Обраќање на отворањето на изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)“

4 февруари 2022 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)“ во која се опфатени оригинални документи, писма, фотографии, како и написи од весници и други архивски материјали поврзани со неговиот живот и револуционерната активност. Изложбата поставена од Државниот Архив се реализира под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Почитуван претседател на Собранието, почитуван премиер,
Почитуван директор на Државниот архив, почитувани претставници на дипломатскиот кор, почитувани гости, драги пријатели,

Денес одбележуваме еден навистина значен јубилеј – 150 години од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење – Ѓорѓи Николов Делчев, меѓу народот познат како Гоце Делчев. Изложбата поставена од Државниот Архив на Република Северна Македонија, во која се опфатени оригинални документи, писма и фотографии, како и написи од весници и други архивски материјали поврзани со неговиот живот и револуционерната активност, несомнено е централниот настан во одбележувањето на овој јубилеј. Особено е важно што на изложбата се презентирани материјали на Државниот архив кои нашата јавност може да ги види за прв пат.

Ова е бездруго ретка можност да се направи пресек на архивскиот материјал за Делчев собиран низ годините, но и да се поттикне научниот интерес за понатамошно истражување, особено во архивите на Република Турција, како и во дел од соседните држави. Познато е дека за Гоце Делчев како една од нашите најзначајни историски личности постои прилично обемен научно–историски и книжевен опус. Во еден дел станува збор за естетизиран, белетристички пристап со присутен романтичарски патос, а забележливо е и честото споменување на неговото име во нашето фолклорно творештво. 

Сепак, неговиот лик и дело заслужуваат и нови истражувања, нови студии и научни собири и преведување на новите наоди на светските јазици. Се разбира, при тоа е битно историската наука да се држи понастрана од дневната политика, да го задржи објективниот пристап, ослободен од стегите на зададените идеолошки и национални наративи. Во овој контекст, она што како граѓа е досега собрано во нашиот архив има непроценлива вредност. Затоа, Државниот архив, со право го сметаме за чувар на меморијата за нашето минато, историја и култура.

Освен во историските читанки и во нашата литература, Делчев е присутен и во музичката уметност, во сликарството, во радио драмите, во телевизиските филмски проекти.  Се надевам дека и нашите современи уметници, творејќи на различни полиња и во различни медиуми ќе најдат предизвик и инспирација во биографијата на Делчев, во неговите мисли и идеи и ќе ни понудат нови авторски перспективи, за што, се надевам поттик ќе биде и изложбата која денес ќе биде отворена.

Почитувани,

Гоце Делчев бил визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век и клучните дострели на македонската илинденска генерација несомнено го носат неговиот печат. Тој својот живот го подари на највисоката кауза за национална и социјална слобода и со право за македонскиот народ претставува стожер врз кој ја градиме нашата државност и самобитност. Благодарение на својата преданост на делото, Делчев го има трајно обезбедено своето место во колективното паметење на македонскиот народ. 

Неговите идеи и космополитизам, кои беа далеку пред времето во кое живееше, лесно ги надминуваат националните и регионалните рамки. Станува збор за револуционер чија мисла и дело ги крепат најзначајните општочовечки концепти за слобода, правда и рамноправност. Нè прави горди што неговите идеали ги споделуваме со сите слободољубиви народи во светот, особено со нашите први соседи.

Почитувани присутни,

Светот во кој живееше Делчев и оној во кој ние денес живееме, се сосема различни. Македонскиот народ за чија слобода се бореше, неа ја извојува и формираше своја држава за да може еднаков со сите останати да се натпреварува во светот разбран како поле за културен натпревар меѓу народите.

Сепак, неговите идеали не се целосно остварени. Сведоци сме дека и модерниот свет не е имун на конфликти, тензии и кризи од најразличен карактер. Полето за културен натпревар се стеснува и од време на време станува арена во која важи синтагмата дека човек на човека му е волк.

Нашата главна битка денес е да направиме сè во рамките на нашите можности –  како држава, како поединци, како луѓе пред сè и да се натпреваруваме само во културните, во цивилизациските битки и во натпреварот на идеи. Да ја негуваме солидарноста и да ги живееме идеалите на Делчев за да покажеме дека тие можат и денес да бидат еднакво актуелни и прогресивни, како и пред повеќе од еден век кога за прв пат беа родени.   

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на претседателот Пендаровски со Аналена Баербок, сојузна министерка за надворешни работи на СР Германија

Средба на претседателот Пендаровски со Аналена Баербок, сојузна министерка за надворешни работи на СР Германија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Аналена Баербок, сојузна министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. На средбата се...

Претседателот Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија

Претседателот Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија

Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот на усвоениот Закон за амнестија, со кој се предвидува лицата осудени за кривичните дела од член 205 „Пренесување на заразна болест“ и член 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“...

Повик за акредитирање на медиумски екипи – Официјална посета на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен

Повик за акредитирање на медиумски екипи – Официјална посета на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен

Ве известуваме дека на 28 и 29 март 2023 година во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува сојузниот претседател на Република Австрија, Н.Е. д-р Александер Ван дер Белен, во придружба на неговата сопруга, г-а Дорис Шмидауер. Заинтересираните...

Претседателот Пендаровски се обрати на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов“ во УНЕСКО во Париз

Претседателот Пендаровски се обрати на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов“ во УНЕСКО во Париз

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Париз се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во рамки на чествувањето на јубилејот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов (1923 – 1982)“, што се одржува под негово покровителство во соработка со УНЕСКО. Воедно,...

Средба на претседателот Пендаровски со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле

Средба на претседателот Пендаровски со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Париз оствари средба со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле. На средбата се разговараше за севкупната соработка на Република Северна Македонија со УНЕСКО, во контекст на 30-годишнината од нашето членство во...