Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, го прогласи за отворено 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и ја врачи наградата „Златна камера 300“ на годинашниот лауреат, данскиот кинематографер, Дан Лаустсен.
Во своето обраќање, таа посочи дека „Браќа Манаки“ одамна не е само фестивал, туку и културна институција со препознатлив меѓународен авторитет, докажан културен идентитет и долг, духовен и емоционален мост што ја поврзува македонската и балканската кинематографија со светската.
За неа, особено значајно е што меѓу 12-те кинематографери чии филмови се во официјалната селекција се најдоа и два македонски филма, со кои ќе се отворат и затворат 47. издание на Фестивалот, што претставува признание и импулс за македонскиот филм.
Таа укажа дека камерата не е само техничко средство за создавање филмска слика, туку и моќен естетски инструмент и сведок на времето, кој не само што го регистрира и прикажува светот, туку му дава значење и ни овозможува да го разбереме.
Според претседателката, овогодишното мото на Фестивалот „Ткајачи на филм“ е исклучително силна метафора, оти филмот се ткае од светлина и сенка, од боја и движење, од звук и тишина, од вулкански емоции, оригинални идеи и моќни визии, од минатото, сегашноста и иднината, од традицијата и иновацијата, од искуството на големите мајстори и храброста на новите генерации.
„Од пионерскиот подвиг на Јанаки и Милтон Манаки, до современите врвни достигнувања на светската кинематографија, оваа фестивалска приказна се ткае и ткае како драгоцено културно наследство на филмскиот разбој“, рече таа.
Сиљановска-Давкова нагласи дека наша должност е да го поддржиме, сочуваме и продолжиме ова драгоцено наследство, создавајќи услови новите генерации уметници слободно да творат, експериментираат, поставуваат смели прашања и храбро да ги поместуваат хоризонтите на можностите.
Таа потсети дека, и покрај молскавичните промени, дигиталната поплава и модерните визуелни технологии, човекот и неговата емоција остануваат најважните ткајачи на филмските приказни, како што бабите се највештите ткајачки на килими и шехерезади.
„Нека Теона, Тамара, Дина, Косара и Марија поттикнат други авторски таленти и гласови во филмската ткајачка фабрика, нека искуството и мудроста се сретнат со младоста и непослушноста, нека блесне светлата страна на Балканот, Европа и светот и нека помогне во протерувањето на темната!“, порача претседателката.
Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:
Почитувани кинематографери,
почитувани организатори,
почитувани гости,
почитувани ткајачи на филмови,
драги Манакиевци,
Присуството на Манаки во Битола, пред сѐ, е чест и привилегија, но и специфичен естетски и интелектуален предизвик. Споделувањето филмски искуства и водењето уметнички дијалог со светски познатите кинематографери, волшебници за и зад камерата, е недовршена книга на засега исткаени 46 приказни, чуени и видени во Битола, градот на татковците на кинематографското ткаење, првите балкански филмски сниматели, браќата Јанаки и Милтон Манаки.
Битола е позната по жедта за култура, а фестивалот стана неопходна духовна храна за битолчани. Градот под Пелистер живее за фестивалот, но и фестивалот живее во и со градот. По битолските сокаци, коишто браќата Манаки ги овековечија на филмската лента, доаѓаат филмаџии од целиот свет да ги презентираат своите дела и да се инспирираат од делата на другите. Да ве потсетам на зборовите на големиот Бергман: „Нема уметност што поминува низ нашата совест на начин на којшто тоа го прави филмот, допирајќи ги директно нашите емоции, длабоко во темните простори на нашата душа. А, темнината има автор и тој доаѓа во Битола“. Луцидна мисла, посветена на светски познатиот кинематографер Џеф Кроненвет кој, покрај Ден Лаустсен важи за главна ѕвезда на фестивалот. Не помалку значајни се и 12. кинематографери на филмовите во официјалната селекција. А, меѓу нив, за што особено треба да бидеме горди, се најдоа два македонски филма со кои ќе се отвори и затвори 47. издание на Фестивалот. Во овој чин препознавам признание, но и импулс за македонскиот филм.
Драги пријатели,
И на ова издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, ќе ја потврдиме посветеноста кон уметноста, културата и творештвото како возвишени облици на човечката духовна слобода. Впрочем, „Браќа Манаки“ одамна не е само фестивал. Тој е културна институција со препознатлив меѓународен авторитет, докажан културен идентитет и долг, духовен и емоционален мост што ја поврзува македонската и балканска кинематографија со светската. Во раскошната ткаенина е вградена една исклучително важна кинематографска вистина: камерата не е само техничко средство за создавање филмска слика, туку клучен сведок и моќен естетски инструмент. Не само што го регистрира времето, туку, истовремено му дава значење. Не само што го покажува светот, туку ни овозможува да го протолкуваме и разбереме. Токму во тоа е големината на кинематограферите и на нивната уметност. Тие ја претвораат светлината во приказна, просторот во атмосфера, мигот во меморија, а човечкиот поглед во универзален јазик. Во таа смисла, овогодишното мото на фестивалот, „Ткајачи на филм“, е исклучително силна метафора. Вистина е дека филмот се ткае од светлина и сенка, од боја и движење, од звук и тишина, од вулкански емоции, од оригинални идеи, од визии. Се ткае во сегашноста, но и од минатото и од иднината, од традицијата и од иновацијата, од искуството на големите мајстори и од храброста на новите генерации. Токму вакво ткаење е историјата на „Браќа Манаки“. Од пионерскиот подвиг на Јанаки и Милтон Манаки, до современите врвни достигнувања на светската кинематографија, оваа фестивалска приказна се ткае и ткае како драгоцено културно наследство на филмскиот разбој. Наша должност е да ја поддржиме, сочуваме и да ја продолжиме. Должни сме да создадеме услови новите генерации уметници да творат, да експериментираат, да поставуваат смели прашања и да го поместуваат хоризонтот на можностите.
Во време на молскавични промени, дигитална поплава и модерни визуелни технологии, пред кинематографијата се отвораат незамисливи можности и предизвици. Но, чинам дека, колку и да се менуваат технологиите, останува темелното и суштинско сознание дека човекот и неговата емоција се најважните ткајачи на филмските приказни, како што бабите се најдобрите ткајачки на килими и шехерезади.
Нека нишката што ја започнаа браќата Манаки продолжи да се ткае и ткае, со знаење, вештина, храброст и вечна љубов кон уметноста.
Нека Теона, Тамара, Дина, Косара и Марија поттикнат други авторски таленти и гласови во филмската ткајачка фабрика, нека искуството и мудроста се сретнат со младоста и непослушноста, нека блесне светлата страна на Балканот, Европа и светот и нека помогне во протерувањето на темната!
Со особена чест и задоволство, дозволете ми да го прогласам за отворено 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и да ве препуштам на ткајачите!
Ви благодарам.





