Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, денеска го посетија група од над 30 граѓани, во рамки на активноста Отворен Кабинет.
Посетителите остварија средба со претседателот Пендаровски и поразговараа за тековните активности коишто произлегуваат од неговите надлежности, а имаа можност и да присуствуваат во просториите во коишто се одржуваат официјалните и работните средби, како и салите за свечености, состаноци, настани и прес-конференции. Во Мозаик салата го разгледаа и впечатливиот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ – дело на еден од нашите најзначајни современи уметници академик Глигор Чемерски.
Гостите се запознаа и со дел од вработените во Кабинетот и беа информирани за историјатот на објектот во којшто е сместена институцијата како и за начинот на нејзиното функционирање.
Отворен Кабинет како дел од проектот Лице в лице овозможува посети на Кабинетот и непосредни средби со претседателот Пендаровски. Досега институцијата ја посетиле илјадници граѓани од различни возрасти, професии и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта.