Изјава на претседателката Сиљановска-Давкова по средбата со претседателката на Република Индија, Друпади Мурму

21 јули 2026 | Обраќања, Соопштенија

Во рамки на официјалната посета на индиската претседателка, денеска беше одржана заедничка прес-конференција на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателката Друпади Мурму.

Во продолжение е интегралната изјава на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувана госпоѓо претседателка,

Чест и задоволство ми е да Ве поздравам на овој историски ден. Вашето присуство овде има исклучително значење, бидејќи е во прашање прва официјална посета на претседател на Република Индија на нашата држава. Уверена сум дека оваа посета ќе биде почеток на ново и многу поамбициозно поглавје во односите меѓу двете држави.

Сакам да истакнам на почетокот дека Вие како претседателка покажавте дека највисоките функции се заслужуваат со карактер, а не со привилегии. Се работи за неверојатно инспиративен пример, не само во индиски рамки, туку и во светски рамки, којшто претставува охрабрување за безброј жени и млади луѓе ширум светот да се занимаваат со политика.

Нашите денешни разговори беа исклучително срдечни, отворени и насочени кон иднината. Ги потврдивме добрите политички односи, се согласивме дека вистинскиот потенцијал се уште треба да се оствари.

Кога зборуваме за Индија, не зборуваме само за една држава, туку говориме за една од најголемите и најтрајните цивилизации во историјата на човештвото.

Не само што се роди на плодните брегови на Инд и Ганг, каде што беа испишани најраните поглавја на човечката цивилизација, туку и продолжи. Од снежните Хималаи до Индискиот Океан, од безвременската убавина на Таџ Махал до величествените храмови кои им одолеваат на вековите, се работи за едно извонредно културно патување кое го збогатува наследството на човештвото.

За сите нас, не само за индијците, Индија е позната како татковината на Махатма Ганди, чија филозофија на ненасилство го преобрази моралниот речник на меѓународната политика. Но Индија е и татковината на Тагоре, којашто мене, а сигурно и многу од вас не инспирирала и генерации инспирирала.

Индија е позната и по духовната визија на Вивекананда, до безвремената уметност на Рави Шанкар, исто така, Индија го знае Рахман, Индија е позната по Сатјаџит Реј, се работи за неверојатно културно наследство.

Она што јас сакам да го истакнам денеска е дека Индија отсекогаш поседувала способност да ја зачува мудроста и древноста, но истовремено да биде меѓу врвните иноватори. Таа е истовремено една од најстарите цивилизации во светот, но и една од главните движечки сили денеска на современиот економски раст, научните достигнувања и технолошките иновации.

Индија не е само најголема демократија во светот, Индија е и една од најбрзорастечките економии, и не само тоа, Индија е еден од највлијателните гласови во обликувањето на глобалната агенда.

Иако оваа посета претставува прв настан на претседателско ниво, пријателството меѓу нашите земји не започнува денес. Нашите народи се познавале и во времето на поранешна Југославија, како дел од Движењето на неврзаните. Зошто го споменувам ова? – Само да потенцирам дека во ера на студена војна имаше иницијативи за дијалог, за еднаквост, за солидарност и за соживот. Се работи за принципи што денеска се исто толку важни.

Исто така, нашите две нации ги поврзува исклучителната врска преку една од најголемите хуманитарки што светот ги познавал – Света Мајка Тереза. Родена во Скопје, таа го посвети својот живот на народот на Индија и стана универзален симбол на човечноста. Нобеловата награда за мир и одликувањето „Бхарат Ратна“ сведочат за длабока почит и љубов со коишто Индија ја прифати. Таа е, уште еднаш да повторам, духовен мост меѓу нашите два народа.

Почитувани претставници на медиумите,

Денеска, заедно со мојата колешка, ја потврдивме нашата заедничка решеност билатералните односи да ги кренеме на повисоко ниво.

Го поздравивме засилениот интензитет на политичкиот дијалог по министерските размени меѓу Скопје и Њу Делхи и се согласивме дека контактите меѓу нашите влади, министерства, парламенти и институции треба да станат почести, подобро структурирани и поамбициозни.

Парламентарната дипломатија останува еден од најсилните столбови на меѓународната соработка и јас сум уверена дека денешното обраќање на претседателката пред пратениците на нашето Собрание ќе ги зацврсти врските меѓу двата парламента, и ќе отвори нови можности за парламентарен дијалог.

Исто така, ја изразив нашата искрена благодарност за сè поактивното присуство на Индија во Западен Балкан и во Југоисточна Европа. Ја поздравуваме секоја иницијатива за зајакнување и се надевам на идно отворање индиска резидентна Амбасада во Скопје.

Денешната средба го потврди обемот на нашата билатерална агенда. Преговорите за бројни договори и меморандуми за разбирање се доказ за силната политичка волја за институционализирање на соработката. Но, мислам дека нашата соработка не треба да запре тука.

Меѓу сите теми за кои разговаравме денес, една особено се издвои: дојде време нашето економско партнерство да го достигне квалитетот на нашите политички односи.

Економската трансформација на Индија е веројатно една од највпечатливите успешни приказни на дваесет и првиот век. Во текот на само една генерација, Индија прерасна во водечка економска сила во светот, станувајќи еден од глобалните центри на иновациите, дигиталните технологии и претприемништвото.

Во исто време, убедени сме дека и нашата држава има многу што да им понуди на индиските партнери.

Да споменам само нешто. Сместена на крстопатот на главните европски транспортни коридори, со политичка стабилност, конкурентна деловна клима, добро квалификувана работна сила, преференцијален пристап до европските пазари, ние сме привлечна влезна точка, порта за индиските компании коишто сакаат да го прошират своето присуство во Европа.

Не сме само географска, туку сме и раскрсница на идеи, на иновации, на инвестиции и на можности. Во текот на разговорите идентификувавме бројни области во кои нашите економии, а тоа ќе го сторат се разбира многу поквалификувано бизнисмените, можат меѓусебно да се надополнуваат.

Од автомобилската индустрија и фармацевтиката, преку здравството, информатичките технологии, аутсорсингот на деловни процеси, обновливите извори на енергија, земјоделството, прехранбената индустрија, машинството, логистиката и напредното производство – мислам дека има импресивен спектар на можности што чекаат да се претворат во конкретни проекти.

Исто така и говоревме за економијата на иднината: вештачката интелигенција, дигиталната трансформација, научните истражувања, соработката меѓу универзитетите и новите технологии.

Попладнево, госпоѓо претседател, ќе имаме чест заедно да се обратиме на Македонско-индискиот бизнис форум и да ја охрабриме соработката меѓу нашите компании. Минатата година трговската размена меѓу двете земји достигна приближно 133 милиони американски долари. Далеку е оваа бројка под вистинскиот потенцијал. Поради тоа, со претседателката Мурму го споделив моето уверување дека треба да си поставиме заедничка, поамбициозна, но остварлива цел – во следните пет години билатералната трговска размена да достигне барем 500 милиони американски долари.

Мислам дека ваквите цели не се само израз на оптимизам. Тие се стратешка определба што може да ги поттикне владите, институциите и приватниот сектор со поголема решителност да работат кон мерливи резултати.

Почитувана госпоѓо претседател,

Културата, образованието, науката, иновациите, младинските размени и академската соработка сигурна сум дека поседуваат огромен, неискористен потенцијал. За мене тие создаваат најдлабоки и најтрајни врски меѓу народите, бидејќи не врзуваат само институции, туку поврзуваат пред сè – луѓе.

Како наследници на големи историски традиции и духовни вредности, верувам дека културната дипломатија може да стане една од главните движечки сили на индиско-македонските односи. Соработката во аудиовизуелниот сектор ќе создаде нови возбудливи можности за филмските режисери, продуценти уметници од двете земји, исто како што поблиското партнерство меѓу универзитетите и научните центри ќе отвори врати за помладите генерации.

Го споменавме и туризмот, каде што има голем, неискористен потенцијал. Нашата држава нуди недопрена природа, богатства под заштита на УНЕСКО, древни локалитети, византиски цркви, османлиски џамии и најважното – искрено гостопримство, а се надеваме дека сè повеќе наши граѓани ќе го искусат цивилизациското богатство на Индија.

Најсилните пријателства меѓу народите не ги градат само претседателите, претседателките и владите, туку студентите, уметниците, претприемачите, научниците и младите луѓе кои учат едни од други, враќајќи се со трајни спомени и длабоко меѓусебно разбирање.

