирате другите кандидати. Меѓутоа, во таа атмосфера аргументите не врвеа. Претседателот на Собранието со мнозинството, се договори. Нашите предупредувања се одбиваа во ѕид. Ни ехо немаше големо и резултатот еве дојде. Затоа јас велам дека во Уставниот суд, ако седат, повеќе моите колеги и колешки, без оглед на партиска блискост или симпатија, тоа ќе се одрази на процесот на одлучување. Како што гледате, стигна. Инаку, да бидам искрена. Еве вчера дискутировме и со колега, врвен експерт од нашата област, грчки професор. Тој исто така вели, еве и со колешката моја Ана Павлова Данева, дека сега не би смеелоо одлуките да се проблематизираат, меѓутоа тоа не може да остане во Уставниот суд особа која што е избрана на неуставен, па ако сакате и на незаконски начин, оти каков е тој натпревар, ако имате повеќе, а некој си одлучи дека завршена е битката уште пред, правната, мислам, уште пред да почнете. Тие се опомените што нас не тераат, системот да го промислиме. Значи, навистина, ако сакаме да имаме Уставен суд што ќе биде противтежа на трите власти, четврта власт, одважна власт, треба навреме. Ова е и лекција за пратениците. Бидејќи да, тие ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено уверување, ама во политика, во границите на правото, таква не беше таа.

Прашање: Претседателке едно прашање после посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Каде го гледате излезот од овој тн. ќорсокак затоа што сведочевме на прес-конференција, каде премиерот вели подготвен сум за разговори, а Кошта вели нема простор за што да се разговара.

Претседателката Сиљановска-Давкова: Јас, вие го чувте мојот коментар, сега некои работи, не знам дали, во меѓувреме, меѓутоа, јас со господинот Кошта разговарав како политичар со политичар, ама и како правник со правник.

Во поглед на моите правни аргументи, тој рече дека целосно се согласува и дека не е фер сето ова што се случува, но таква е постапката. Дека дури и со нашиот предлог, којшто го оцени како извонреден, за одложено правно дејство, дека настапил пред бугарските политичари, но не го прифатиле. Некогаш има патишта за разговор, кои можеби, кога ги слушате само зборовите, не можеме да ги одгатнеме.

Јас се разбира со помаш на господинот Кошта, заедно ќе разговарам со господинот Радев, како што слушате исто така, Австрија се понуди за медијација, во разговорите. Не се нудат членки на ЕУ за уште еден разговор и медијација, ако работата е завршена, или ако е така одлучено, бидејќи тоа не би било европски манир. Значи јас одговорно тврдам дека и да барате од една држава да го смени уставот, е проблематично, низ призма на темелните вредности и принципи на ЕУ, зашто таму има одредба во договорот дека ќе ги почитува уставните и политичките структури, меѓу останатото, или националниот и културниот идентитет. Но еве има нова власт во Бугарија, се надевам стабилна влада, господинот Жељазков, и тука можеме да разговараме, како што чувте и веројатно, или еве јас така да кажам и Обединетото Кралство се нуди исто така за разговори.

Кога велам јас за разговори, не велам преговорачката рамка, не велам. Но сите знаеме дека во преговорачката рамка има нешто, на што не му е место во преговорачката рамка. Протоколите, односно како по промената, записниците. Замислете, извор на уставно право, протокол или записник.

И еве, да искористам, јас воопшто не реков дека преговорачката, дека заклучоците, односно рамката, значи, ја потпишал бившиот министер Бујар Османи, таман работа, тоа не е наш акт, тоа се знае, Советот. Но реков дека потпишал протокол, првиот протокол господинот Димитров, вториот протокол тој, а видете, во протоколите се превземени обврски. Е сега јас, кога читам закон за надворешни работи, еве, ви го препорачувам, уште во првите одредби, ќе видите дека надворешната политика ја креира Собранието.

Понатаму, во меѓународните односи, вториот човек е председателот. Затоа реков јас дека, таков документ, којшто создава обврски за нас, како сакаме да го наречеме протокол, записник, не може некој сам да одлучи да го прифати и да го потпише. Затоа, низ призма на законот за надворешни работи, е потребно да се разговара, да се консултира, кој, креаторот на политиката надворешна Собранието.

Да ве потсетам, јас паметам дека ние, дури и при гласањето за рамката, не ја имавме рамката добиено, туку имавме заклучоци за рамката. И како сега да одлучите вие за една таква важна работа? Се сеќавате, од коалицијата на власта имаше пратеник кој го предочи ова тогаш и предложи амандмани, но не беше прифатено. Значи, ова е исто така едно големо предупредување за сите нас во иднина. Да внимаваме пред да потпишуваме нешто, да не ја забораваме ни опозицијата, ова важи и за сега. Да не ги забораваме клучните акти во Собранието. Сме усвоиле ние исто така како и Грците и Бугарите декларации, така? И сите се повикуваат на нив.

