Претседателката Сиљановска-Давкова ја врачи Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2024 година

27 декември 2024 | Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја врачи Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2024 година на авторите Методи Хаџи-Андов, Сашо Андријевски, Игор Сугарчев и Димитар Стефановски, од проектантското биро „Параметар студио“, за проектот Мултинаменски комплекс во општина Петровец, Скопје.

Големата годишна награда традиционално ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, под покровителство на Претседателот на Републиката.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани членови на Асоцијацијата на архитекти на Македонија,
Почитуван декане,
Почитуван претседател на Асоцијацијата,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Несомнено е дека Асоцијацијата е предводник во архитектурата, но и во одбраната на професионалните вредности и промоцијата на македонската архитектура, вклучувајќи ја, и денеска ќе се соочиме со тоа, македонската современа архитектура на светската сцена.

За мене, архитектурата е стремеж да се достигне нешто високо, убаво, естетско и не само во духовна смисла и во филозофска смисла, но и во градителска смисла, но мислам дека најважното е што таа трага по одговори на основните човекови потреби и слободи. За мене, вие, архитектите сте креативците кои го одбележуваат духот, традицијата, трендот и влегуваат во историјата, во епохата, па и во милениумите и стануваат дел од националната, регионалната, но и светската културна ризница. Јас верувам дека тоа воопшто не е мала или едноставна работа и дека е симбиоза, спој на многу елементи. Знам дека вие трагате и се стремите кон совршенство, знам дека сакате да ја споите природата со човекот и неговото место, се разбира, во секојдневниот живот.

Чест ми е, задоволство ми е, особено кога ќе чуете дека сте сакан, да ви се обратам како покровителка на традиционалната манифестација – доделување на Големата годишна награда за архитектура. Вие цитиравте филозоф, еве и јас. На ум ми паѓа мислата на филозофот Бруно Латур: „Денес сме ставени во позиција помеѓу идејата за архитектот како осамен автор, фокусиран на сопствениот проект и воглавно неразбран од другите, наспроти архитектот кој ги прифаќа и практикува алатките на моќ и влијание изразени преку знаењето, експертизата и искуството, но и негово активно вклучување во креирање на политиките и проектите за создавање на филозофијата за подобар свет“.

Поставувавјќи ја дилемата каде е местото денес на македонскиот архитект, вашето место, дел од одговорите можеме да ги најдеме во творештвото на денешните добитници. Оваа награда, верувам дека, не само што е вивисекција на вашите архитектонските оставрување во период од една година, што секако е кус период за дефинитивен став или критика, но е сигурно индикатор за да видиме каде сме успешни, кои се трендовите, какви сме во однос на другите, а тоа вие самите самоктирично ги проценувате. И да не заборавиме, македонската архитектура има длабоки темели и може да се пофали со градби кои се дел и од светското наследство.

Ако убавината може да го спаси светот, а јас верувам во тоа, иако годишниот лауреат на Струшките вечери на поезијата Жан Пјер, велеше дека поезијата може да го спаси светот, тогаш во голем дел за тоа треба улога и заслуга да има и архитектурата, што значи и вие. Пред секој градежен план на парцела на која некогаш цутеле булки, камилица и растеле високи дрвја, а каде е планирано да никнат нови градби, треба да се има предвид еден незибежен маркер –Европската повелба за одржлив дизајн и градба.

Таа го одразува ставот дека, во основа, одржливото градење е одговор, во изградена форма, на концептот на „одржлив развој“, а неговата првична формална елаборација е содржана во Декларацијата од Рио и 27-те принципи, како и Агенда 21 – и двете усвоени во далечната 1992 година. Првиот принцип од Повелбата вели: „Човечките суштества се во центарот на грижата за одржлив човечки и социјален развој. Тие имаат право на здрав и продуктивен живот во хармонија со природата“.

Дали сме успешни и се ракововодиме според Повелбата се прашувам. Дали во процесот на градба постои активен дијалог меѓу практичарите, истражувачите и крајните корисници, заснован на значајни консултации, партнерство и консензус?

Еве уште еден значаен маркер назначен во Повелбата на Светската асоцијација на архитекти и насоките дадени во „Хоризонт 2000“, каде се препорачува архитектите да инсистираат да градат според својата традиција. Можеме ли и тука да се препознаеме, се прашувам самата себе. Ова е важен принцип затоа што во себе содржи и елемент на почитување на поднебјето, на архитектонски одговор на климата, сонцето, на ветровите, на маглата, на загадениот воздух.

