Во рамки на активноста Отворен кабинет, денеска Кабинетот на претседателот го посетија ученици од скопското основно училиште „11 Октомври“ и ученици од средното училиште за лица со оштетен слух „Света Марија“ од Романија, коишто престојуваат во земјава како гости на државниот училиштен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски”, од Скопје.
Основците имаа имаа можност и да се сретнат и да поразговараат со претседателот Пендаровски за активности и функционирањето на Кабинетот, како и за нивните училишни и вонучилишни интереси.
Гостите од Романија, пак, беа информирани за историјатот на објектот во којшто е сместен Кабинетот. На средбата со претседателот Пендаровски, разговараа за неговата работа и надлежности, како и за нивниот престој во нашата држава.
Денешните посетители присуствуваа во просториите во коишто се одржуваат официјалните и работните средби, свечености, состаноци и прес-конференции. Во Мозаик салата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија земјата памети“ на авторот – академик Глигор Чемерски.
Во изминативе 5 години, во рамки на Отворен Кабинет институцијата ја посетиле неколку илјади граѓани од различни возрасти и занимања, младински организации и образовни институции од земјава и од странство.