Интервју на претседателката Сиљановска-Давкова за Женски Магазин

22 април 2025 | Интервјуа

Специјално за Женски магазин- Претседателката Давкова за Велигден: „Се очовечуваме или расчовечуваме, трагаме по вистината, или тонеме во лагата“

Воскресението Христово е најголемиот христијански празник, кој по својата важност ги надминува сите други. Верниците на тој ден го слават темелот на верата на кој почива надежта за воскресение. Потоа олтарските врати се отстранети, симболизирајќи дека Исус ја победи смртта и ги отвори рајските порти.

Неделата по Велигден се нарекува Светла недела, а потоа во црквата се пеат песни полни со радост и среќа.  

Велигден е победа, тоа е човек повикан на своето најголемо достоинство. Како да не се радуваме на победата на Оној што толку неправедно беше осуден на најстрашно мачење и смрт на крстот? Во победата на Оној кој претходно бил камшикуван, шамарен, плукан, со таква нечовечка суровост?

Велигден е денот на универзалната надеж, денот кога сите човечки страдања, разочарувања, понижувања, погазено човечко достоинство и непочитувани човечки животи се обединуваат и поврзуваат околу воскреснатиот Христос.

Претседателката Гордана Силјановска- Давкова е духовно издигната личност со морални вредности и надвор од нејзината функција. Таа е верник, борец за правда, жена која ја почитува македонската христијанска традиција, како дел од идентитетот на македонскиот народ. 

Ја побаравме специјано за Женски магазин да ни одговори за празникот, за обичаите, за пораката…

ЖМ: Што значи празникот Велигден за Вас лично? Дали воскресението значи и нова надеж дури и денес по 2000 години од распнувањето? 

– И за мене, Велигден е она што е за секој христијанин и христијанка: ден над деновите, празник над празниците, најсветол и најрадосен ден. Но, нему му претходат Велики Петок, најтажниот ден во христијанството и Велика Сабота, денот на најголемиот покој, денот меѓу смртта и воскресението, а тие не потсетуваат на личната животна голгота, но и на голготатата на многу народи, па и на сечовечката голгота: како се однесуваме како Исусови ученици, чекориме ли по неговиот пат или по сатанското беспаќе, каде целиме, како се бориме со своите и туѓите гревови, заслужуваме да ни се отворат рајските порти или ќе завршиме во пеколот? И по два милениуми од воскресението, Велигден значи нова надеж за секој од нас, но и за човештвото во целина. Пред нас се истите дилеми и предизвици: не инспирира доброто или злото, светлото или темното, се очовечуваме, или расчовечуваме, трагаме по вистината, или тонеме во лагата, се бориме ли со пороците, или ги умножуваме, учиме ли од туѓите грешки, или само на своите? 

ЖМ: Како Вие го празнувате овој празник? Дали ги практикувате старите македонски обичаи од памптивек, што е она што создава магија за празникот? 

– Ја почитувам македонската христијанска традиција, како дел од идентитетот на македонскиот народ, но и на семејниот и личниот идентитет. Сум ја наследила и прифатила како нешто природно, убаво и здраво. Магијата на празникот е врзана за длабоката верба во Бога, за потребата од сплотување, почитување и солидарност, за семејно и пријателско дружење, за лична и колективна радост, за разбирање и дарување, за праведен живот. 

ЖМ: Дали постои одредена порака за празникот која сакате да ја споделите со нашите граѓани? 

– Да, Велигден е време за себеанализа, самокритика и промена, изразување благодарност, емпатија, сочувство и давање помош на оние на коишто им е најпотребна, но и критика на лошото, неправедното, нечовечкото. Ние, Македонците, не случајно сме библиски народ. Како такви, во животот мора да се однесуваме според божјите заповеди: да бидеме праведни и морални, да се разбираме и почитуваме меѓусебе, но и да се обидеме да ги разбереме и другите, поинаквите од нас. 

ЖМ: Величината на еден човек се познава по … ? 

– Нормалноста, скромноста, едноставноста, обичноста, невообразеноста, отвореноста и достапноста, без оглед на знаењето, општествениот статус, богатството, популарноста, славата…

 

Небојша Толески

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод Рамазан бајрам

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник - Рамазан бајрам, упати честитка до верниците од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван реис-ул-улема х....

Сиљановска-Давкова: Потребна е поголема институционална поддршка за инклузија на лицата со Даунов синдром

Сиљановска-Давкова: Потребна е поголема институционална поддршка за инклузија на лицата со Даунов синдром

Во пресрет на 21 март - Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром „Дневен центар – Доза среќа“ Скопје. [gallery...

Средба на Сиљановска-Давкова со словачката европратеничка Мириам Лексман

Средба на Сиљановска-Давкова со словачката европратеничка Мириам Лексман

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Мириам Лексман, пратеничка во Европскиот парламент од Словачка, од групата на Европската Народна Партија. На средбата се разговараше за европската интеграција на државата, при што...

Сиљановска-Давкова прими претставници на Државниот завод за ревизија

Сиљановска-Давкова прими претставници на Државниот завод за ревизија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Државниот завод за ревизија, предводени од помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска Алексова, кои вршат ревизија на успешноста на тема „Жени лидери - жени во политиката,...

Средба со членови на спелеонуркачкиот клуб „Врело“

Средба со членови на спелеонуркачкиот клуб „Врело“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со членови на спелеонуркачкиот клуб „Врело“, на којашто се разговараше за значењето на истражувањето, заштитата и промоцијата на природните богатства како дел од националниот идентитет и наследство....