Обраќање на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска на jавната онлајн трибина „Зачувување на животната средина значи зачувување на нашето физичко и ментално здравје“

25 ноември 2020 | Aктивности, Соопштенија

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, се обрати на jавната онлајн трибина „Зачувување на животната средина значи зачувување на нашето физичко и ментално здравје“ во организација на здружението „Амигдала“ во соработка со „Љубов сме – Jemi dashuri“.

Во продолжение e интегралниот текст од обраќањето.

Почитувани учесници,

Им благодарам на организаторите за поканата да учествувам на оваа трибина. Би сакала да ги поздравам членовите на здруженијата „Амигдала“ и „Љубов сме – Jemi dashuri“. Ви благодарам што континуирано адресирате еден важен аспект што кај нас во Република Северна Македонија многу често се запоставува – а тоа е психолошката помош. Пандемијата на КОВИД-19 вртоглаво веќе го зголеми бројот на луѓе со анксиозност и депресија. Она што вие го начнувате во доменот на онкологијата можеби ќе треба да се прошири и во други сегменти на здравствениот систем.

Темата за која денеска ќе зборуваме е исклучително важна – „зачувување на животната средина значи зачувување на нашето физичко и ментално здравје.“ Каква е врската меѓу здравјето на животната средина и здравјето на човекот?

Веднаш би сакала да посочам дека се соочуваме со парадокс. Од една страна на светско ниво имаме фантастичен напредок на медицинските науки и медицинската практика што би требало да доведе до драстично искоренување на болестите. Сепак, сеуште сме далеку од посакуваната цел. Кардиоваскуларните и малигните заболувања предизвикуваат речиси три четвртини од морталитетот во Европа. Проблемот со физичкото и менталното здравје не е само здравствен проблем. Тоа е проблем на целото општество.

Добро е да се сетиме дека Светската здравствена организација го дефинира здравјето не само како отсуство на болест, туку како состојба на комплетна, физичка, ментална и социјална/општествена добросостојба. Еден од предусловите за постигнување на здравје е постоење на стабилен екосистем.

Ние, за жал, живееме во време кога здравјето на планетата е сериозно нарушено. Многу од здравствените проблеми со кои се соочуваме се последица на општествено конституирани реалности, наративи и светогледи кои имаат редукционистички поглед на природата и човековото место во неа. Доминантната логика на конзумеризмот не оттуѓи од природата која ја сведе на материјален ресурс што треба неконтролирано да се експлоатира и уништува. Како човештво станавме слепи за очигледното – дека уништувајќи ја природата, ја сечеме гранката на која седиме и од која се храниме.

Почитувани колеги,

Ајнштајн рекол дека не можеме да ги решиме проблемите користејќи ги истите методи со кои ги создадовме проблемите. Живееме во сложен, меѓузависен свет каде се е поврзано.

Како што пандемијата не може да се третира само како здравствен, туку и социо-економски и еколошки проблем, така и загадувањето на природата не е само еколошки, туку и здравстен проблем.

Индивидувалното здравје на човекот е поврзано со колективното здравје на општеството, кое, пак, зависи од здравјето на животната средина.

Еколошката криза влијае на здравјето на луѓето. Да го земеме за пример загадувањето на воздухот. Според извештајот на СЗО од 2016 година, аерозагадувањето е еден од најголемите еколошки ризици што се одразува на здравјето. Пред пандемијата, годишно, поради загадувањето на воздухот во светот умирале околу три милиони луѓе, односно еден од девет смртни случаи во светот се должел на лошиот квалитет на воздухот. А воздухот што го дишат македонските граѓани, а особено жителите на урбаните центри, е меѓу најзагадениот во Европа. Овој еколошки проблем предизвикува многу болести, оштетување на белодробната функција, астма, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), кардиоваскуларни пореметувања и предвремена смртност. Особено се ранливи децата, бремените жени и хронично болните. Според Светската Банка кај нас годишно околу 1.600 луѓе предвремено умираат поради аерозагадувањето, кое е тивок убиец.

Потребна ни е развиена еколошка свест и совест за да можеме да ги согледаме сите димензии на животот – физичката, биолошката, психолошката, општествената, културната и духовната.

Неопходна е уште потесна соработка меѓу здравствениот и еколошкиот сектор за да се заштити и унапреди човековото здравје. Јавното здравство е науката и вештината за превенирање болести, продолжување на животот и промовирање здравје низ организирани напори на општеството. Јавното здравство не се фокусира само на искорнување на болестите, туку на постигнување на благосостојба. Тоа подрабзира интердисциплинарен пристап. Бидејќи, здравјето има мултидимензионална природа, јавното здравство мора да има интердисциплинарен пристап, што секако вклучува и еколошки аспект. Еколошките закани по дефиниција се и закани за здравјето на луѓето. А здравјето не е само физичко, туку и психичко.

Во изминатиов период, Претседателот на Република Северна Македонија имаше повеќе политики и активности на ова поле, и поддржа многу иницијативи за подигнување на свеста за животната средина. Од нив во оваа прилика ќе издвојам само две. Тој предложи да се започне со носење на натпартиска државна стратегија за ублажување на негативните ефекти од климатските промени. Пред речиси една година, тој свика седница на Советот за безбедност на која за прв пат се дискутирало за аерозагадувањето и заштитата на животната средина.

Верувам дека треба да се продолжи со политики кои ќе бидат од корист и за здравјето на општеството и здравјето на луѓето. Мора да се фокусираме на целата личност, на човекот, да работиме со луѓето и за луѓето. Промената започнува од нас самите. Да се сетиме дека сме луѓе, дека си припаѓаме и сме упатени едни на други.  Со таа мисла, на самиот крај, ви посакувам успешна трибина.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

По повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: Почитувани сограѓани, Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на...

Порака од претседателот Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик

Честитка од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана...

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Пендаровски на одбележување на 121-годишнината од смртта на Гоце Делчев

Претседателот Стево Пендаровски денеска положи свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, по повод 121-годишнината од неговата...

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Порака од претседателот Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите, ја упати следната порака: „Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество....

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

Порака од претседателот Пендаровски по повод 1 Мај, Денот на трудот

По повод 1 Мај, Денот на трудот, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака: „Човечкиот е најскапоцениот ресурс за секоја држава. Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, е аларм за сите нас дека...