Претседателот Пендаровски ги одликуваше Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Оливера Николова, Рефет Абази, Ристо Вртев и Слободан Унковски со Орден за заслуги за Република Северна Македонија

30 јануари 2024 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски, на свечена церемонија што се одржа вчеравечер во Филхармонија ги одликуваше Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Оливера Николова, Рефет Абази, Ристо Вртев и Слободан Унковски со Орден за заслуги за Република Северна Македонија.

Бедија Беговска е одликувана за значајната, плодна и интернационална кариера како една од најпознатите театарски и филмски актерки, која со својата театарска прецизност и моќна интерпретација прерасна во една од водечките актерки, не само во Македонија, туку и пошироко.

Благоја Чоревски е одликуван за извонредната актерска игра со која има обезбедено почесно место во пантеонот на македонскиот театар воопшто, актер со моќна трансформација и со вештина за импровизација, актер во кој истовремено се судираат трагичното и смешното, комичното и драмското.

Ѓокица Лукаревски е одликуван за извонредната четиридецениска актерска кариера во македонскиот театар. Доајен на македонското актерство, со неверојатна моќ на трансформација и интерпретација на различни ликови, од сериозни до комични, со што го покажа својот непроценлив актерски талент.

Оливера Николова е меѓу најзначајните македонски прозаистки чиешто творештво се одликува со исклучителна ритмичка возбудливост и со раскошен емоционален и модерен сензибилитет. Николова стои на самиот врв на современата македонска книжевност чиишто дела ќе одѕвонуваат и во иднина.

Рефет Абази е еден од најзначајните и најкомплексните актери од средната генерација, но, воедно, и исклучителен писател и плоден педагог, како и професор по актерско мајсторство. Се одликува за огромниот спектар на актерски остварувања коишто се одликуваат со темелен, аналитички и методолошки пристап.

Ристо Вртев се одликува за непроценливото и за трајното значење во современата македонска култура и уметност. Тој е творец на македонската музичка авангарда и еден од креаторите на новиот, храбар и алтернативен бран на македонската музичка сцена, којшто остава маркантно влијание и на просторите на поранешна Југославија, во чии рамки е највисоко рангиран.

Слободан Унковски се одликува за огромното, уникатното и светското значење во современиот театар. Неговото име е впишано длабоко, не само во националната, туку и во светската историја на театарот, неговите дела претставуваат пресвртница во творештвото на поединечни уметници, но и на театрите воопшто.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски на свечената церемонија.

Почитувани гости,
Дами и господа,

Низ годиниве имав чест да им оддадам признанија на повеќемина поединци и институции од областа на уметноста и културата – да доделам највисоки признанија за нивните особени постигнувања со кои ја задолжија нашата држава. И денес, како и претходно, би сакал да подвлечам дека иако сме мала земја, можеме да се пофалиме со извонреден уметнички и креативен потенцијал и со исклучителни автори и уметници врз чиишто опус, можеме слободно да кажеме, почива арматурата на современата македонска култура.

Денес, на уште седуммина наши значајни личности, творци од литературата, театарот, филмот и музиката ќе им доделиме Орден за заслуги за Република Северна Македонија.

Во периодот кога зачестија ирационалните негирања на македонскиот јазик, еден од најголемите показатели за неговото и нашето постоење и потенцијал што го имаме е големата ризница дела создавани на тој јазик. При тоа, во плејадата наши знаменити писатели, мајстори на зборот, спаѓа и оригиналното и неповторливо дело на секогаш скромната и тивка, а авторски моќна Оливера Николова.

Иако, несомнено е една од најголемите имиња на македонската литература за деца со чии книги растеа, растат и ќе растат генерации деца и млади, и нејзините дела наменети за возрасните ја потврдуваат како најзначајна македонска прозаистка чиј ракопис, како што вели критиката, по својот тематски слоевит корпус, комплексните ликови и нивните взаемни релации секогаш, на еден длабок, проникнувачки начин го допираат целиот спектар на општествени динамики. Со доделувањето на Орденот за заслуги имаме можност да ѝ се заблагодариме за сите незаборавни напишани страници што ни ги подари.

Драмското творештво е несомнено едно од најекспонираните, но и најкомплексните литературни видови. Но, за една драма да оживее на сцена и да ѝ се приближи на публиката, потребна е магијата на режисерот кој заедно со актерите му дава живот на делото и го отелотворува на сцената или пред камерата. Денеска меѓу добитниците на ордени имаме петмина врвни авторитети од областа на театарот и филмот.

Без режисерската палка и визијата за сценско обликување на драмското дело, актерите би ја немале можноста да креираат, трансформираат и пресоздаваат. Слободан Унковски е уникатно поглавје не само во македонската театарска историја, туку и во светската. Тој го издигна македонскиот театар и поширокиот културен контекст на највисоко рамниште, а преку својата режисерска умешност ја промовираше нашата современа култура низ светот. За сето постигнато денес, со особена почит му доделуваме Орден за заслуги.

Идеите и замислите на режисерите не би можеле да се остварат без оние кои им даваат живот на ликовите на сцена – без неговото височество – актерот. Несомнено една од кралиците на македонското глумиште, дамата со извонреден актерски потенцијал, Бедија Беговска ги надмина нашите граници и изгради респектабилна интернационална кариера. Особено е значаен нејзиниот придонес и блескавите ролји одиграни во Турскиот театар. Беговска подеднакво е успешна и пред камерите каде што остава особен печат и остварува маркантни улоги.

Еден од доајените на македонско глумиште, со безброј незаборавни остварувања во театарот, на филмот и телевизијата е Благоја Чоревски. Импозантна е бројката на одиграни улоги на Чоревски, како и одгласите на критиката и публиката во суперлативи за неговите остварувања. Впрочем за неговото актерско мајсторство најдобро говорат бројните добиени награди и признанија. Денес таа листа ќе биде дополнета и збогатена со Орденот за заслуги.

Во многу претстави и телевизиски, филмски, радио проекти, Чоревски свој партнер имаше во Ѓокица Лукаревски. Иако за пошироката публика Лукаревски е најпознат со улогите на комични и хумористични ликови, тој се вгради себеси во еден мошне широк дијапазон на ликови успешно креирајќи улоги во различни жанрови. Карактеристично за него е длабокиот и моќен гласовен израз, а ова негово мајсторство е изразено и во бројните синхронизации во кои учествува.

Иако далеку помлад од споменатите колеги актери, Рефет Абази е веќе етаблирано и реномирано наше актерско име со богато искуство и извонредна кариера. Со својата оригиналност и моќ на трансформација, тој делува силно и убедливо на сцената, фасцинирајќи ги гледачите со реалистичната интерпретација. Абази, освен на сцената постигнува и значајни успеси и во книжевниот, драмскиот и во прозниот израз.

Различните жанрови во популарната музика имаат непроценливо значење во секојдневната, во живата култура. Од авангардните правци до мејн стрим звуците, во последниве седумдесет години создадени се безброј значајни уметнички дела во популарната музика. Rock’n’roll-от денес е веќе своевидна класика, но, во таа класика не сите песни го поминуваат судот на времето и вкусовите на новите генерации. Како ретко кој автор не само на нашите простори, туку и во пошироки рамки, Ристо Вртев со својата музика и творештво создаде незаборавен поетски и композиторски опус кој ја одбележа авангардната култура. Тоа е опус кој не старее иако генерациите се менуваат. Стиховите од неговите песни се пример за автентично урбано, поетско писмо чии пораки траат низ времето.

Почитувани,

Пред да почнеме со доделувањето на ордените, дозволете уште еднаш да го потенцирам круцијалното значење на вреднувањето на националната култура и уметност и на домашните автори и творци. Благодарение на нив имаме со што да му се претставиме на светот и да бидеме компетитивни во меѓународниот „натпревар на културите“.

Да ги почитуваме и соодветно вреднуваме овие наши национални величини, бидејќи тоа е начинот да покажеме дека се почитуваме себеси и дека ја сакаме својата земја.

Македонија не сме ние политичарите, Македонија се нејзините артисти и уметници.

Ви благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

По повод 1 Мај, Денот на трудот, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: „Човечкиот е најскапоцениот ресурс за секоја држава. Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, е аларм за сите нас дека...

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...