Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска ја посети Евангелската црква во Велес кадешто заедно со претставници на црквата и со Кристијан Калинов од иницијативата Ретвитни оброк подготвија хуманитарни пакети за семејства од најранливата категорија на граѓани.
Пасторот на Евангелската црква, Филип Иванов ја запозна г-ѓа Ѓоргиевска со активностите на црквата коишто се претежно од хуманитарен карактер вклучувајќи пакети со храна, народна кујна во соработка со гостилницата Боем и Здружението за помош на социјално загрозени лица „Нула Гладни во Велес“, континуирана соработка и поддршка на Здружението на лица со церебрална парализа од Велес, стипендирање на средношколци и студенти од социјално загрозени семејства и многу други.
Во рамки на посетата на Велес, сопругата на претседателот посети и мал групен дом за лица со попреченост во кој престојуваат 5 лица. Таа во овој дом имаше можност одблиску да се запознае со нив и со условите во домот, а низ дружбата со нив имаше можност да слушне кои се нивните интереси и како го поминуваат времето во овој дом.