Претседателот Пендаровски се обрати на Балканската лидерска конференција на Подгоричкиот клуб и Универзалната Мировна Федерација

14 октомври 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати Балканската лидерска конференција што се одржува во Скопје на тема „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ – Предизвици и перспективи“, во организација на Подгоричкиот клуб и Универзалната Мировна Федерација.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Ценети екселенции,
Дами и Господа,

Благодарам за поканата да се обратам на оваа важна конференција. Чест ми е да бидам меѓу вас, лидерите на Подгоричкиот клуб. Знам дека како ветерани на политичките процеси, секој од вас посветил барем еден дел од својата активна политичка кариера на европските интеграции. Оттука, со своето богато искуство вие можете да придонесете кон градењето на одржлив мир, развој и просперитет во регионот.

Годинава се навршуваат 20 години од Солунската агенда за Западниот Балкан што имаше за цел да го помири регионот и да ја забрза интеграцијата на нашите држави во Европската Унија. За жал, Солунската агенда беше само делумно остварена и тоа со големо задоцнување. Само Хрватска стана член, додека другите држави се во некаква лимбо-позиција меѓу кандидатскиот статус и преговорите што повеќе стојат во место, одошто се движат.

Низ годините се искристализираа две главни причини за застојот. Прво, земјите од регионот не ги завршија своите домашни задачи или барем не онолку добро и навреме за да добијат зелено светло за членство. Во една од клучните точки на Солунската агенда, државите од регионот се обврзаа да водат борба против организираниот криминал и корупцијата како главна пречка за демократска стабилност, владеењето на правото, економскиот развој и напредокот на граѓанското општество. Наместо тоа, корупцијата стана еден од клучните генератори за иселување на младите луѓе од нашиот регион кои сакаат да живеат во земји и системи во кои ќе можат кариерно да напредуваат, но врз основа на сопствените знаења и вештини.

Втората причина е што и самата Европска Унија не беше целосно фокусирана на проширувањето, оставајќи простор за засилување на одредени ретроградни процеси во некои од државите од регионот. Трите проширувања во периодот од 2004 до 2007 година и циклусот на финансиски и кредитни кризи доведоа до замор во Унијата. Западниот Балкан беше de facto симнат од европската агенда и државите беа оставени да се бават самите со себе. Со практично замрзнато проширување, граѓаните почнаа да ја доживуваат Унијата како се подалечна и понедостижна цел.

Ценети екселенции,

Војната во Украина создаде нов геополитички и безбедносен контекст на европскиот континент. По долги години проширувањето конечно се врати на агендата на Европската Унија, но, на неочекуван начин. Европскиот совет на својот јунски самит донесе одлука да им додели кандидатски статус на Украина и на Молдавија. Одлуката е донесена во време кога нема напредок во преговорите со Црна Гора и Србија, кога постои опасност да заврши скринингот без да започнат преговорите за членство на Северна Македонија, и кога нема реално поместување кон напред за Босна и Херцеговина, независно од формалниот статус на кандидат. Неспорно е дека со кандидатскиот статус им се дава симболична поддршка на Украина и на Молдавија во исклучително тежок период и тоа е добро, но, на Западниот Балкан не му е потребен политички симболизам, туку, конкретна политичка одлука.

Дополнително, базирајќи ги своите одлуки за Украина и за Молдавија врз геополитичкиот резон, наместо врз традиционалната агенда на реформи и перформанси, Европската Унија започна да наликува на НАТО алијансата.

Претседателката на Европската комисија, често ја промовира идејата за ЕУ како глобален геополитички играч. Но, ако навистина има амбиции да биде геополитички играч, ЕУ мора прво да го заокружи и обезбеди својот европски геополитички простор преку интеграција на Западниот Балкан. Актуелните случувања на Косово и процесите во Босна и Херцеговина се потсетување дека не смее да се занемарат отворените прашања и невралгичните точки што имаат потенцијал да го дестабилизираат нашиот регион, а преку регионот и самата унија.

Динамиката на проширувањето на Унијата и обединувањето на Европа не смее да зависи од кризи и од војни. Во спротивно се наметнува едно непријатно прашање: Ако Европската Унија сака да ја забрза интеграцијата на Западниот Балкан само поради војната во Украина, што ќе се случи кога ќе дојде до прекин на непријателствата? Дали повторно ќе бидеме ставени по страна, сè до некоја следна безбедносна или мигрантска криза на континентот како што беше во 2015 и 2016 година? Сигурен сум дека никој од нас не посакува успехот на нашите држави да зависи од трагедијата на било која друга држава во светот.

Притоа, воопшто не помагаат двосмислените изјави на некои европски челници коишто заговараат, прво, внатрешни реформи во Унијата, а дури потоа проширување. Прво, гледаме дека и по повод најновиот француско-германскиот план за внатрешни реформи на ЕУ се случува внатрешна поделба на Унијата, второ, ваквите изјави директно го хранат евроскептицизмот во нашиот регион.

Ценети присутни,

Во овој контекст, можам релевантно да зборувам за македонското искуство. Од независноста наваму, генерации политички лидери донесоа тешки одлуки и направија големи компромиси во име на европска Македонија. Неодамна се навршија пет години од референдумот за промена на името. Неспорен факт е дека Преспа го отвори патот за членството во НАТО. Но, не смее да се заборави дека референдумското прашање гласеше: „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“

Европската Унија изгуби многу од својот кредибилитет токму во случајот со Северна Македонија. Македонските граѓани се уморни од престојот во чекалната на Европската Унија. Нема да претерам ако кажам дека падот на евроентузијазмот и во другите држави од регионот, до одреден степен се должи и на македонскиот случај. Еден од најчестите коментари во регионот е дека, ако Македонија, и покрај промената на името не доби почеток на преговорите за членство, тогаш што можат и што треба другите да направат за да напредуваат на тој пат.

Клучното прашање е што може да се направи за да се намали растечкиот евроскептицизам? Наместо реактивен, потребен е проактивен пристап, како од државите од Западниот Балкан, така и од Европската Унија. Нашите држави мора да ги удвојат напорите за суштински европски реформи неопходни за владеење на правото и функционални и одговорни институции. Истовремено, Европската Унија мора да покаже поголема грижа за регионот.

На претстојниот декемвриски самит, Европскиот совет има можност да донесе одлуки за побрза интеграција на земјите од Западниот Балкан, наместо да го одложува тоа прашање за по европските избори. Голема е веројатноста дека на тие избори или по тие избори ќе се промени политичката констелација во Европскиот парламент и дека ќе зајакнат силите кои не гледаат благонаклоно на проширувањето. Тоа лесно може да значи уште една изгубена деценија за државите од регион.

Впрочем, затоа сме денеска тука собрани, да разговараме за овие предизвици и за можностите за интеграцијата на Западниот Балкан во Европската Унија. Знам дека од вас ќе имаме што да чуеме и дека од тука, од Скопје, ќе можеме да пратиме јасни пораки до нашите партнери во Брисел и во главните европски градови.

Ви благодарам.


 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: Почитувани сограѓани, Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на...

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Честитка од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана...

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Стево Пендаровски денеска положи свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по повод 121-годишнината од неговата...

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите, ја упати следната порака: „Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество....

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

По повод 1 Мај, Денот на трудот, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: „Човечкиот е најскапоцениот ресурс за секоја држава. Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, е аларм за сите нас дека...