Обраќање на Сиљановска-Давкова на собраниската седница „ Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“

5 март 2026 | Соопштенија

 

По повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, денеска во Собранието се одржа седница на тема „Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“.

Покрај претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на седницата се обратија и: Африм Гаши, претседател на Собранието, пратеничките Моника Зајкова, Дијана Тоска, Даниела Белимова, Калтрина Беќири и Јована Мојсоска, пратениците Фатмир Битиќи и Љупчо Пренџов и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.

Со оглед на траорната атмосфера во којашто го одбележуваме овој 8 Март, претседателката укажа на потребата од сериозни реформи насочени кон родова еднаквост и ставање крај на неподносливото насилство врз жените во македонското општество.

Во продолжение интегрален текст од обраќањето на претседателката:

Почитувани граѓанки и граѓани,

Почитувани пратенички и пратеници, 

Долго се думав дали има смисла да зборувам по страотното банализирање на злото, наречено семејно насилство до степен на фемицид! Во траорна атмосфера по смртта на Ивана и Катја, Сизифовски напор е да потсетувам на женската историска борба за еднаквост, за цивилизациските стандарди, за конвенциите и резолуциите, за законите за превенција и заштита од семејно насилство, па дури и за измените на Кривичниот законик? Причина? Правниот илузионизам дека нормата ги решава хроничните проблеми, со длабоки корени во патријархалната и парохијална (не)култура, жилавата традиција,  маскулираната политика, жедна за супериорност и победа, што изроди војни, чиишто најчести жртви се невините жени и деца.

Страшно е секој 8 март, да броиме нови жртви, да презентираме апдејтирани/најнови статистики, да дебатираме за политики, да усвојуваме стратегии, посочувајќи ги истите проблеми,  презентирајќи брутални статистики, предлагајќи претходно предложени, но  непреземени мерки и активности.

И овој 8 март, непосредно по несфатливата смрт на Ивана и на Катја, тешко ми е да го доживеам како Ден на жената!

Симболиката на празникот се изгуби во мракот на суровата, непоимлива и неприфатлива реалност.

Пред нас е фундаменталното прашање: Дали навистина животот е неприкосновен, како што гарантира членот 10 од Уставот? Дали ова важи за Рамајана, Росица, Ивана и малата Катја, прашувам?

Шокира фактот дека во 2025 имало 4 745 пријави за семејно насилство и шест случаи на убиство, а за два месеца во 2026 – веќе четири случаи на фемицид. Овие алармантни бројки се слика на општество во коешто е загрозено најосновното човеково право – правото на живот. Не цитирам статистика, туку нотирам пораз на институционалната превенција и навремената акција. Зад бројките се кријат животни приказни, семејни  трагедии, неостварени соништа.

Се чини дека клучен момент е оној на пријавувањето. Ако жената се соочи со човек којшто ѝ влева разбирање, поддршка, сигурност и надеж, таа ќе се охрабри да се избори за себе, ама ако биде пречекана од профил, за кој навредувањето и тепањето се дел од заедницата, ќе се посомнева во ефектите од преземениот чекор и ќе трпи. Затоа, обучените и сензибилизираните полицајци, социјални работници и судии се активни спасители или пасивни соучесници во делото!

Зарем сè уште не сфативме и не научивме дека фемицидот не е ненадеен изблик на гнев, туку врв и крај на долг, мачен процес на психолошки притисок, манипулација, тортура, страв, неизвесност и малку желби и надеж.

До кога post festum ќе ламентираме и ќе тагуваме, наместо навреме да спречуваме и соодветно да санкционираме и да се радуваме со потенцијалните, но спасени жртви?

Што стана со уставната обврска за посебната грижа и заштита на семејството?

Како е можно институциите да се имуни на предупредувачките сигнали? Зошто системот на социјална заштита, полицијата, обвинителството и судството не реагираат навреме? До кога ќе ги менуваме законите, наместо оние што не ги применуваат?

Зарем сè уште не формиравме природен, нераскинлив сојуз на социјалните работници, полициските службеници, инспекторите за семејно насилство, наставниците, лекарите, новинарите, невладините организации, бесплатните правни застапници и судиите?