На крајот нашите разговори потврдија дека односите меѓу двете земји ќе се огледаат и во начинот на соработката во Обединетите нации.

Денеска исто така се осврнавме на неколку значајни глобални иницијативи на Индија. Врз основа на нашата првична проценка, не гледаме пречки ние за приклучување кон Меѓународната соларна алијанса, Глобалната алијанса за биогорива и Коалицијата за инфраструктура отпорна на природни катастрофи. Очекуваме да ги утврдиме конкретните начини преку кои нашата држава ќе може активно да придонесе за нивниот понатамошен успех.

Прозборевме и за пошироката меѓународна состојба.

Јасно е дека живееме во време обележано со длабоки геополитички промени. Меѓународниот поредок се соочува со еден од најсериозните периоди на неизвесност по завршувањето на Студената војна. Вооружените конфликти одземаат невини човечки животи. Долгогодишните сојузништва се менуваат. Меѓународното право сè почесто е ставено пред предизвикот на логиката на силата, ако воопшто има логика во силата, а довербата во мултилатералните институции е ослабена.

Токму во ваквите моменти мора да се спротивставиме на искушението да се откажеме од принципите и вредностите врз коишто отсекогаш се темелел трајниот мир. Одговорот на слабостите на мултилатерализмот не може да биде помалку мултилатерализам. Потребни ни се силни институции.

Како земја-членка на НАТО, чијашто стратешка цел е членството во ЕУ, нашата геостратешка положба ни овозможува да водиме повеќедимензионална надворешна политика. Настојуваме да ги продлабочуваме постојните партнерства, но и да градиме нови со земји што ја споделуваат нашата определба за мир, развој и меѓународна соработка.

Индија во овој видокруг зазема особено значајно место.

Исто така, сметам, а и сметаме дека е потребна реформа на Обединетите нации, со далеку порепрезентативен Совет за безбедност но и со посилно влијание на Генералното собрание.

На крајот, додека го завршуваме овој прв дел од Вашата историска посета, од нашата средба си заминувам со длабоко чувство на оптимизам.

Денеска не направивме само осврт на добрите индиско-македонски односи. Туку мислам дека проговоривме за нивната заедничка иднина.

Иднина на посилен политички дијалог.

Иднина на подобра економска соработка.

Иднина на растечка трговија и инвестиции.

Иднина на соработка во науката, во образованието и здравството.

Мислам дека имаме основа да веруваме дека децениите пред нас можат да бидат динамичен период во нашите билатерални односи.

Со нетрпение очекувам повторно да Ви посакам добредојде. Ви благодарам за поканата да ја посетам Индија. И Вашето доаѓање и Вашата покана ветуваат пријателство, партнерство и заеднички просперитет.

Ви благодарам.

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Започна официјалната посета на претседателката на Индија, Друпади Мурму

Започна официјалната посета на претседателката на Индија, Друпади Мурму

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечена церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека Друпади Мурму, прв претседател на Република Индија во официјална посета на државава. По тет-а-тет средбата следеше пленарен состанок на македонската и на...

Официјална посета на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму

Официјална посета на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре - 21 јули 2026 година, вторник, ќе ја пречека претседателката на Република Индија, Друпади Мурму која ќе престојува во дводневна официјална посета на земјава. Индиската претседателка ќе биде пречекана со највисоки...

Проштална средба со амбасадорката на Хеленската Република, Софија Филипиду

Проштална средба со амбасадорката на Хеленската Република, Софија Филипиду

Претседателката Гордана Сиљановска- Давкова денеска во вилата „Билјана“ во Охрид на проштална средба ја прими амбасадорката на Хеленската Република во Скопје, Софија Филипиду. Реафирмирајќи го ставот дека регионалната соработка е особено важна за помалите земји,...

Средба на Сиљановска-Давкова со НГШ на Германија, генерал Карстен Бројер

Средба на Сиљановска-Давкова со НГШ на Германија, генерал Карстен Бројер

Претседателката и врховна командантка на вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска го прими началникот на вооружените сили на Сојузна Република Германија, генерал Карстен Бројер. Сиљановска-Давкова посочи дека посетата...