Претседателот Пендаровски се обрати на конференцијата „Надзорната улога на Народниот правобранител над разузнавачките и безбедносните структури, од аспект на заштитата на правото на приватност на граѓаните“

8 ноември 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на конференцијата „Надзорната улога на Народниот правобранител над разузнавачките и безбедносните структури, од аспект на заштитата на правото на приватност на граѓаните“, во организација на Народниот правобранител и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека Народниот правобранител, како заштитник на уставно загарантираните права и слободи на граѓаните, до обвинителството може да иницира и водење на соодветни кривични постапки доколку при вршењето на надзорната функција оцени дека постои основ на сомневање дека е сторено кривично дело од страна на институциите и нивните претставници. Тие овластувања од гледна точка на јавноста, како што потенцираше претседателот Пендаровски ниту се мали, ниту можат лесно да бидат занемарени или маргинализирани од институциите и високите функционери во нив.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитуван Народен правобранител,
Почитувани учесници на конференцијата,
Дами и господа,

Ми претставува особено задоволство и чест да се обратам на отворањето на меѓународната конференција „Надзорната улога на Народниот правобранител над разузнавачките и безбедносните структури“, која што оваа институција ја организира во соработка со Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор.

Темата на конференцијата, а, особено нејзините заклучоци и препораки ќе имаат повеќеслојно значење за Република Северна Македонија. Како една од новите членки на НАТО нашите безбедносни служби имаат одговорност да ја остваруваат својата клучна задача, а таа е – заштита на националната безбедност и демократскиот поредок на државата, како и правата и слободите на граѓаните. Претпоставка за остварувањето на оваа цел е успешно пресретнување и попречување на злонамерните влијанија и мешањето во внатрешните работи на државата, со цел, да се ослабнат институциите и наруши општествената кохезија.

Како кандидат за членство во Европската Унија имаме одговорност работата на безбедносните служби да биде во согласност со Уставот и законите и под контрола на демократските политички институции, но и на независните институции за надзор, како и на цивилното општество, со цел безбедносните служби да ја извршуваат својата функција почитувајќи го начелото на владеење на правото и штитејќи ги правата и слободите на граѓаните.

Како држава која во изминативе три децении имаше неколку исклучително негативни искуства во кои беа инволвирани безбедносните служби, а со кои масовно се кршеа човековите права и слободи, пред сè, правото на приватност, имаме огромна одговорност пред нашите граѓани да создадеме стабилни механизми за надзор и контрола за никогаш да не се повтори флагрантната злоупотреба на службите за лични и партиски интереси на што сведочевме не толку одамна.

Гледајќи во историска перспектива, стекнувањето на независноста и транзицијата од еднопартиски систем во плурална демократија, за жал, не беше проследено и со соодветни реформи во безбедносните служби. Долги години по независноста безбедносните служби беа премолчено третирани како инструмент за контрола на политичките противници, наместо како државни институции задолжени за националната безбедност.

Старата мантра од времето на социјализмот дека службите се „меч во рацете на партијата“ продолжи во изменета форма да функционира и во повеќепартискиот систем, при што, при промената на власта, преземањето на контролата врз службите беше врвен политички приоритет. Дури и еден дел од самите припадници на службите не пружаа отпор кон оваа антидемократска практика, туку во обид да ги задржат своите позиции, кариера и привилегии и самите често се ставаа во служба на актуелната владејачка структура. Токму ова е причината зошто во различни временски периоди се случуваа исти или слични скандали и зошто долго време организационата структура, а особено, оперативната практика на службите, не претрпе позначајни промени.

Почитувани учесници на конференцијата,

Во последните неколку години се случија реформи кои барем на законодавно ниво донесоа позитивни промени во организацијата и работата на службите. Преку посебен закон поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање беше трансформирана во Агенција за национална безбедност и организационо и функционално се оддели од Министерството за внатрешни работи. Следењето на комуникациите премина од поранешната УБК при МВР во Оперативно техничката агенција која е самостојна државна институција со задача да овозможи техничка поврзаност меѓу операторите и државните институции врз основа на законски пропишана постапка. Конечно, но, не и најмалку важно, после повеќе од 25 години беше донесен нов Закон за Агенцијата за разузнавање кој беше основа за темелна реформа на оваа служба во насока на ефикасно остварување на нејзината улога во време на исклучително сложени регионални и глобални геополитички предизвици.

