Обраќање на претседателот Пендаровски на одбележувањето на 80 годишнината од битката кај село Кленоец

6 октомври 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на одбележувањето на 80 годишнината од битката кај село Кленоец. Во рамки на настанот, претседателот Пендаровски положи свежо цвеќе на меморијалниот споменик на паднатите борци.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани присутни,

Драги пријатели,

Чест ми е да бидам со вас денес, тука, во Кленоец. Им благодарам на членовите на Општинската организација на Сојузот на борците од Кичево што посветено ги чуваат спомените за славната антифашистичка генерација, и што од година во година не потсетуваат да не заборавиме која е цената на слободата.

Пред три дена, на 3 октомври, се навршија точно 80 години од објавувањето на еден од најзначајните документи на македонската народноослободителна и антифашистичка борба. Тоа е Манифестот на Главниот штаб на НОВ до македонскиот народ. Објавен недалеку од тука, во Црвена Вода, Манифестот е прв официјален документ на македонски јазик отпечатен во првата партизанска печатница „Гоце Делчев“.

Манифестот ја дава конкретната програма и насоки за натамошниот тек на антифашистичката борба до конечно ослободување и ги исцртува контурите на идното уредување на македонската држава. Но, исто така, Манифестот предупредува дека и покрај големите победи и ослободените територии, на македонскиот народ му претстојат уште многу тешки и крвави борби со фашистичкиот окупатор и неговите соработници, до целосното и конечно ослободување на Македонија.

Првата таква борба се случила само три дена подоцна, на 6 октомври 1943-та, тука во Кленоец. И тоа не било случајно. Овој крај бил дел од слободната територија со која управувале првите народноослободителни одбори како никулци на идната слободна македонска држава. Недалеку од тука се Славна Дебарца, но и Славеј Планина каде што бил формиран првиот баталјон „Мирче Ацев“.

Овој простор бил клучен, не само поради неговата стратешка положба, туку, уште поважно, поради нескршливиот, слободарски дух на народот, кој неколку децении претходно има дадено и многу илинденци. За да го задушат отпорот и да ја уништат слободната територија, фашистичките окупатори и нивните слуги, токму тука, започнале голема офанзива против партизанските единици.

Партизаните биле нападнати од заседа, а во борбата што траела од мугрите до квечерината загинале многу храбри борци од Кичевско, Охридско, Струшко. Меѓу нив бил и народниот херој Јосиф Јосифовски-Свештарот. Преживеаните борци се повлекле во Црвена Вода каде што посведочиле за исходот на битката и за фашистичките репресалии врз локалното население.

Иако поради тешките загуби битката кај Кленоец била привремено загубена, сепак, патот кон добивање на војната бил целосно отворен. Со последователните воени акции, како Февруарскиот поход, беше трасиран патот до АСНОМ и прогласување на слободна македонска држава за прв пат во нашата историја.

Почитувани,

Денеска сме тука собрани, да се потсетиме дека цената за нашата слобода е запишана на секој споменик и секој паметник од народноослободителната војна, вклучително и на овој, тука, во Кленоец. На оваа плоча се врежани имињата на борците кои беа подготвени да ја платат и највисоката цена за нашата слобода, со сопствените животи.

За да можеме да се наречеме нивни достојни наследници, ние мораме да го чуваме она за што тие се бореа – слобода, правда, соживот и демократски вредности. Преку граѓанско и национално помирување, преку владеење на правото, преку подигнување на квалитетот на животот, наша должност е да ја вратиме надежта кај младите генерации дека можат да се остварат и тука, во својата татковина.

И со тоа да се доближиме до идеалот – праведно и слободно општество на еднакви, за какво што сонуваа и гинеа нашите херои во чија чест сме денес, сите ние, овде собрани.

Слава им.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Дискусија „Влијание и вклучување на гласачи: како до успешни политички кампањи?“ во организација на ПЦПО и ИРИ

Дискусија „Влијание и вклучување на гласачи: како до успешни политички кампањи?“ во организација на ПЦПО и ИРИ

Во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија се одржа дискусија на тема „Влијание и вклучување на гласачи: како до успешни политички кампањи? - лекции од Соединетите Американски Држави“, во организација на Претседателскиот центар за политичко...

Претседателот Пендаровски се обрати на дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција“ во пресрет на 28. Самит за климатски промени

Претседателот Пендаровски се обрати на дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција“ во пресрет на 28. Самит за климатски промени

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција “, којашто се одржа во соработка со постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Армен Григорјан, а во пресрет на претстојниот...

Претседателот Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2022 година

Претседателот Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2022 година

Претседателот Стево Пендаровски, на церемонија во Кабинетот на претседателот, денеска го додели признанието „Успешни млади“ за 2022 година. Признанието се доделува како поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во нашата држава. За Најдобра...

Панел – дискусија „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“ во рамки на 16 дена активизам против родово-базирано насилство

Панел – дискусија „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“ во рамки на 16 дена активизам против родово-базирано насилство

Под покровителство на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска и во соработка со Сојуз-Национален совет за родова рамноправност, денеска се одржа панел-дискусија на тема „Вклучи се, превенирај, одговори и систематизирај“,  по повод кампањата „16 дена активизам...

Претседателот Пендаровски присуствуваше на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“

Претседателот Пендаровски присуствуваше на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“ којшто се одржа во рамки на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, иницијатива под покровителство на Претседателот. [gallery...