Прашувам: Дали и колку вреди женскиот живот? Зарем Катја не беше дел од нашата иднина и зарем Ивана немаше право на среќа?

Да потсетам: Уставниот член 10 став (2) гласи: „Смртна казна не може да се изрече по ниту еден основ“. Зарем мажите – насилници на нивните сопруги/партнерки и нивните деца, се самопрогласени судии кои изрекуваат смртни пресуди? Зошто се зголемува нивниот број? Зарем не сме сите соучесници дозволувајќи им да се однесуваат како неприкосновени сопственици на женскиот и детскиот живот?

Од каде им извира силата да бидат господари не само на женското тело, туку и на женскиот ум и мисла, кога под смртен притисок и страв кај жените, ги менуваат нивните мисли и изјави?

Кој ја избриша гаранцијата на неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот, значи и на жената од членот 11 и императивната забрана за мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување?

Дали навистина за жените и за децата во некои семејства е забранета присилната работа?

Не е доволно во Кривичниот законик да се предвиди кривично дело фемицид, кога толку често доаѓа до преквалификација, ако надлежните не постапуваат ex officio, односно по службена должност, иако измените на Кривичниот законик тоа го овозможуваат, ако се преферира условната казна, наместо највисоката?

Зошто честопати, владеењето на правото се трансформира во владеење на насилните мажи?

Не е доволно да потпишете документ и да го ратификувате, славејќи го достигнувањето. Нормите не постојат сами за себе, туку регулираат животни состојби, преку правила на однесување за да западнеме во Хобсова состојба. Заложбите од Истанбулската  конвенција не се остваруваат преку ад-хок мерки и декларативни заложби, туку преку координиран, институционален и правен систем, што води сметка за правда и етика и  развива партиципативна политичка култура на еднакви човечки субјекти коишто се почитуваат и имаат заеднички обврски кон децата.

Со нејзината ратификација, државата презеде обврска да воспостави сеопфатен и функционален систем на превенција, заштита и санкционирање, заснован на разбирањето дека насилството врз жените е поврзано со структурната нееднаквост. Основното прашање е дали и како ја применуваме и дали е намалена ранливоста, односно безбедноста на жените?

Во 1995 година, на Четвртата светска конференција за жените во Пекинг, државите членки на Обединетите нации ја усвоија Декларацијата и платформа за акција, документ што ја постави родовата еднаквост како предуслов за одржлив развој и мир. Тоа беше јасна порака дека правата на жените не се посебна агенда, туку дел од универзалната агенда за човекови права. Но, чудно беше кога при одбележувањето на 30-годишнината во ООН во 2025, една од препораките беше: примена  на Пекиншките документи.

За жал, воените времиња се неразделни од насилството. Во ова време-невреме, жените и девојките се најчестите и најранливите жртви на војната. Тие се раселуваат, силуваат,  најнесигурни се, најсиромашни, најнезаштитени. Војната ја продлабочува и ја радикализира нееднаквоста. Логиката на доминација на глобално ниво се прелева во приватната сфера, каде контролата, стравот и насилството стануваат прифатлив образец на однесување.

Во книгата „Нејзината историја“, Филипа Грегори го обработува периодот од   норманското освојување до модерното време и на речиси секоја страница провејува истата појава: жените активно учествувале во создавањето на историјата, биле реформаторки, визионерки и двигатели на општествени промени, но нивното признание дошло многу подоцна: премолчено, минимизирано или припишано на други. Тоа доцнење на признанието не е случајност, туку одраз на структурата на моќ во која центарот не ја рефлектира реалната распределба на придонесот.

Ако историјата нè учи дека придонесот на жените бил систематски потценуван, тогаш денес треба да се запрашаме: Кој ја обликува новата структура на моќта?

Живееме во време кога моќта се прераспределува и добива нови, посуптилни форми. Таа не е само во институциите што ги гледаме, туку и во алгоритмите што ги користиме, во платформите што посредуваат меѓу граѓаните и услугите, во системите на вештачка интелигенција што носат одлуки или влијаат врз нив. Технологијата станува новата архитектура на моќта, а партиципирањето во нејзиното создавање значи учество во обликувањето на иднината.

