Обраќање на Сиљановска-Давкова на 46. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

20 септември 2025 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова преку видео порака се обрати на отворањето на 46. издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ којшто под нејзино покровителство се одржува во Битола.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Ценети уметници, сниматели, режисери, продуценти,

Почитувани гости од земјата и од светот,

Драги љубители на филмската уметност,

Почитувани дами и господа,

Добре дојдовте во Битола, стариот македонски град, град со долга и богата културна и конзулска традиција, со широк сокак и со живописни сокачиња, со надвиснат Пелистер и кривулест Драгор, со стројни и украсени куќи, домови со клавири, цветни дворови скриени зад железни порти, со учени и елегантни луѓе, град во којшто се родиле првите филмски слики, град што не може да живее без нив, и живее преку нив.

Битола е дом на браќата Манаки, оние за кои камерата беше повеќе од објектив: рендген, микроскоп, глас, поглед, мисла, став, чувство, игра-живот!

Еве нè, на почетокот на 46. издание на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, којшто годинава се одржува под мотото: „Сон на платно“, што совршено ја одразува суштината на доблестите што ги славиме: способноста на уметникот да го претвори сонот во слика, а сликата во песна или приказна којашто се помни, се носи во себе и повторува долго, долго по изгаснатите светла во киносалата.

Овој фестивал, несомнено, е еден од највредните и најпрепознатливите битолски, македонски, но и светски  културни симболи. Тој е уникатна сцена на која се слави снимателот како автор, креатор, тивок, но моќен градител на секоја филмска приказна.

Снимателот е сестран уметник, тој ја визуелизира идејата, со камерата компонира и црта емоција, диктира ритам и креира атмосфера. Во неговата работа се среќаваат и дружат техничкото и поетското, рационалното и интуитивното – сето тоа слеано во уметност.

Среќна сум што годинава, фестивалот почнува со „Мајка“, новиот филм на посебната Теона Стругар Митевска – еруптивна емотивна приказна којашто отвора нови филмски хоризонти, втурнувајќи нè на размислување за нескршливата природа и силен дух на Мајка Тереза и жената. Со маестралната визуелна изведба и автентичната актерска игра, овој филм е достоен вовед во програмата што следи.

Фестивалот го затвора „Диџеј Ахмет“, дебитантска „приказна што вреди“ на извонредниот Георги Унковски, оти плени со навидум невозможната комбинација на старото и новото.

Нема поубав настан од оној што започнува и завршува со незапирлива подвижна слика и продорен наратив, со две приказни коишто го надминуваат и надвишуваат локалното и говорат универзален уметнички јазик, плод на луцидните таленти на македонската кинематографија на кои им посакувам уште многу импресивни филмски творби.

Сакам овие два извонредни македонски филма да бидат незапирлив импулс за македонската кинематографија, буре-весник на нови, добри, денови за македонскиот филм.

Драги пријатели,

Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ не е само прослава на мајсторството на кинематограферите, туку и поттик за оние што ќе се одважат допрва да го освојат филмскиот врв преку објективот. Среќна сум што фестивалот ги отвори тешките битолски порти за младите уметници – новата генерација на талентирани автори, кои со својот фатално продорен поглед, небаре стрела и немерлива креативна храброст, го обликуваат филмскиот јазик на иднината.

Во свет поплавен и преплавен со премногу слики, со премалку содржина и значење, коишто во забревтана и досадна трка се менуваат и исчезнуваат, но не се помнат, сè повеќе си ги поставуваме прашањата: која од нив има суштинско значење, кому му се обраќа, што сака да каже, или кој кадар е најважниот, дали и колку инспирира, дали трансформира и како?

Прашање е дали денес имаме шанса да гледаме филмови што нè потресуваат, менуваат, обесвестуваат, освестуваат? Се прашувам: може ли сè уште филмот и, воопшто, уметноста да го смени светот со силата на естетиката, облагородувајќи ја грдата, вознемирувачка, па и убиствена реалност?

Но, неспорно е дека уметноста на подвижните слики нè учи да гледаме побавно, подлабоко, посвесно, поемотивно, па дури и похумано, со емпатија и разбирање!

Затоа, иако не сум со вас, чувствувам дека сум до вас и силно посакувам светлината и нејзината игра, фатена со објективот, да ве води низ фестивалските денови на филм, духовност, мисла и емоција. Дружете се, уживајте во средбите, зборувајте и слушајте, везете незаборавни битолски пријателски приказни.

На најдобрите автори им посакувам заслужено признание, како поттик за уметнички раст и човечки духовен спас.

На публиката ѝ благодарам што ја избра хармонијата на филмската слика во време на хаотични собитија и празни зборови и ѝ завидувам што ужива!

На филмската уметност, пак, ѝ посакувам да продолжи да истражува, да експериментира, да провоцира, разголувајќи нè, прекорувајќи нè, засрамувајќи нè, учејќи нè, задумувајќи нè, расплакувајќи нè, трансформирајќи нè во луѓе.

Време е да објавам: Фестивалот е отворен.

Збор има филмската светлина! Повелете, величествена!

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова гласаше на првиот круг од локалните избори 2025 година

Сиљановска-Давкова гласаше на првиот круг од локалните избори 2025 година

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на првиот круг од локалните избори гласаше во ООУ „Коле Неделковски“ во општина Центар. Во изјава за медиумите, таа рече дека очекува пристојни, фер и демократски избори. „Очекувам...

Сиљановска-Давкова oствари средба со грчкиот професор Јанис Армаколас

Сиљановска-Давкова oствари средба со грчкиот професор Јанис Армаколас

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими грчкиот професор Јанис Армаколас, директор на Програмата за Југоисточна Европа во Грчката фондација за европска и надворешна политика (ЕЛИАМЕП) и на иницијативата „Тhink nea – Нови наративи за интеграција во...

Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш ја покажа и докажа театарската моќ да допре до сите генерации

Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш ја покажа и докажа театарската моќ да допре до сите генерации

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство. За...

Средба на Сиљановска-Давкова со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен

Средба на Сиљановска-Давкова со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамките на нејзината регионална турнеја. Сиљановска-Давкова ја оцени посетата како охрабрувачка и поттикнувачка за европската реинтеграција на...

Изјава за медиуми и одговори на новинарски прашања по настанот што по повод Меѓународниот ден на белиот стап се одржа во ДСУРЦ „Димитар Влахов“

Изјава за медиуми и одговори на новинарски прашања по настанот што по повод Меѓународниот ден на белиот стап се одржа во ДСУРЦ „Димитар Влахов“

Претседателката Сиљановска-Давкова: Прво, многу ми е мило што иницијативата дојде од Советот за млади. Уште помило ми е што Кристијан беше модераторот и Кристијан и во работата на Советот, како што слушам, дава посебен печат. Се разбира, со умот и со знаењето. Дека е...