Обраќање на претседателот Пендаровски на научно-технолошка конференција „Традиционалните индустрии и креативните сектори испречени на патот на економската криза“

25 април 2023 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на отворањето на научно-технолошката конференција „Традиционалните индустрии и креативните сектори испречени на патот на економската криза“,  којашто ја организира Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија во соработка со „Македонија 2025“.

Учесниците на конференцијата дискутираа на темите „Раст на бизнисите низ инвестиции во научно-технолошкиот развој и иновации – улогата на државата“ и „Поврзување на бизнисите со иновациите и технолошкиот развој преку образованието и образовните политики“.

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Чест ми е да ве поздравам на оваа конференција што ја организираме во соработка со Македонија 2025.

Во време кога кризите се зголемуваат по број, според интензитет и сложеност, малку е веројатно дека набргу ќе влеземе во мирни води. Глобалната економија минува низ рани етапи на темелно реструктурирање. Новите технологии, економските ризици, геополитичката нестабилност и климатските промени се дел од мегатрендовите што го менуваат светот. Темпото и природата на промените бара сосема поинаков пристап од конвенционалниот. Оттука, клучната дилемата со која се соочуваме е: како да обезбедиме развој во доба на неизвесност?

Меѓу факторите што генерираат неизвесност, постои еден што нуди и решение. А тоа е дигиталната трансформација што ја менува природата на производството и на професиите. Од почетокот на пандемијата, технолошките компании во светот пораснаа за 2.3 пати повеќе од нетехнолошките. Според Светскиот економски форум, 70% од новата вредност што на глобално ниво ќе се создава во текот на наредната деценија ќе се темели на дигитални бизнис модели. Една од најдобрите глобални онлајн платформи – „Статиста” предвидува дека веќе годинава дигитално трансформираните компании ќе создадат половина од светскиот БДП. Се прогнозира дека добивките од вештачката интелигенција ќе достигнат 16 трилиони долари до 2030 година. Оттука, јасно е дека претприемништвото поврзано со дигиталните иновации се клучни двигатели на економскиот и севкупниот општествен развој.

Меѓутоа, и дигитализацијата носи свои ризици. Јазот во поседувањето на дигиталните вештини може да предизвика дигитална исклученост и технолошка невработеност. Доколку не вложуваат во иновациите, традиционалните индустрии можат да се најдат во расчекор со креативните сектори. Иновацијата ја претркува регулацијата и отвара простор за најразлични злоупотреби, од дезинформации, преку сајбер криминал, па се до безбедносни сајбер закани.

Почитувани присутни,

Најповолна средина за користење на новите можности и за  амортизација на ризиците од дигитализацијата е иновацискиот екосистем. Во секој екосистем постои и соработка и натпревар кои не се исклучуваат, туку се надополнуваат и придонесуваат кон општиот развој. Колку е поразновиден, толку екосистемот е поодржлив и поотпорен на промените. Во иновацискиот екосистем секој член придонесува со своите силни страни – таленти, вештини, ресурси, идеи, претприемачки дух, институции, инфраструктура.

Пример за тоа е првиот македонски екосистем – „Стартап Македонија“ со потенцијал да стане јадро на наша, македонска силиконска долина. Со поддршка од иновациски фондови и бизнис ангели, оваа платформа поврзува луѓе со идеи, вештини и капацитети кои веќе создаваат решенија и производи за глобалниот пазар. Членовите на македонскиот старт ап екосистем се дел од нашето креативно малцинство кое може да нè придвижи кон промените.

Сепак, македонскиот стартап екосистем е исправен пред три големи предизвици.

Првиот предизвик е демографски. Поради иселувањето на младата популација, ние веќе ги достигнавме демографските проекции на Обединетите нации за 2030-та година. Имаме за 16% помалку младо население отколку што имавме во 2002-та година, односно 28% помалку од 1991-та година.

Вториот предизвик е образовен. Недостатокот на висококвалификувана работна сила со дигитални вештини и релевантни способности е главна пречка за иновациите и во регионот на Западниот Балкан и кај нас. Хипотетички, ако веќе утре воведеме автоматизација во многу производни процеси, воопшто не се поставува прашањето дали ќе имаме доволно стручен кадар кој ќе може да управува со тие процеси, затоа што одговорот е јасен. Без темелни промени во македонскиот образовен систем, ќе се соочиме со високо ниво на технолошка невработеност.

Третиот предизвик е политички. Повеќедецениската етнизација на политиката, партизација на институциите и поларизација на македонското општество го ставаат развојот на иновацискиот екосистем во втор план. Не е случајно што во македонскиот медиумски простор традиционалните политички теми и дилеми редовно ги потиснуваат успешните приказни на нашите млади креативци.

Оттука, дел од прашањата што ќе ги отвориме на денешната конференција се: како да го развиваме македонскиот иновациски екосистем за да привлекува инвестиции, да генерира работни места и да ги задржува младите? Како да го окрупниме креативното малцинство и да создадеме критична маса на висококвалификувани луѓе кои ќе станат двигатели на позитивните промени? Што треба да направиме за потфатите како „Стартап Македонија“, наместо исклучок, да станат правило во домашната економија?

Почитувани,

Наместо да ја губиме енергијата со политички теми кои најчесто без потреба не преокупираат 24/7, сите политички чинители треба да изградат консензус околу создавањето на амбиент за иновации затоа што тоа е витален национален интерес.

Дел од решенијата ги вклучивме во Рамката за развој МКД2030 како заедничка платформа за долгорочен развој на Северна Македонија. Овој документ е производ на екосистем што во еден момент обедини над 60 организации и поединци од граѓанските здруженија, стопанските комори, академската заедница, медиумските и младинските организации.

Развојните приоритети што ги идентификувавме се дигиталната трансформација преку промовирање на дигитална економија и образование, подигнување на дигиталната писменост, развој на македонскиот ИТ сектор и целосна дигитализација на сите јавни услуги.

Потоа, образованието, младите и инклузивниот развој. За да излеземе од надолната спирала на застарено образование, невработеност и сиромаштија, социјална исклученост и масовно иселување, потребни ни се добро обмислени реформи во чекор со времето.

Овие приоритети треба да бидат вградени во деталната Национална развојна стратегија 2021-2041 што ја изработува Владата на Република Северна Македонија.

Почитувани присутни,

Прашањето што го поставив на почетокот беше: како да обезбедиме развој во доба на неизвесност? Одговорот лежи во иновациските и дигитални екосистеми. Само така ќе станеме поотпорни на ризиците. Во тој стратешки потфат, државата има тројна улога.

Прво, да изгради современо образование прилагодено на светските трендови и на побарувачката на пазарот на трудот. Второ, да ја регулира рамката во која со јасни правила ќе функционираат тие екосистеми. Трето, да создава услови неопходни за екосистемите да генерираат профит за инвеститорите, но и долгорочна добробит за општеството затоа што Македонија и според уставот мора да е социјална држава.

Во таа смисла, ја имаме поддршката од Европската Унија која ја донесе „Агендата за Западниот Балкан за иновација, истражување, образование, култура, млади и спорт“. Европската агенда има за цел да ја помогне зелената транзиција и дигиталната трансформација на државите од регионот и нивно интегрирање во европскиот екосистем на иновации.

Почитувани,

Крајно време е да дадеме одговор на прашањето: дали ќе се развиваме или ќе продолжиме да живееме по инерција во која стагнираме. Никој во светот го нема луксузот да чека подобри времиња, ние – најмалку! Исто така, никој од надвор нема да ги создаде тие подобри времиња. Само ние сме одговорни за сопствената судбина и иднина.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...