Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на 45. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

22 септември 2024 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова преку видео порака се обрати на отворањето на 45. издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ што под нејзино покровителство се одржува во Битола.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Почитувани вљубеници во магијата на подвижните слики,
Почитувани кинематографери,
Почитувани филмаџии,
Почитувани организатори,
Почитувани гости,

Голема чест и огромно задоволство е да се биде покровителка на една од најреномираните и најпрестижни културни манифестации, Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Се работи за најстариот светски филмски фестивал посветен на кинематограферите. Имињата на добитниците на „Златна камера 300“, која се доделува за животен опус, чии ѕвезди од годинава го красат Широк Сокак, убедливо и јасно сведочат за значењето на фестивалот „Браќа Манаки“ во светски културни рамки.

Судбината сакаше да патувам, па, иако вообичаено покровителот и публиката се заедно пред големото платно, годинава ви се обраќам преку филмското платно, превземајќи поголема одговорност и имајќи посложена задача.

Ве поздравувам со видео обраќање, оти на денот на отворањето на фестивалот, во Њујорк сум, во земјата во која филмот има високо и драгоцено место во општествениот и културниот живот, или како што своевремено, Енди Ворхол рече: „Од кога се измислени, филмовите се тие што ги движат работите во Америка“.

Признавам дека ми недостасуваат прошетката по Широк сокак, чекорењето по црвениот тепих пред Домот на културата, чезнеам за љубезните лица на битолчанки и битолчани, сакам да ги уловам сериозните погледи на организаторите, да водам инспиративни разговори со гостите и секако и најмногу, да ги следам филмските проекции, оние во натпреварувачката селекција, но и оние од придружните програми. Не се сомневам дека сите што сте во Битола имате ретка и исклучителна прилика да се дружите со великаните на светската кинематографија, да уживате во извонредните филмови чие сликање на животот многупати знае да биде длабоко и емотивно, колку и самиот живот. Впрочем, чинам дека границата меѓу уметноста и животот е толку тенка, што речиси е избришана. Животот без уметност е празен и летаргичен, а уметноста без живот е стерилна, отуѓена, безживотна.

Неспорно е дека, како ретко која уметност, филмот поседува моќ да предизвика вулкански, неконтролирани емоции преку естетизираната реалност, зашто, како што вели филмскиот критичар Ансен: „Ние сме филмовите и филмовите се она што сме ние“.

Животот е исконска игра меѓу раѓањето и смртта. Секој од нас е ту сценарист, ту режисер, главен и/ли спореден актер во својот неекранизиран животен филм, но и во многу други животни приказни. Со филмовите живееме, растеме, зрееме, зеленееме, се развиваме и умираме. Првите бакнежи неретко се филмските, наши херои се филмските јунаци кои го спасуваат светот, а филмската битка меѓу доброто и злото го обликува нашиот живот и светоглед. Филмот е лакримариум, табернакул, пчелино саќе, животна есенција, софистицирано обработена од уметниците на зборот, играта и музиката и трансформирана во слика од оние зад филмската камера. Со право, важниот и чудесен настан „Браќа Манаки“ ги слави и величи кинематограферите како волшебници и магионичари кои од приказната прават слика и филм.

Драги пријатели,

Сите ние имаме лична историја запишана во нашата или нечија меморија, во книгите, или во видео записите, како што Милтон и Јанаки ги запишале и сочувале големите собитија на почетокот на 20. век, но и малите, секојдневни животни работи и активности. Нивните записи се не само историја, туку и уметност, битолска, национална, регионална и светска.

Да продолжиме да ги чествуваме и славиме браќата Манаки, да ги сакаме, негуваме и славиме филмот и уметноста, да го живееме животот. Оти „едни и единствени се браќата Манаки“. И нашиот живот е еден и единствен, но и побогат со нивните бесмртни слики!

Светот, по кој знае кој пат, по многу ветувања „никогаш повеќе“, пак е соочен со војна. Пред нас се многу дилеми, но и предизвици. Сепак, CARPE DIEM! Препуштете и се на филмската и кинематографската креација и магија. Живејте со неа во битолскиот миг! Потонете во неа.

Ви посакувам страстни, незаборавни мигови со ветувачките филмски остварувања на провокативната програма на 45. издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и дозволете ми, со љубопитност и вознемиреност да го прогласам фестивалот за отворен.

Благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Церемонија на свечено менување на државното знаме во Кабинетот на Сиљановска-Давкова

Церемонија на свечено менување на државното знаме во Кабинетот на Сиљановска-Давкова

Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме на којашто присуствуваа деца од градинките „Весели цветови“ и „Срничка“ од Скопје, ученици од скопските основни училишта „Кузман Шапкарев“ и...

Сиљановска-Давкова: Имаме обврска природата да ја третираме како партнер, штитејќи ја неа, се штитиме себеси

Сиљановска-Давкова: Имаме обврска природата да ја третираме како партнер, штитејќи ја неа, се штитиме себеси

Водена од желбата за заштита на Преспанското Езеро, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вчера од општината Ресен ја започна серијата на посети на македонските градови и села. Пред неа и пред градоначаналникот Јован Тозиевски, на дебатата во Отешево, повеќе од...

Одговори на новинарски прашања за време на посетата на Ресен

Одговори на новинарски прашања за време на посетата на Ресен

Новинарско прашање: Претседателке, го читавме извештајот на Европската Комисија. Колку е тој опфатен со технички детали кои се однесуваат на Копенхагенските критериуми, или повеќе содржи, би рекол, политички моменти – „сменете го само уставот“. Кое е вашето гледање?...

„Заштитата на Преспанското Езеро треба да биде највисок приоритет“ – Сиљановска-Давкова во работна посета на Ресен

„Заштитата на Преспанското Езеро треба да биде највисок приоритет“ – Сиљановска-Давкова во работна посета на Ресен

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска е во работна посета на Општина Ресен. Во рамки на посетата, таа оствари средби со градоначалникот Јован Тозиевски, членовите на Советот на општината и со граѓаните на Ресен. Тие ја запознаа со локалните проблеми, а...

Претседателката Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг

Претседателката Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг, предводена од Лота Џонсон Форнавре, во придружба на амбасадорот на Кралството Шведска, Oла Солстром. [gallery...