Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.
Почитувани,
Голема е честа да се говори за македонскиот јазик, како мој и ваш мајчин јазик во неговиот македонски дом, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Голем е и поводот, 21 Февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, посветен на љубовта, негата, грижата и почитта на мајчините јазици.
Со прогласувањето, УНЕСКО целеше да ја подигне свеста за важноста на мајчиниот јазик како матична клетка на идентитетот, културата и традицијата.
И чинам, 26 години потоа, мајчиниот јазик продолжува од нас да обликува одговорни луѓе, овозможувајќи ни со него и преку него да се себезапознеме, но и да го истражуваме другиот, поинаквиот од нас.
Без мајчиниот јазик не сме луѓе. Или како што еден од најголемите лингвисти на 20 врк, Ноам Чомски рече: „Кога го студираме јазикот, ние ѝ приоѓаме на човековата суштина“.
Всушност, јазикот е ултимативна манифестација на нашата сложена, богата внатрешност, нашиот омнипотентен идентитетски израз.
Мајчиниот јазик е јазикот на којшто мајката го поздравила нашето раѓање, ни шепотела, ни пеела, нè сакала, доела, лекувала, бодрела, воспитувала. Мајчиниот е јазикот на којшто сме заплакале, сме се насмеале, прозбореле. Со него најлесно ги изразуваме чувствата и ги искажуваме мислите, размислуваме, пишуваме, твориме.
Тој не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и националната традиција, на духовното богатство и културата на еден народ.
Со него го моделираме националниот идентитет, дигнитет и интегритет. Со негова помош ѕидаме духовен дом во којшто ги чуваме уникатните спомени и вредности.
Денес во светот има околу 7 000 јазици. Не им е лесен животот на сите. Повеќето се под притисок, во амбиент на јазична нерамноправност, јазични конфликти, опасност од јазична доминација и јазичен империјализам, па и реална смртна закана.
Јазикот е жив феномен, па, кога исчезнува некој јазик, згаснува нечиј живот.
Природно е да го сакаме, негуваме и развиваме мајчиниот јазик, но и да го почитуваме сечиј мајчин јазик како да е наш.
Образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и во емоционалниот развој на поединецот. Истражувањата покажуваат дека учениците коишто учат на својот мајчин јазик постигнуваат подобри резултати и развиваат посилна самодоверба.
Почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност. Наша должност е да го негуваме мајчиниот јазик – да ја збогатуваме неговата изразност и да го пренесуваме на идните генерации. Да читаме, да пишуваме и да размислуваме на јазикот којшто нè оформил како луѓе и личности.
Мајчиниот јазик треба да се употребува и да се изговара правилно не само дома и во образовниот процес, туку во сите државни органи и институции, за да не се наруши неговата убавина.
Да се обидеме да ги избегнуваме странските изрази и заемки и да ги замениме со соодветни поими од македонската лексика и фразеологија.
Да ја поддржиме и да ја прошириме мрежата на лекторати за да си го зголемиме македонското говорно семејство.
Да ги охрабруваме студентите да го изучуваат македонскиот јазик, не само дома, туку и во странство.
Да укажуваме и да ги отстрануваме јазичните неправилности и недоследности.
Да организираме континуирана едукација за правилна употреба на македонскиот јазик и писмо.
Да издаваме публикации на македонски стандарден јазик.
Да издвојуваме средства за проекти врзани за македонскиот јазик.
Да си го сакаме мајчиниот јазик како што мајките нè сакале нас и ние нашите деца.
Драги домаќини, лингвисти, македонисти, јазикољупци,
Живееме во непредвидливи времиња. Човештвото е зона на самракот. Кога се престројуваат големите сили, на удар се најмалите и најслабите народи, како и малите јазици. Одбраната е во рацете на говорителите на македонскиот јазик, но и на институциите, професорите, наставниците, учителите, експертите, авторитетите чијашто вокација е грижата за опстанокот на македонскиот јазик, а преку него и на нацијата.
Дозволете ми, уште еднаш, да ја подвлечам значајната улога на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во тешките времиња.
Мајчиниот јазик е брза, бистра река којашто треба да се чува од поматување. Не смееме да заборавиме на Светите Кирил и Методиј, богатството на Охридската книжевна школа и делото на Свети Климент и Свети Наум, на современата кодификација и научна разработка на македонскиот стандарден јазик.
Мора да се потсетуваме дека јазикот е темел на идентитетот и чувар на колективната меморија, но и мост кон иднината. Во него се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние што доаѓаат по нас.
Овој ден не е само повод за одбележување, туку и потсетник на одговорноста којашто ја носиме кон јазикот како културно наследство и како моќно оружје на општеството.
Нашата заедничка обврска е да го развиваме и да го унапредуваме македонскиот јазик во образованието, науката, културата и дигиталниот простор, создавајќи услови тој да продолжи да се развива во чекор со современиот свет. Тоа подразбира внимателно и одговорно користење на јазикот во јавниот простор, во институциите, во медиумите и во секојдневниот живот, но и вложување во негово научно проучување и технолошка присутност.
Истовремено, грижата за јазикот не е задача само на институциите. Таа започнува од секој поединец, во секој изговорен збор, во секоја напишана мисла и во секое дете коешто учи да го открива светот преку својот мајчин јазик.
Денешниот ден нè потсетува и на богатството на јазичната разноликост којашто ја карактеризира нашата држава. Секој мајчин јазик којшто се говори во македонската држава претставува вреден дел од нашиот заеднички културен мозаик. Почитувањето и негувањето на јазиците на сите заедници ја зајакнува културата на дијалог и толеранција, влева доверба, создавајќи општество во коешто различноста се доживува како сила којашто обединува, а не разделува.
Драги пријатели,
Македонскиот јазик останува нашата заедничка куќа во којашто се создаваат литературата, уметноста, науката, законодавството. Дома, во националната куќа, се смееме, тагуваме, сонуваме и создаваме на мајчин јазик.
Да се потсетиме дека јазикот нè врзува за минатото, за епопеите, за голготите, но и за ретките триумфи, за духовните творци како Пејчиновиќ, Крчовски, Жинзифов, Шапкарев, Цепенков, Џинот, за Миладиновци и за Прличев.
Познавајќи си го минатото, ќе трасираме сигурна патека кон иднината, сила којашто може да обединува, да гради и да создава. Чувајќи го и развивајќи го јазикот, ние се чуваме себеси, оти, додека живее јазикот, постои народот којшто го создава, зборува, обожува, опејува.
Честит Меѓународен ден на мајчиниот јазик.
Ви благодарам.





