Претседателот Пендаровски се обрати на конференција на Обединетата македонска дијаспора (ОМД)

20 јули 2023 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на првиот ОМД Македонија Симпозиум и Практики, организиран под покровителство на Обединета Македонска Дијаспора, со цел претставување на можностите и потенцијалите на државата и македонската дијаспора на глобалната сцена.

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Чест ми е да се обратам на оваа конференција на Обединетата македонска дијаспора. Познатиот американски историчар на емиграцијата, Маркус Хансен стана познат по тезата дека во секоја дијаспора, третата генерација се обидува да го открие она што втората генерација се трудела да го заборави. Меѓутоа, македонската дијаспора го побива овој принцип бидејќи, не само што немало обид да го заборави своето македонско потекло, туку, тоа, како најголема вредност го пренесува од колено на колено. Потврда за тоа се и младите иселеници кои се дел од програмата „Родум од Македонија“ и кои изминативе две недели беа практиканти во повеќе македонски институции и компании. Горан Стефановски велеше, минувањето време во татковината е трансформативно искуство, бидејќи тука е изворот на македонскиот идентитет, на македонската, на нашата приказна.

Особено е важно што интересот на македонската дијаспора не се сведува на некаква пасивна носталгија, туку е пример за активен ангажман и волја за вклучување во современите процеси во татковината. За тоа сведочи и денешнава конференција која има за цел да ги сподели највредните знаења, искуства и успеси на дијаспората. А успеси има многу. На моите патувања низ Европа и светот, редовно се среќавам со успешни Македонки и Македонци кои се почитувани и високо вреднувани во општествата во кои живеат.

Зборувајќи за успехот, неодамна во Скопје се сретнав со израелскиот професор Ден Шехтман, кој за своите научни постигнувања ја доби Нобеловата награда за хемија во 2011 година. На неговото прашање за тоа кои се најголемите македонски достигнувања од независноста до денес, му одговорив дека погледнато во историска перспектива, првото и најважно достигнување е тоа што станавме држава и опстанавме како држава и покрај сите предизвици. Независноста ја стекнавме во исклучително сложени геополитички и безбедносни околности, на крајот на Студената војна и на почетокот на крвавиот распад на поранешната држава. Се соочивме и се уште се соочуваме со долга серија на негирања, притисоци и блокади на нашите интеграции, со конфликти внатре и околу нас, што донесоа рецесии и деструкција, ни одзедоа огромно време, енергија и можности и поради што направивме тешки компромиси. Но, опстанавме како држава и тоа во овие граници.

Второто македонско достигнување е што со сите свои недостатоци за кои сведочиме, ние не сме држава само на хартија, туку демократија која ја градиме  долго и мачно од почетокот на независноста. На прославата на 30 години од 8 септември 1991-та, реков дека власта која македонските граѓани ја избираат на слободни демократски избори не може да биде полоша од која било власт однадвор наметната како што било со векови во минатото под туѓа власт. Ова е особено важно и денес кога сме сведоци на заканите на популизмот и автократијата дури и во старите и зрели демократии.

Третото наше достигнување е што со децении го одржуваме моделот на функционална мултиетничка демократија, какви што нема многу во Европа. Актуелните превирања на континентот и пошироко се доказ дека мултиетничката демократија е сериозен предизвик и за многу поголеми и помоќни држави од нашата. Мултиетничката коегзистенција и вековната традиција на почитување на различноста се наша најголема вредност и предуслов за внатрешна стабилност и просперитет.

Ценети присутни,

Македонската дијаспора има значаен удел во секој од овие три наши, заеднички, македонски успеси. Македонските иселеници никогаш не биле пасивни набљудувачи на овие процеси, туку активни чинители. Дијаспората лобираше за признавање на независноста на македонската држава, за воспоставување дипломатски односи со многу земји во светот и за интензивирање на билатералните односи меѓу нивната прва и втора татковина. И денес вие, припадниците на дијаспората, продолжувате да ги застапувате нашите интереси, да отворате врати за билатерална соработка и да придонесувате за меѓународна афирмација на државата.

Но, за овие три постигнувања на македонската држава и граѓани да продолжат да опстојуваат и да бидат платформа за натамошен развој и просперитет на сегашните и идни генерации, неопходни се три услови.

Првиот услов е геополитичка безбедност што ни ја гарантира членството во НАТО. Војната во Украина покажа колку е важно што сме на вистинската страна на историјата. Но, за да го заокружиме интегрирањето во тој геополитички и геоекономски простор неопходно ни е и членство во Европската Унија.

Вториот услов е владеењето на правото. Од правната сигурност зависи и довербата на граѓаните во државните институции и одржливиот економски и општествен развој. Законите кои не важат за сите подеднакво, генерираат не само правна, туку и социоекономска и политичка нееднаквост. За да ја постигнеме таа цел, ние мора да вложиме далеку повеќе енергија во борбата против непотизмот, корупцијата и организираниот криминал, партизацијата и етнизацијата и на политиката и на институциите.

Третиот услов е динамичен економски раст и развој. Мора да изградиме економија заснована врз новите технологии и да вложуваме во развојот на иновативните екосистеми. Круцијално е да го затвориме јазот на дигитални вештини и дигитално образование со развиениот дел од светот, за младите да можат да најдат добро платена работа и овде, во својата татковина.

Почитувани,

Верувам дека најголемата инвестиција која дијаспората може да ја направи во татковината не се финансиските средства, иако се важни. Најголемата инвестиција која припадниците на дијаспората овде ни ја носат се евроатлантските демократски вредности и принципи на работа, културата на почитување на законите и претприемачкиот дух. Неспорен факт е дека голем дел од придобивките и добрите практики што ги имаме се донесени токму благодарение на нашите сонародници желни да ја видат својата прва татковина успешна и развиена.

Добар пример во таа насока е „Македонија 2025“ која беше вклучена во изработката на стратешката Рамка за развој „МКД2030“, и која секоја година организира летни кампови за изворедност каде ги поврзува младите Македонци независно од тоа каде живеат.

Денешнава конференција на Обединетата македонска дијаспора е исто така еден одличен пример. Дијаспората треба да продолжи да лобира за заокружување на нашите европски интеграции, да внесува добри бизнис практики, да ко-финансира развојни и проекти за општествена одговорност. Токму оваа тријада на геополитичка безбедност, правна сигурност и економска одржливост е најголемата гаранција дека ќе достигнеме многу поголем економски развој, повисока доверба во институциите и што е многу, многу важно, драстично помало иселување на младите.

Драги пријатели,

За помалку од две недели заедно со нашите сонародници од целиот свет ќе го прославиме најголемиот македонски празник ‒ Илинден и ќе ја одбележиме 120-годишнината од славното Илинденско востание. Борбата на илинденците и на учесниците во НОБ беше за слобода и за човечки правдини. Нашата борба во 21 век е за развиена и просперитетна македонска држава во која граѓаните ќе имаат шанса да ги остварат своите животни идеали. Само со помош на дијаспората и со заеднички напори на сите Македонци во светот ќе можеме да ја постигнеме целта и да изградиме држава што со гордост ќе можеме да ја наречеме наш заеднички дом.

Ви благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

По повод 1 Мај, Денот на трудот, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: „Човечкиот е најскапоцениот ресурс за секоја држава. Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, е аларм за сите нас дека...

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...