Претседателот Пендаровски се обрати на одбележувањето на 60-годишнината од Уставниот суд

15 март 2024 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на свеченото отворање на Меѓународната конференција на тема „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“, што по повод 60-годишнината од постоењето на Уставниот суд се одржа во Скопје.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувана претседателке на Уставниот суд,
Почитувани судии на Уставниот суд,
Почитувани претставници на уставните судови од странство,
Почитувани гости,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на отворањето на меѓународната конференција „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавното изразување на мислата“, со која се одбележува значајниот јубилеј, 60 години од формирањето на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Уставниот суд има долга традиција која датира уште од времето на нашиот државен-правен развој во поранешна Југославија. Уставниот суд за прв пат беше воведен во правниот поредок со Уставот на тогашната Социјалистичка Република Македонија од 1963 година, за следната 1964 година да започне со својата работа. Овој факт го споменувам бидејќи воведувањето на уставното судство беше редок и невообичаен чекор во една еднопартиска социјалистичка држава каква што беше поранешна Југославија и несомнено претставуваше позитивен чекор во ограничување на политичкиот волунтаризам и ставање во правни рамки на доминацијата на тогашната владеачка политичка номенклатура.

Со Уставот од 1991 година Уставниот суд продолжи да функционира, но, во значително променети околности на независна држава со демократско политичко уредување. Во таа смисла, работата и одлуките на тогашните состави на Уставниот суд беа исклучително важна гаранција дека транзицијата кон демократско и плурално општество кое почива врз начелата на владеење на правото, заштита на човековите права и слободи, поделба на власта и пазарната економија ќе се одвива во рамката предвидена со новиот устав.

Доволно е да се потсетиме дека Македонија никогаш во својата историја до 1991 година немала демократско искуство за да ни стане јасно колкава беше одговорноста на тогашните уставни судии. Според мое убедување, Уставниот суд и неговите судии во тие клучни периоди од изградбата на државата и на новиот демократски систем сосема успешно се носеа со товарот на времето за што заслужуваат признание и благодарност за нивната работа.

Почитувани,

Уставниот суд имаше исклучително важна улога и за време на неодамнешната пандемија на КОВИД-19, кога и како општество и како држава се најдовме во исклучително комплексна ситуација, пред се, од здравствен и социо-економски аспект, но и поради серијата уставно-правни предизвици.

Во состојба без преседан во нашата уставно-правна историја бевме принудени да прогласиме вонредна состојба и тоа во ситуација на распуштено Собрание кое беше нефункционално и во состојба на техничка влада чија примарна задача беше да ги спроведе веќе закажаните избори, а не да се справува со последиците од пандемијата која никој не можеше однапред да ја предвиди. Во ситуација кога врз основа на одлуките за вонредна состојба, Владата доби можност да донесува уредби со законска сила со која нужно се ограничуваа човековите права и слободи, но и се менуваа постојните закони и се носеа сосема нови норми со сила на закони, Уставниот суд беше клучната институција која во услови на нарушена поделба на власта редовно ја контролираше уставноста на уредбите и одлуките.

Одлуките и образложенијата на Уставниот суд, за мене како претседател на државата, беа исклучително важна насока при донесувањето на одлуките што беа во моја надлежност за време на вонредната состојба. Мислам дека сум реален, немам причина да не бидам, кога велам дека во своите одлуки Уставниот суд покажа исклучителен сензибилитет за националните, но и за меѓународните стандарди за почитување и заштита на човековите права и слободи што беше клучно за позитивната оцена од Советот на Европа во однос на ограничувањата на човековите права и слободи во периодот кога беше прогласена вонредната состојба, а, сето тоа низ призмата на стандардите на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Поаѓајќи од ова искуство, дозволете ми да отидам чекор подалеку и да се вклучам во дискусијата за иднината на уставното судство во нашата држава. Сметам дека во иднина Уставниот суд треба уште поактивно да се профилира како заштитник на човековите права и слободи. Еден начин се измени на Уставот и воведување на уставната тужба како правно средство за заштита на правата и слободите и тука сакам, без резерва, уште еднаш, да ја поддржам оваа ваша иницијатива, иако тоа сум го правел и порано.

Уставната тужба е потврдено ефикасно средство за уставно судска заштита на човековите права и слободи. Иако, досега, постоеја повеќе иницијативи за измена на нашиот устав во оваа насока, за жал, повеќе парламентарни состави не собраа сила тоа да го направат, а дискусијата за измени на Уставот, со цел, воведување на уставна тужба завршуваше со надмудрувања за сосема други прашања кои се неповрзани со оваа тема. Се надевам дека во скора иднина и политичката, покрај стручната јавност, ќе го разбере значењето на воведувањето на уставната тужба како важен сегмент во реформите и чекор кон зајакнување на системот за заштита на човековите права и слободи.

Во оваа смисла, а во насока на темата на конференцијата, сакам да ја истакнам важноста на неколкуте одлуки на Уставниот суд поврзани со утврдување на повредата на правото на слободно изразување на мислата, заштитено со нашиот Устав, кое е едно од малкуте права и слободи што и со постојните уставни одредби ги штити овој Суд. При тоа се реферирам на одлуките што ги донесовте во последниот период во однос на трагичните настани од 27 април 2017 година што се случија токму во оваа зграда.

Освен нападот кон нашиот демократски уставен поредок и насилството кон пратеници, нападнати беа и новинарските екипи кои известуваа од конститутивната седница на Собранието. Во обид да се спречи мирна транзиција на власта, насилна толпа организирана од структури на тогашната власт нападна новинари во обид да ги спречат да ја известат јавноста за случувањата. Вашите одлуки со кои утврдивте повреда на правото на слободно изразување на мислата се праведна сатисфакција, не само за нападнатите новинари, туку и за целокупната демократска јавност во нашата држава.

Почитувани,

На крајот од ова мое обраќање дозволете ми, уште еднаш, да ви го честитам шеесетгодишниот јубилеј и да ви посакам уште многу години успешна и посветена работа во заштита на Уставот и демократскиот поредок. Оваа конференција на која ќе имате можност да размените искуства со ценетите гости од повеќе уставни судови од странство, но, и со претставници на научната и стручната јавност, е достоен начин за одбележување на јубилејот и продлабочување на меѓународната соработка.

Во таа насока ви посакувам успешна конференција.

 Ви благодарам!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...