Сиљановска-Давкова, покровителка и гостинка на свечената академија по повод 100-годишнината на Планинарскиот клуб „Љуботен“

16 ноември 2025 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената академија по повод 100-годишинината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“, одржана под нејзино покровителство во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово.

На настанот се обратија и претседателот на ПК „Љуботен“, Јован Божиноски и претседателот на ФПСМ, Зоран Читкушев.

Честитајќи го овој значаен јубилеј, таа им изрази особена благодарност на многуте  генерации членови на „Љуботен“ за докажаната љубов, почит и грижа за прекрасната Шар Планина и за природата, како и за нивниот личен и колективен придонес во промовирањето и популаризирањето на здравиот живот.

За неа, неспорно е дека планинарењето како спортска и рекреативна активност ги подобрува телесното и менталното здравје и ги јакнее карактерот и личноста на човекот. Оттука, време е да ги следиме инспиративните примери на државите во коишто, рекреативното планинарење не само што е интегрирано во програмата по Физичко образование во сите образовни институции и степени, туку и масовно се практикува како елемент на филозофијата на здрав живот.

Присутните имаа ретка прилика да ја проследат богатата историја на најстариот македонски планинарски клуб „Љуботен“ преку презентацијата на документарен филм и  мултимедијалната изложба во галеријата на Домот на културата.

На претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на неколкумина најзаслужни членови на клубот, како и на неколку домашни и странски институции и програми им беа доделени плакети за трајни вредности.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани членови на Планинарското друштво „Љуботен“,

Почитувани вљубеници во планините,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор,

Почитувани гости, 

Дами и господа,

Најпрвин, честитки за големиот јубилеј, 100 години Планинарско друштво „Љуботен“, еден век љубов кон Шара и кон македонските планини и почит кон спомениците на природата.

Благодарност до сите генерации планинари, членови на Љуботенската фамилија, односно клубот. Причина? Благодарение на Планинарскиот клуб „Љуботен“, но и на другите четири тетовски планинарски клубови, но и на останатите, расте популарноста на планинарењето како особено здрава и интриганта спортско-рекреативна дејност. Низ планинарските клубови како престижни училишта за планинарско знаење и вештини, поминаа низа генерации ученици- планинари. Ги научија најголемите тајни на планините, ја почувстуваа неодоливата планинска привлечност, на којашто не и одолеја, воспоставија искрена и трајна врска со планинскиот свет, посегнаа по грижа за шумите, ливадите, билките, животните, птиците, потоците и езерцата, станаа едно битие со природата.

Меѓу вас и со вас беа и се и алпинистите, чиј лимит се висовите, чие освојување е човечки натпревар со себе, или себеослободување, трансцендирање во метафизички свет, во друга димензија, онаа на неможното како можно!

Вие ја разбудивте детската љубопитност за шаренилото на Шара кај обожавателите на планинините преку сликите што прикажуваат убавина со магична и магнетна привлечност.

Вие предизвикавте невидена радост кај зависниците од зимската белина, каде и да се, вие ги вознемиривте талкачите по возбуди со чудните врвови и опасни терени, насочувајќи им ги мислите кон чудото над Тетово, небаре симфонијата на Вивалди за четирите годишни времиња на Шара. Привилегираните кои имале шанса да ја видат и почувствуваат, по љубовта на прв поглед, сами себе си ветуваат дека ќе се вратат, оти доживеале неизлечива благословена зараза ту од апсолутен мир, ту од апсолутна возбуда. Значи, никој чии очи ја здогледале шарената убавица Шара, не останал рамнодушен на неа.

Верувам дека планината ги здружува луѓето и во добро и во зло, во планинарењето и во зимските спортови, поттикнувајќи ги солидарноста, натпреварот и хуманоста, како и облагодарувајќи ги натпреварувачкиот дух и желбата за победа. Совршеноста на природата раѓа мирни и мировни вибрации кај луѓето, а не воинствени и уништувачки. Можеби затоа планинарите не се откажуваат од планината и имаат насушна потреба од неа, како сечовечки мелем и лек за среќната или несреќна душа.

И јас не сум исклучок. Никогаш, никогаш нема да ја заборавам магијата на Лешница. Можеби затоа е крај мене убавицата Караманка, девојката – планинка!

Драги пријатели,

Ви посакувам нови, незапирливи и неброени успеси во времето пред нас.

Очекувам раст и развој на Планинарскиот клуб „Љуботен“, подобри денови за планинарите и планинарењето, рекреацијата и спортот, со цврста верба дека се незаменливи и најефикасни бранители на нашето, од сите страни атакувано физичко и ментално здравје.

Овој голем јубилеј ни овозможува да ги сумираме резултатите не само низ лична, индивидуална, туку и низ социјалната димензија.

Благословени сме да живееме во планинска земја. Како такви, имаме посебна обрска да си го заштитиме и штитиме планинското богатство. Должни сме да ги сочуваме ретките и загрозени видови дрвја, животни, билки, птици, инсекти. Природата ќе ни врати со чист и свеж воздух, ќе нè штити од порои и поплави, ќе не лекува, ќе не храни.

Почитувани вљубеници,

Почитувани љуботенци,

Продолжете го другарството со Шара. Привлечете нови пријатели,  убедувајќи ги дека планинарењето не е само спорт, туку и здравство, туризам, екологија, економија, безбедност, па и музика, поезија, романса.

Да им помогнеме на Министерството за спорт и Министерството за образование во промоцијата на рекреативното планинарење и во негово омасовување.

Да му посветиме поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени на образование и да вклучиме во него искачување на планина, оти над речиси секое наше населено место има таква, не случајно.

Да изградиме, во соработка со локалната самоуправа соодветна инфраструктура, планински домови, куќички, видиковци, но и поголеми сместувачки капацитети, одморалишта, хостели,  хотели.

Знам дека имаме скромни  капацитети и можности, но може да почнеме со реновирање на  планински домови, а потем и со градење нови.

Свесна сум дека се работи за големи инвестиции, но со очекувана сигурна добивка и придобивка за сите граѓани.

Не ни требаат светски примери од далеку, доволно е да ги видиме и следиме примерите од соседството за односот кон планините и природата, кон планинарењето и спортот.

Да ја афирмираме филозофијата на здрав живот.

Со рекреативното планинарење се води здрав живот, со намален стрес и анксиозноста.

Да направиме култ од планинарењето меѓу младите. Наместо кон коли и алкохол, да ги мотивираме и усмериме кон физичка и спортска активност на планините. Да го омасовиме рекреативното планинарење.

На крајот, уште еднаш ви го честитам јубилејот и ви посакувам уште многу рекреативни авантури и спортски дострели на нашите волшебни македонски  планини.

Ви благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова: „Охридско лето“ е извор на поетика на мирот и на љубовта, а уметноста е насушна потреба и придобивка

Сиљановска-Давкова: „Охридско лето“ е извор на поетика на мирот и на љубовта, а уметноста е насушна потреба и придобивка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, вечерва го прогласи за отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Според неа „Охридско лето“ симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка...

Сиљановска-Давкова им подари традиционална галичка пафта на младенците на „Галичка свадба“

Сиљановска-Давкова им подари традиционална галичка пафта на младенците на „Галичка свадба“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на „Галичка свадба“, којашто и годинава се одржа под нејзино покровителство. Во духот на вековната традиција, пречекана со домашна нафора и сол од најмладите галичани, претседателката проследи дел од...

Сиљановска-Давкова им додели сертификати на учесниците на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“

Сиљановска-Давкова им додели сертификати на учесниците на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска присуствуваше на затворањето на шестиот „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“, што се одржува под нејзино покровителство, а во организација на „Македонија 2025“. Таа оцени дека ваквите иницијативи не само што...

Сиљановска-Давкова: Принципите на еднаквост, солидарност и кредибилност во НАТО, да се применуваат и во ЕУ

Сиљановска-Давкова: Принципите на еднаквост, солидарност и кредибилност во НАТО, да се применуваат и во ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на 36. Самит на НАТО, којшто се одржува во Анкара. Таа истакна дека шефовите на држави и влади на Самитот испратиле силна порака за единство, солидарност и заедничка одговорност на сојузниците во справување...

Државна делегација предводена од претседателката Сиљановска-Давкова ќе учествува на Самитот на НАТО во Анкара

Државна делегација предводена од претседателката Сиљановска-Давкова ќе учествува на Самитот на НАТО во Анкара

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе ја предводи македонската државна делегација на Самитот на НАТО, којшто денеска и утре, 7 и 8 јули 2026 година ќе се одржи во Анкара, Република Турција. Во состав на делегацијата се министерот за надворешни работи и...