Сепак, иако имаме напредок, не можеме да кажеме дека сме ја заокружиле реформата на безбедносниот сектор и тоа токму во делот на надзорот и контролата врз работата на службите, иако тоа беа клучните сегменти во препораките кои ги добивме од извештајот на групата на експерти предводени од Рајнхард Прибе, имено, да се оневозможи повторување на масовното прислушување и кршење на приватноста на граѓаните кое со години се спроведуваше од страна на дел од припадниците на службите, а по барање на тогашната власт.

Во овој сегмент, особена важна улога има Народниот правобранител. Иако оваа институција има сразмерно помали извршни овластувања во споредба со обвинителството или со парламентарната комисија за надзор, сепак, таа е најблиску до суштината на она што се нарекува – граѓанска контрола над власта, вклучително и врз еден од нејзините најсензитивни делови – безбедносните служби.

Фактот дека оваа институција има овластување да бара одговори од институциите на власта по претставки на граѓаните, вклучително и да врши увид во класифицираните информации со какви, главно, работат безбедносните служби, ги прави нејзините забелешки и препораки до институциите на власта, не само основа за медиумски извештаи, туку и инструмент за кревање и менување на јавната свест. Народниот правобранител, како заштитник на уставно загарантираните права и слободи на граѓаните, може да иницира до обвинителството и водење на соодветни кривични постапки доколку при вршењето на надзорната функција оцени дека постои основ на сомневање дека е сторено кривично дело од страна на институциите и нивните претставници. Овие овластувања од гледна точка на јавноста, ниту се мали, ниту можат лесно да бидат занемарени или маргинализирани од институциите и високите функционери во нив.

Во оваа насока сакам да ја истакнам мојата целосна поддршка на институцијата Народен правобранител и да ја охрабрам во иднина да има уште попроактивен пристап и дури и самата да иницира постапки кои во крајна линија ќе помогнат во создавањето на нова правна и политичка култура за вистинското место и улогата на службите за безбедност во демократијата. На тој начин ќе дадете придонес во реформата на службите, ќе спречите потенцијални злоупотреби и кршење на човековите права и слободи и, во целина, ќе дадете придонес во изградбата на функционална правна држава.

Почитувани,

Со оваа порака би сакал, уште еднаш, да се заблагодарам за поканата денес да бидам меѓу вас, да ви посакам интересна дебата и понатамошна работа за спроведување во пракса на заклучоците кои ќе произлезат од оваа конференција.

Благодарам!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Ѓоргиевска: Потребна е зголемена будност и грижа за менталното здравје на жената без разлика на нејзината возраст, положба и статус.

Ѓоргиевска: Потребна е зголемена будност и грижа за менталното здравје на жената без разлика на нејзината возраст, положба и статус.

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска учествуваше и се обрати на панел дискусијата „Здравјето не е само физичко -Ти ја имаш силата“ што се одржа во организација на НЕОКОРТЕКС - Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација. Во своето...

Сопругата на претседателот учествуваше на настанот „Едуцирај, ангажирај се, еманципирај: Панел-дискусија за превенција на адолесцентна бременост“

Сопругата на претседателот учествуваше на настанот „Едуцирај, ангажирај се, еманципирај: Панел-дискусија за превенција на адолесцентна бременост“

 Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска учествуваше на настанот „Едуцирај, ангажирај се, еманципирај: Панел-дискусија за превенција од адолесцентна бременост“ што се одржа во Eвропска куќа, Скопје. ...

Отворен Кабинет за ученици од ООУ „Круме Кепески“ и ООУ „11 Октомври“ од Скопје

Отворен Кабинет за ученици од ООУ „Круме Кепески“ и ООУ „11 Октомври“ од Скопје

Во рамки на Отворен Кабинет, ученици од ООУ „Круме Кепески“ и ООУ „11 Октомври“ од Скопје, денеска го посетија Кабинетот на претседателот Пендаровски. За време на престојот, се сретнаа и...

Обраќање на претседателот Пендаровски на одбележувањето на 30 години од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост

Обраќање на претседателот Пендаровски на одбележувањето на 30 години од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на настанот со кој се одбележува 30-годишнината од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост.  Почитуван директор на Државниот завод, Почитувани...

Претседателот Пендаровски се обрати на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Франција

Претседателот Пендаровски се обрати на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Франција

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на приемот, што по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Француската Република, се одржа вчеравечер во Скопје. Претседателот Пендаровски оцени дека...