Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими група алумни на Универзитетот Харвард кои престојуваат во земјава во рамките на студиското патување низ земјите од Балканот.
Во разговорот, гостите ја запознаа претседателката со досегашните посети во регионот и со престојот во земјава, во чии рамки се запознаа со културно-историски знаменитости и со современите општествени текови.
Претседателката го поздрави и се заблагодари за нивниот интерес за нашето минато и сегашност, како и за нејзиното професорско и политичко мислење за горливите прашања, истакнувајќи дека ваквите посети се драгоцена можност за размена на знаења и искуства, проверка на сопствените ставови и учење едни од други.
Таа ги презентираше своите видувања за светската безбедносна, економска, енергетска, но и етичка и морална криза, со посебен акцент на европската, укажувајќи на реалната опасност од продлабочување на внатрешните поделби по различни основи, но и на регионалните и меѓународните судири заради растечката мултиполарност, но и засилените авторитарни и олигархиски тенденции дури и во држави со вековна демократска традиција, забрзаната милитаризација и маргинализација на меѓународните организации, како ООН, формирани во духот на мултилатерализмот.
Одговарајќи на прашањата на гостите за причините за насилните протести во многу држави, таа укажа на загрозеноста на социјалниот карактер на многу држави во амбиент на растечката криза, на продлабочувањето на јазот меѓу богатите и сиромашните, на очигледното зголемување на апатијата, безадежноста и насилството, особено меѓу младите.
Потенцирајќи го значењето на меѓународните контакти и соработка, претседателката го посочи образовниот, научниот и професионалниот капацитет на македонската дијаспора, како недоволно искорисен развоен потенцијал.
Како универзитетска професорка, таа ја истакна вредноста на академскиот дијалог во проширувањето и тестирањето на знаењето, откривањето и дијагностицирањето на состојбите, како и во надминувањето на проблемите.





