Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на одбележувањето на 80-годишниот јубилеј на Земјоделскиот институт – Скопје

12 декември 2024 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на свеченоста по повод одбележувањето 80 години од основањето на Земјоделскиот институт при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

Почитувани,

Замислете пространо поле, преполно со надеж и со плодност, подготвено да ги прими семињата на знаењето и иновациите. Во срцето на ова поле, Земјоделскиот институт – Скопје се истакнува како водечка научноистражувачка и високообразовна институција којашто со промисла и со визионерство ора низ ткивото на времето, не само обработувајќи го теренот, туку и моделирајќи го пејзажот на македонското земјоделство со секој научен напор и иновативен пристап. Се одликува со својата способност да гледа подлабоко од површината, да проникне во суштината на земјоделските предизвици и да креира плодни решенија кои го подобруваат животот на сите нас.

Осумдесет години по своето правно основање, Институтот сè уште ја прибира богатата жетва од својата неуморна работа и преданост. Секое новопосеано семе на знаење и секој успешно завршен проект ја потврдува улогата на Земјоделскиот институт како пионер во областа на агрономските науки, водејќи ја нашата земја кон посветла и плодородна иднина.

Кога во далечната 1927 година е отворена првата страница на Земјоделскиот институт, наликува како да се засадило првото семе во македонското земјоделско наследство. Во тие денови, земјоделството веќе беше повеќе од економска активност – тоа беше опстанок и начин на живот. Овој институт беше првата искра што го осветли патот кон модерното земјоделство. Од тогашниот „Агроботанички отсек“ до денешниот институт, секоја етапа е како нов слој на почва, збогатен со знаење, искуство и истрајност. Неговите корени се длабоко всадени во македонската историја, но неговите гранки се протегаат кон иднината, секогаш стремејќи се кон нови хоризонти.

Издавачката дејност на Институтот е како дневник на земјоделско патување.

Од 1952 година, кога беше издаден првиот том од Годишниот зборник, па до денес, научните трудови, монографиите и каталозите се сведоштво за неуморната посветеност на Институтот да го документира и да го сподели своето знаење.

Со гордост можам и можеме да кажеме дека Земјоделскиот институт – Скопје е основач на современите земјоделски практики во Македонија. Со реализирани повеќе од 470 научноистражувачки проекти и со селекција на повеќе од 80 нови сорти култури, оваа институција постави темели за модерно, конкурентно и одржливо земјоделство.

Во секоја негова активност, во секој негов проект, Земјоделскиот институт ја носи благородната мисија на поврзување на науката со практиката. Тој е мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу традицијата и иновацијата. Неговата посветеност на зачувување на традиционалните сорти и генетските ресурси, неговите напори за унапредување на органското и биодинамичното земјоделство, како и неговите истражувања во справувањето со климатските промени, сведочат за визија која ги надминува границите на македонското земјоделство.

Земјоделскиот институт ги отвори своите порти за знаењето и за образованието, овозможувајќи студиски програми за втор циклус во области како енологија и органско растително производство, при што, како да ги калеми идните лидери на македонското земјоделство. Во неговите лаборатории, училници и полиња, се создаваат решенија за секојдневните предизвици на земјоделците, се градат капацитетите на агрономите и се пишуваат приказни за иднината на нашата земја.

Прославувајќи го овој важен јубилеј, изразувам длабока благодарност на сите кои придонеле за успехот на Земјоделскиот институт. Од основачите, преку истражувачите и професорите, до земјоделците и студентите – сите тие, сите вие, сте дел од оваа величествена приказна. Нивниот, вашиот труд и посветеноста се темел на оваа институција, а нивната, вашата визија е вечен извор на инспирација на идните генерации.

Почитувани,

Денес, кога стоиме пред предизвиците од глобални размери – од климатските промени до демографските текови – работата на Земјоделскиот институт станува уште поважна.

Во време кога младите сè помалку гледаат перспектива во руралните средини, а зависноста од увоз на храна расте, овој институт продолжува да биде двигател на промени и столб на надеж. Секое негово достигнување е доказ дека со знаење, посветеност и визија можеме да создадеме посветла иднина.

Да вложуваме во науката, во младите научници и во модерните технологии. Да го зајакнеме капацитетот на Институтот и да го поддржиме неговото лидерство во руралниот развој, образованието и одржливото производство.

Полето на Земјоделскиот институт е повеќе од земја, симбол на нашето колективно патување и нашите стремежи. И така, додека сонцето сјае врз полето, јас и вие знаеме дека секоја бразда е исполнета со историја, а секое семе со надеж и секој плод со иднина.

Нека ова поле никогаш не остане необработено. Нека рацете што го обработуваат, умот што го инспирира и духот што го води продолжат неуморно да работат. Нека Земјоделскиот институт биде оаза на знаење, место каде што идните генерации ќе пронаоѓаат плодна почва за своите идеи и соништа.

Благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Повик за акредитирање на медиуми – Состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, 27 ноември 2026 година, Охрид

Повик за акредитирање на медиуми – Состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, 27 ноември 2026 година, Охрид

На 27 ноември 2026 година (петок), во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид, ќе се одржи состанок на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, во организација на претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со претседателката на Република Словенија,...

Сиљановска-Давкова: Уставот е закон над законите и најважниот општествен договор на граѓаните, за каков пишува Русо

Сиљановска-Давкова: Уставот е закон над законите и најважниот општествен договор на граѓаните, за каков пишува Русо

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати и учествуваше на панел-дискусијата на настанот по повод 35-годишнината од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав, во организација на Собранието, ЈНУ Институт за национална историја и Државен архив. [gallery...

Сиљановска-Давкова: Без слободни и одговорни медиуми нема информиран демос, а без активни граѓани – нема демократија

Сиљановска-Давкова: Без слободни и одговорни медиуми нема информиран демос, а без активни граѓани – нема демократија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова имаше воведно обраќање на 20. Форум на медиумите од Југоисточна Европа (SEEMF), што вчера се одржа во Скопје, на тема „Поблиски во регионот, посилни во Европа: Улогата на комуникациите и медиумите во зајакнувањето на имиџот,...

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска заедно со 50 шефови на европски држави и влади, учествуваше на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин, чија централна тема е „Европа: силна, безбедна и поврзана“. Сиљановска-Давкова се обрати на панел...

Сиљановска-Давкова ќе учествува на деветтиот состанок на Европската политичка заедница во Даблин

Сиљановска-Давкова ќе учествува на деветтиот состанок на Европската политичка заедница во Даблин

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, 12 ноември 2026 година, четврток, ќе учествува на деветтиот состанок на Европската политичка заедница во Даблин, Ирска. На настанот, што се одржува во рамки на ирското претседателство со Советот на Европската Унија,...