Два градителски принципи се интересни за нас зашто ако се вкрстат несоодветно можат да значат и крст за архитектонско распетие.

Едниот вели дека јапонската традиција е втемелена во тоа градбите да имаат само привремен карактер, односно нивниот век на траење да биде колку еден човечки животен циклус. За Централна и за Источна Европа, пак, се смета дека тие земји, а таму сме и ние, се стремат да фатат чекор со западниот стил на живеење и тоа по цена да се жртвува околината и одржливоста. Каде сме?

Македонските архитекти и архитектурата имаат длабоко наследство и оставштина која многумина ја почитуваат, како што е тоа на пример Меѓународната академија за архитектура која истакнува дека ние имаме повеќе истакнати архитекти, но не само во дизајн или градба, туку и како професори. Тоа значи и школа, наш стил. И по нашата извонредност во градбата треба да бидеме препознатливи и во иднина, а секако не по урбанистичките ловци на профити, занемарувајќи ги човечките потреби, оставјаќи хаос и неодржливи градови или станбени блокови во кои секојдневието е барикадирано со архитектонски пречки.

Денешнава награда потврдува дека имаме блескави архитекти и архитектура, и токму тие треба да бидат пример како да се однесуваме понатаму. Да пронајдеме одговор за грешките, да ги примениме принципите на хуманизмот во архитектурата, да се вратиме на македонската мера, на нашиот златен пресек. Тоа значи и почитување на основните човекови права. Ако се потсетиме на Едгар Морено, ќе истакнеме дека и архитектите се втмелени и го креираат духот на времето, но не само како гола фраза или кич производ, туку како суштина во која е обмислена човечноста.

Да цитирам и еден од најпознатите говорници, Винстон Черчил, во својот чувен говор во британскиот Парламент рекол: „Прво ние ги обликуваме зданијата, а потоа тие не обликуваат нас“.

Јас пак би сакала да се навратам на еден архитект, којшто го познавам, и кога врвам по „Орце Николов“, сакам да ја видам неговата куќа, зборовите на уважениот професор Борис Чипан:

„Архитектурата е сè заедно. Познавање и живеење на животот. Магија на хуманистичката алхемија. Потрага по каменот на мудроста. Напор да се открие досега неоткриеното. Архитектурата се раѓа и се создава“.

Дозволете ми да ви ги честитам претстојните празници. Новата 2025 година нека ви донесе радост, благосостојба, љубов, емпатија. Ви посакувам градителски потфати. Себе и на сите, посакувам да ги спасиме, можеби сѐ уште имаме време, оние прекрасни куќи што ги гледам на некои места, и се плашам дека ќе исчезнат утре.

Многу ми е голема честа да бидам овде со вас, а особено да го прогласам победникот.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателката Сиљановска-Давкова го прими Стојан Николов, потпретседател на Обединетата македонска дијаспора

Претседателката Сиљановска-Давкова го прими Стојан Николов, потпретседател на Обединетата македонска дијаспора

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими Стојан Николов, потпретседател на Обединетата македонска дијаспора (ОМД). На средбата се разговараше за важноста на односите меѓу дијаспората и матичната држава, со посебен акцент...

Претседателката Сиљановска-Давкова именуваше претседател и членови на Комисијата за одликувања и признанија

Претседателката Сиљановска-Давкова именуваше претседател и членови на Комисијата за одликувања и признанија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата за одликувања и признанија. За претседател на Комисијата е именуван проф. д-р Валентин Мирчески, а за членови на комисијата се именувани проф. д-р...

Обраќање во Собранието на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова

Обраќање во Собранието на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова

Почитувани граѓани, Почитуван Претседател на Собранието, г. Гаши, Почитуван Претседател на Владата, г. Мицковски, Почитувани пратеници во Собранието, Почитувани министри, Ценети претставници на правосудните органи, Почитувани претставници на верските заедници,...

Честитка од претседателката Сиљановска – Давкова до верниците кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателката Сиљановска – Давкова до верниците кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар

Претседателката Гордана Сиљановска - Давкова по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Епарх Струмичко-скопски и до сите верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар....