Обраќање на претседателот Пендаровски на научен собир во МАНУ

27 септември 2021 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година”. Научниот собир се одржува во организација на Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Институтот за национална историја, а под покровителство на претседателот Пендаровски.

Почитувани домаќини,
Почитувани учесници на научниот собир,
Драги гости и пријатели,

На почетокот, дозволете ми да ги поздравам организаторите, кои и во услови на пандемија обезбедија импозантна бројка на учесници на научниот собир, учесници кои ќе говорат на темата која според својата комплексност, временскиот опфат и историското значење за нас, далеку ги надминува тековните, годишни конференции кои ги организираме по разни поводи. Оттука, да се зборува или пишува релевантно на темата – современа македонска држава е исклучителен научен и интелектуален предизвик и провокација, но, и највисок степен на политичка одговорност и пред сегашните, не помалку, и пред идните генерации.

Сосема очекувано, јас ќе се задржам на втората етапа, од 1991 до денес, период во кој бев современик на историските процеси, близок соработник на двајца претседатели, а во последниве десетина години и директен учесник во политичките процеси кои ја обликуваа нашата сегашност, бездруго и нашата иднина. Меѓутоа, ќе ми дозволите да се обидам, накусо да прокоментирам еден аспект кој е поврзан со првата етапа, за којшто постојат контрадикторни стојалишта.

Имено, тој аспект се однесува на историскиот контекст, поточно, на можните одговори на прашањето: колку меѓународната констелација погодуваше за формирање на македонска држава на крајот на Втората светска војна, споредена со онаа која постоеше по распадот на Југославија во 1991-та. Или со други зборови, дали главната работа беше веќе завршена во Прохор Пчински, а, 1991-а не претставуваше ништо повеќе, освен, природна екстензија или, само, таканаречена техничка егзекуција на идејата за своја држава.

Според мое мислење, во 1991-та, воопшто не беше сигурно дека ќе биде формирана независна македонска држава. Ова се дел од фактите: во 1991-та, за политичката рамка на меѓуетничките односи како клучна оска на стабилноста, не постоеше согласност меѓу Македонците и Албанците, нашите соседи воопшто не беа воодушевени од осамостојувањето на Република Македонија, Соединетите Американски Држави во таа година сеуште беа за зачувување на Југославија во истиот формат, а клучните европски држави не ја признаа нашата независност, наспроти позитивното мислење на тн. комисија на Бадинтер која самите ја формираа.

Да не заборавиме дека тогашна ЈНА имаше илјадници војници на наша територија, дека само во 1992-та кога ние сме сеуште меѓународно непризнаени, само од војната во БиХ имавме 86.000 регистрирани бегалци на наша територија, дека првата странска мисија во Скопје беше мисијата на ОБСЕ, а нејзиното официјално име беше: Мисија за мониторирање на прелевање на криза итн. итн…

Затоа беше потребна голема смиреност, тактичност и балансирање помеѓу сите внатрешни, регионални и глобални фактори. Оттаму потекнува и специфичната содржина на референдумското прашање.

Но, почитувани, големите прашања и дилеми од раните 1990-ти кога ја стекнувавме независноста, денес, не се повеќе на дневниот ред. Најголемиот наш национален проект, создавањето на сопствена, независна држава е завршен. Членството во речиси сите за нас битни меѓународни организации, исто така, со влезот во Северно атлантската алијанса како круна на децениските напори да обезбедиме гаранција за територијалниот интегритет.

Се разбира, ако сакаме (зборувам за државните политики), можеме да ја продолжиме нарацијата за историски губитници, поделено национално ткиво, народ историски онеправдан, ембарга и санкции, за Лисабонската декларација, за условите да станеме членки на Обединетите нации со услов каков што реално не бил поставен пред никого претходно, но, сето тоа припаѓа на архивите на историјата.

Држава направивме и неа нема да ја изгубиме, но, воопшто не е неважно во каква држава живееме, односно, дали во таква држава ќе сакаат да живеат нашите деца и внуци. Да илустрирам – во светот постојат територии кои ги нарекуваат држави каде што власта само со употреба на сила го држи населението да не ја напушти сопствената татковина и десетици други каде што владее таква бесперспективност што ги тера младите генерации да ја планираат својата иднина било каде во светот, само не дома. Значи, ако сакаме и по 30 или 50 години да кажеме дека имаме држава со сите нишани, треба да најдеме решение за актуелните проблеми, а не за 1903, 1941 или 1991-та. Само на таков начин ќе опстанеме во новиот свет кој се раѓа пред нашите очи.

Почитувани,

Според моето длабоко уверување, нашите денешни главни предизвици се во најголем дел, структурно поинакви, меѓутоа, не се помали по тежина и по значење од оние во 1990-тите. Многу начелно, ги класификував во три групи, иако, се разбира, во стварниот живот, тие воопшто не се прецизно поделени. Во првата се старите предизвици кои за нас ќе бидат актуелни и по 50 години, имајќи ја во предвид внатрешната структура на нашето општество. Во втората се за нас сеуште нови, а за светот стари проблеми кои со нив се бави со децении, и во последната ги поставив новите појави и закани и за нас и за светот, иако и тука, за жал, светот оди понапред многу побрзо од нас.

