Претседателот Пендаровски се обрати на свечената Светосавска академија по повод празникот Свети Сава, Националниот ден на Србите

28 јануари 2024 | Обраќања, Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер се обрати на свечената Светосавска академија што традиционално се организира по повод празникот Свети Сава, Национален ден на Србите во Република Северна Македонија.

Академијата е во организација на Српскиот културен центар – Скопје, а на неа присуствуваше и се обрати и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

Почитуван Претседателе на Република Србија,

Почитувани припадници на српската заедница во Северна Македонија,

Ценети присутни,

Драги пријатели,

Ми претставува големо задоволство да ве поздравам на овогодишната Светосавска академија и да ви го честитам 27 Јануари – Националниот ден на српската заедница во Република Северна Македонија.

Целта на ваквите празници е, преку потсетување на минатото, да ја обединат и да ја подготват заедницата за тековните предизвици, но и за потфатите насочени кон иднината. Така е и со овој важен ден посветен на големиот средновековен српски духовник, просветител и градител Св. Сава. Тој претставува инспирација за генерации Срби да го негуваат својот идентитет, јазик, писменост и култура и да создаваат трајни вредности за иднината, вклучително и тука, кај нас.

Драги пријатели,

Врвен приоритет на македонската држава е негувањето на соживотот во нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Како уставно призната и општествено ценета, српската заедница е нераздвоен дел од македонскиот мозаик и активно придонесува за изградбата и за развојот на нашата заедничка македонска татковина. Меѓу нас, вечерва, се дел од бројните истакнати припадници на српската заедница, кои го збогатуваат нашиот општествен, научен, културен, спортски и политички живот. Ви благодарам за вашиот ангажман и ве охрабрувам да продолжите да го давате најдоброто од себе за добробит на нашата заедничка држава.

Квалитетните меѓуетнички односи ги надополнуваат и добрите односи меѓу нашите две пријателски држави. Северна Македонија и Република Србија потврдуваат дека и на Балканот, билатералните односи можат да се градат со заемно почитување, без притисок и без условувања. Примери за ова има многу, и симболични и практични.

Пред две години сведочевме на обновата на евхаристичкото единство меѓу Македонската православна црква ─ Охридска архиепископија и Српската православна црква. Иако, и Македонија и Србија се со устав дефинирани како секуларни држави, сепак, православните цркви низ целата наша историја, исто како и денес, се важни не само за духовниот идентитет на православните христијани, туку и за националниот и за културниот идентитет на македонскиот и на српскиот народ. Република Србија и Српската православна црква имаа конструктивен став кон ова за нас исклучително важно прашање, за што сум им особено благодарен.

Овој историски настан, не само што ги спушти тензиите во тој сегмент од нашите взаемни односи, туку ја отвори и можноста за прославување на најголемиот македонски празник, 2 Август – Илинден, на местото каде што е формирана современата македонска држава – во манастирот „Св. Прохор Пчински“.

Взаемната поддршка не е само симболична, туку е и конкретна и таа доаѓа до израз и во моменти на елементарни непогоди, кризи и други сериозни предизвици, како што беше помошта на почетокот на процесот на вакцинацијата во екот на пандемијата.

Ваквиот однос не треба да изненадува. Македонскиот и српскиот народ имаат децениска историја на соживот, вклучително и најмногу во поранешната заедничка држава. Од взаемното почитување се развија и лични пријателства и роднински врски кои траат со генерации. Во тој контекст, македонската заедница во соседна Република Србија и српската заедница во Северна Македонија се стабилен мост на пријателство меѓу двете држави.

Ценети присутни,

Добрососедството, втемелено врз заемно почитување и соработка врз рамноправни основи, е единствената алтернатива на ретроградните процеси и на заострената реторика која, за жал, сѐ почесто се слуша во нашиот регион.

Во услови на мултиплицирани кризи и безбедносни предизвици во Европа, но и на глобално ниво, на Западниот Балкан наместо рециклирање на анахроните митови од 19 век, во оваа трета деценија на 21 век, му се потребни демократски реформи, забрзан економски раст и инфраструктурно поврзување.

На Балканот одамна е дојдено времето за решавање на секојдневните проблеми и реалните потреби на обичниот човек. Најсериозната долгорочна безбедносна закана за државите од регионот е да останеме без нашите млади луѓе. Ако сакаме нашите граѓани да не се иселуваат насекаде низ Европа и низ светот, треба да градиме инклузивни и праведни општества на благосостојба во кои луѓето ќе сакаат да живеат и да формираат семејства. А тоа ќе го направиме ако работиме на меѓусебно  поврзување и наше заедничко интегрирање во големото европско семејство на народите.

Драги пријатели,

Оваа традиционална Светосавска академија е уште една прилика, на симболичен начин да ги потврдиме нашите добри намери и да продолжиме да градиме мостови на соработка меѓу двете пријателски држави, менувајќи го вековниот имиџ на нашиот регион од проблематичен во просперитетен дел на Обединета Европа.

Дозволете ми, во името на сите македонски граѓани, да ви го честитам Националниот ден на Србите и да ви посакам многу мир, радост и надеж.

Нека е за многу години 27 Јануари – Денот на Свети Сава.

Ви благодарам.

 

 

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...