Како што предупредуваше Хана Арент, моќта не е само инструмент на владеење, туку простор на заедничко дејствување. Ако жените се отсутни од тој простор, тогаш отсутна е и перспективата во обликувањето на иднината. Во ера на алгоритми и вештачка интелигенција, прашањето за еднаквоста станува прашање за тоа кој ги поставува правилата на новата реалност.

Во македонската држава повеќе од половина од истражувачите се жени, што претставува сериозен интелектуален потенцијал. Знаењето постои, но патот до позициите на одлучување и до центрите каде што се дефинираат правилата сè уште не е подеднакво пристапен.

Затоа, учеството на жените во локалната и во централната власт не претставува само прашање на квантитативна застапеност, туку суштински показател за зрелоста и за квалитетот на јавните одлуки. Политиките не се апстрактни норми, туку конкретни механизми што ги обликуваат условите за живот: домот, образованието, безбедноста, економската сигурност и секојдневната благосостојба. Оттука, кога во процесите на одлучување се интегрираат женската емпатија како способност за препознавање на социјалната ранливост, мајчинската одговорност како свест за долгорочните последици, како и умот и знаењето, изградени низ професионално и животно искуство, се креираат  политики со поголема аналитичка длабочина, етичка чувствителност и општествена одржливост.

Драги граѓанки, 

Не дозволувајте одбележувањето на 8 Март да се сведе на протоколарна форма којашто ќе го исцрпи своето значење во симболични гестови и пригодни зборови.

Розите коишто денес ќе ја разубават просторијата, утре тивко ќе почнат да ја губат свежината, а вниманието коешто трае еден ден не е доволно.  Жените не очекуваат привремена, празнична галантност, врзана за празничниот ден, туку трајна сигурност што произлегува од стабилен, функционален и правичен систем.

Со букетите в раце, вреди да се потсетиме дека и идејата за еднаквост често се оформувала спротивно на условите, небаре кокиче среде зима. Кога Мери Вулстонкрафт ја формулираше еднаквоста како прашање на разум и право, таа отвора мисловна линија што подоцна ќе ја продлабочат Роза Луксембург, Клара Цеткин, Бети Фридан и Кејт Милет, сведочејќи дека напредокот не произлегува од симболиката, туку од критичкото размислување и дејствување.

Во тој дух, дозволете ми, со искрена почит кон придонесот, знаењето и истрајноста на жените, да го честитам 8 Март и да ја потврдам заедничката определба, државата да ја градиме како пристојно и безбедно место за живеење во кое правата и достоинството на секоја жена се неприкосновени.

Ви благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова на средба со претседателот на фондацијата „Мармара“, Акан Сувер

Сиљановска-Давкова на средба со претседателот на фондацијата „Мармара“, Акан Сувер

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Акан Сувер, претседател на фондацијата „Мармара“. На средбата се разговараше за улогата на фондацијата во поттикнувањето на меѓународната соработка и регионалниот дијалог, како и за можностите за...

Сиљановска-Давкова по средбата со Руте: Најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е негова итна и целосна интеграција во ЕУ

Сиљановска-Давкова по средбата со Руте: Најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е негова итна и целосна интеграција во ЕУ

На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој престојува во прва официјална посета. Сиљановска-Давкова и Руте одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше...

Сиљановска-Давкова разговараше со Илија Каров, претседател на Кинолошкиот клуб  “Македонско овчарско куче – Караман”

Сиљановска-Давкова разговараше со Илија Каров, претседател на Кинолошкиот клуб “Македонско овчарско куче – Караман”

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претседателот на Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче - Караман“, Илија Каров, по повод условното впишување на расата Караман во регистрите на Светската кинолошка федерација, со што, таа стана...

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд

 Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија,...

Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето, храброста и визијата ги надминуваат границите

Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето, храброста и визијата ги надминуваат границите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во  STEM професиите (наука, технологија,...