Па да ја научиме ние таа лекција дека за некои важни работи однапред треба да ги промислиме последиците за да внимаваме како се однесуваме. Значи, да кажам, ние во рамките на таа рамка ќе се обидеме некако, она што го бараме, гаранциите, некако да се договориме дека нема веќе да има од тие, можете да замислите, научно-политички, политичка историја, ова излезе, бидејќи, историчари се, ама, под капата на политиката. Дискутират дека нема, повторно да се соочиме или да има интерпретација дека ако сите велат дека треба да се дебилатерализира процесот и дека ветото е лош инструмент, а знаеме консензус треба за да се укине ветото, тогаш да одиме во пресрет на укинувањето, а не, ова јас понекогаш кога сум цинична им велам, ова мене ми личи на цврста одлука да укинете смртна казна, која е срамна, ама велите, ај сега уште овој осуден ќе го екзекутираме, ама од… после извесно време или од идното, од идниот не знам некој момент, нема да има смртна казна. Не може ние да бидеме колатерална штета на ваквиот процес на одлучување.

Последната рамка, последната програма на сегашниот претседавач на Европската Унија, Полска, тоа го нотира, сите од Вишеградската група тоа го нотираат и ние, всушност на нашиот случај се брани процесот на проширување. Истото, еве држете ме за збор, истото ќе се повторува и со другите кандидати кои сега нели трчаат, да, ако треба, ако треба, во поглед на кластерите, во поглед на… бидејќи таква можност постои. Ние бараме нашите интереси исто така да бидат вреднувани како и претходните.

Прашање: Претседателке дали имате во план да одите во Рим за прославата на светите браќа Кирил и Методиј и доколку имате во план, дали имате планирани некои средби таму во Рим.

Претседателката Сиљановска-Давкова: Се разбира, да, ќе се видам со Папата и повторно ќе се видам со председателот на Италија и мојот колега, професорот Матарела. Во меѓувреме, оние кои присуствуваа минатата година на мојот разговар со колегата, знаат дека тој беше составен од еден официјален дел, политички, и еден од научен, бидејќи јас замолив да не поддржи, да влеземе во Европската Асоцијација на Јавно Право, тоа е едно неверојатно важно и моќно здружение, во кое можат да се вклучат сите наши врвни колеги-правници, доколку имаат такво CV, па да набљудуваат, на пример, Генералното Собрание, работата ја набљудуваат, или да помагаат во креирање на документи и слично, и денес, вчера е дојден нашиот грчки колега, инаку со политичко искуство богато, професорот Флогаитис, и ние, да, ќе станеме членка на Европското здружение за Јавно Право. Тоа значи Уставно и Управно право, да објаснам, да.

Ќе се видам, да.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова: Родовата еднаквост не е давање предност, туку отстранување на пречките и создавање еднаков терен за сите

Сиљановска-Давкова: Родовата еднаквост не е давање предност, туку отстранување на пречките и создавање еднаков терен за сите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на настанот за промоција на наодите од Родовата самопроценка и Родовиот акциски план за унапредување на родовата еднаквост во Министерството за одбрана и во Армијата како дел од сеопфатната реформа на...

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во посета на Гостивар

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во посета на Гостивар

На 19-ти мај, Денот на сеќавањето на големиот реформатор и основач на Турската Република, Кемал Ататурк, како и Денот на младите и спортот, којшто го слават припадниците на турската заедница, Сиљановска-Давкова ги посети OOУ „Мустафа Кемал Ататурк“ и здружението...

Обраќање на свечената академија по повод 80-годишнината од основањето на македонскиот Црвен крст

Обраќање на свечената академија по повод 80-годишнината од основањето на македонскиот Црвен крст

Почитуван Генерален секретар на Црвениот крст, господине Саити, Почитуван претседател на Црвениот крст, господине Велев, Почитуван Претседател на Собранието, господине Гаши, Ценети министри, екселенции, Почитувани волонтери на Црвениот крст, Драги пријатели, Кога...

Сиљановска-Давкова ја прими Беате Мајнл-Рајсингер, министерка за европски и меѓународни работи на Република Австрија

Сиљановска-Давкова ја прими Беате Мајнл-Рајсингер, министерка за европски и меѓународни работи на Република Австрија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Беате Мајнл-Рајсингер, сојузна министерка за европски и меѓународни работи на Република Австрија, на којашто беа потврдени одличните политички односи, засновани на почит и разбирање и нотирана   развиената и...