Пендаровски: Без долгорочни мерки за заштита неповратно ќе ги изгубиме водните ресурси

3 март 2021 | Соопштенија

Севкупниот развој на државата во голема мера зависи од квантитетот и квалитетот на нашите водни ресурси. Доколку не превземеме долгорочни мерки за нивна заштита, многу лесно можеме неповратно да ги изгубиме, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на виртуелната конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Република Северна Македонија“ во организација на Институтот за европска политика во соработка со Институтот за комуникациски студии, а во рамки на кампањата „Разбистри сѐ!”.

Според некои проценки, рече претседателот Пендаровски, во државата се прочистуваат само околу 3 до 4 проценти од вкупното количество отпадни води од рударството и индустријата, а најголем дел од непрочистената вода се испушта директно во почвата, во реките, акумулациите, езерата и јавната канализација. Подеднакво сериозен проблем, според претседателот, е вадењето песок, чакал и камен од речните и езерските брегови и корита, што во отсуство на јасни критериуми и контролни механизми, како што рече, прераснува во de facto легализирано уништување на речните корита.

„Постојат неколку причини за ваквото неодржливо управување со водите. Прво, ниското ниво на јавна свест и лична совест. Се уште доминира сфаќањето дека водата е ресурс што може неограничено да се троши. Ваквиот недомаќински однос е особено загрижувачки ако имаме предвид дека 11 проценти од вкупниот број на индивидуални домаќинства во Северна Македонија сѐ уште немаат пристап до вода за пиење“, рече претседателот Пендаровски.

Слаба алка во нашиот систем, според претседателот Пендаровски, е инспекцискиот надзор, кој оцени дека е нередовен и реактивен, поради законски недоречености и буџетски ограничувања.

„Поради овие наталожени системски недостатоци, надлежните институции со години наназад немаат реален увид во квалитетот и квантитетот на водите во Северна Македонија. Не се знае точно со колку површинска и подземна вода располагаме. Не се знае колку вода се црпи и испушта за наводнување и одвод. А без јасни податоци тешко е да се носат долгорочни одржливи политики и регулативи. Во ваква нејасна состојба, носењето одговорност е исклучок што го потврдува правилото дека прекршителите најчесто не се казнети. Во таков случај, цената ја плаќаат природата и ние граѓаните“, рече претседателот Пендаровски.

Според претседателот, климатските промени дополнително ги усложнуваат проблемите поради фактот што нашата држава се наоѓа во еден од климатски најранливите региони не само во Европа туку и во светот. Како особено загрижувачка ја посочи состојбата со Преспанското езеро.

„Доколку не превземеме долгорочни мерки за заштита на водните ресурси, многу лесно можеме неповратно да ги изгубиме. Затоа, проблемот со заштитата на водите не е дневнополитичко, туку егзистенцијално прашање“, рече претседателот Пендаровски.

„За да се разбистри ситуацијата со заштитата на нашите води, на надлежните институции им се непходни прецизни, но и ажурирани податоци. Потребна е хармонизација со европското законодавство, но, тоа е полесниот дел, затоа што е поважна имплементацијата што подразбира и редовен и превентивен инспекциски надзор, кој навремено ќе го санкционира секој обид за профитирање на сметка на животната средина и граѓаните. Една работа треба да ни е јасна – ова не го правиме за Брисел. Ова го правиме за нас“, рече претседателот.

Ова прашање, според претседателот, има и надворешно политичка димензија бидејќи вклучува и прекугранична соработка во управувањето со трите големи езера и големите реки што ги споделуваме со нашите соседи.

„Тоа значи дека заштитата на водите не е само внатрешно, туку и европско прашање. Зелената агенда е дел од Економскиот и инвестициски план за Западниот Балкан во вредност од 9 милијарди евра. Европската Унија е подготвена да поддржи проекти за одржливо, рационално и ефикасно користење на ресурсите. Верувам дека се уште имаме доволно внатрешен потенцијал за да го решиме ова прашање“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето на конференцијата.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски се обрати на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Пендаровски се обрати на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, денеска се обрати на Сегментот на високо ниво на Светскиот самит за климатски активности....

Средба на претседателот Пендаровски со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо во Дубаи

Средба на претседателот Пендаровски со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо во Дубаи

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Дубаи, за време на неговото учество на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28, оствари средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо. ...

Средби на претседателот Пендаровски на маргините на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи

Средби на претседателот Пендаровски на маргините на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи оствари кратки средби со британскиот крал Чарлс Трети, со кралот на Јордан Абдула Втори, со претседателката на Република Словенија Наташа...

Средба на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот со заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија

Средба на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот со заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија

Генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Миле Бошњаковски, денеска прими делегација предводена од заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија, Јоичи Фуказава, којашто престојува во земјава по повод учеството на Министерски совет на ОБСЕ. [gallery...

Претседателот Пендаровски присуствуваше на отворањето на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Пендаровски присуствуваше на отворањето на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, присуствуваше на отворањето на Светскиот самит за климатски активности, што се одржува во рамки на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28. [gallery...