Во овие триесет години сите имавме прилика да сведочиме дека опстојот и просперитетот на независната македонска држава, во голема мерка, зависат од внатрешната инклузивност на сите етнички заедници. Во тој дел, реално е направен огромен исчекор со Рамковниот договор кој наспроти предвидувањата не ја растури државата, напротив, драстично го намали потенцијалот на екстремните структури кои сакаат нови граници на Балканот. 20 години подоцна, според мене, дојдено е времето за промена на парадигмите во однос на принципот на инклузивност и тоа по две линии кои не се запишани во договорот од Охрид – првата, етничката припадност да не биде единствениот услов за вработување, втората, помалите, немнозински заедници да добијат далеку подобар третман од досегашниот, под услов да сакаме да градиме мултинационална, а не бинационална демократија.

Надворешната интегрираност е клучен предуслов за опстанокот на малите држави во глобалниот свет. Во тој дел забележавме видлив напредок со Договорот од Преспа без да ги загрозиме виталните идентитетски маркери на македонската нација кои се експлицитно наведени во текстот на документот. Инаку, еден од солидните темели на Преспанскиот договор е, всушност, единствениот елемент кој беше прифатлив за двете страни, во континуитет, од 1993-та до денес, независно кој беше на власт во Скопје и Атина, а тој е дека терминот Македонија ќе се употребува на неексклузивна основа.

Договорот со Бугарија од 2017-та е пример за приближување постигнат без странска асистенција, акт кој не дискриминира ниту една од страните кои и во пост-комунизмот, за жал, не ги надминаа взаемните стереотипи една за друга. Не очекувам негативни ефекти ниту во фазата на негова целосна имплементација, затоа што е познато дека во таа смисла за нас воопшто не постои маневарски простор: имено, ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција.
Неодамна усвоената собраниска декларација го потврдува широкиот политички консензус по тоа прашање.

Во втората група се економскиот развој и правната држава, според мене, главните причини за брановите на иселување кои не стивнуваат 30 години. Во овој контекст е многу битно да се намали нивото на корупција, особено, високата корупција, затоа што ги става во подредена ситуација граѓаните кои плаќаат даноци и воопшто, ги демотивира да ги почитуваат законите, го оштетува буџетот и економската основа на земјата, и не помалку важно, ја руши довербата на луѓето во институциите на сопствената држава. Според мене, клучниот параметар, според кој ќе ја оценуваме државата по 10 години е дали ќе го достигнеме и престигнеме нивото на економски развој од 1989 година.

Предизвиците во третата група се релативно нови и за светот и затоа тука имаме шанса со паметни политики да фатиме чекор побрзо отколку кај традиционалните предизвици во развојот на демократска политичка култура и систем, каде што назадување бележат дури и некои стари демократии.

Тука сакам да ги издвојам, инклузијата на жените во општеството, заштитата на животната средина и дигитализацијата. Во овој контекст постои очигледна закономерност, имено, државите со повисока вклученост на жените во политичките процеси на одлучување и во високите менаџерски ешалони на приватниот бизнис се неспоредливо поуспешни од оние кои ја преферираат или толерираат, машката доминација во сите сфери.

Заштитата на животната средина веќе стана најважното политичко и изборно прашање во најмалку половина од земјите-членки на Европската Унија, но, политики и ресурси за имплементација на зелените политики кај нас се нужни час поскоро, не затоа што се тие популарни кај богатите, туку затоа што според некои проценки ни умираат по 3.000 луѓе годишно само од аерозагаденост, колку што отприлика изнесува едногодишниот данок во смрт од Ковид-19.
Во експертската заедница е веќе апсолвирано дека дигитализацијата ќе биде клучна за идниот развој на светот, а државите кои ќе заостанат, ќе бидат на нивото на некои африкански региони денес. Низ образованието треба да ги подготвуваме младите генерации за битката на сите битки на 21-от век: дигитализација во сите области во општеството – од економијата до образованието и културата, од воениот до еколошкиот дел. Ние немаме други значајни компаративни предности, а во овој процес, ако се исклучат десетина држави, објективно, сите други почнуваат од слична стартна основа.

Почитувани,

Реално, ништо од ова нема да биде можно ако не го намалиме нивото на политичка поларизација каде што изборниот победник ги алиментира своите членови, а свесно се лишува од придонесот на оние кои не гласале за него. Јасно е дека во оваа фаза од нашиот политички развој, граѓанското помирување е невозможно, но, сите ние, актуелните политички актери сме должни со скромен личен пример да придонесеме за деескалација на тензиите кои на моменти ја парализираат целата држава. Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој кој ќе биде поддржуван од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Без тоа, секоја следна годишнина од независноста само ќе ја одбележуваме, без да имаме што да прославуваме.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...