Претседателката Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 135 години од раѓањето на д-р Анастас Коцарев

26 март 2025 | Обраќања

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска присуствуваше и се обрати на настанот посветен на 135 годишнината од раѓањето на д-р Анастас Коцарев, познат онколог во светот, роден во Македонија.

Годишнината од неговото раѓање паралелно се одбележува во Скопје и во Париз, кадешто пред неколку години беше откриен неговиот гроб.

Настанот започна со едноминутен молк во чест на загинатите во катастрофалниот пожар во Кочани.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Деновиве недостигаат зборови и едно знам – додека сум жива ќе ги носам овој товар и оваа болка. Никогаш нема да ги заборавам.

Анастас Коцарев е доказ дека големите научници ја бришат разликата меѓу малите и големите држави и малото го прават големо.

Од една страна јас се чувствувам големо, голема и големо кога зборувам за Македонец од светски глас, а од друга страна ја сфаќам амбивалентноста на националната припадност кога зборувам за научник преселник, светски профил, чиј гениј е цивилизациско обележје и му припаѓа на светот, оти поседува ум, како што вели Тихон, побрз од светлината, знаењето и мислата што пропатувале низ вековите и денеска се со нас. Јас верувам дека и денес патува низ универзумот формирајќи го Коцаревото македонско-француско-швајцарско созвездие.

Отсекогаш сум верувала дека има нешто посебно во Охрид, не затоа што сум родена во Охрид. Анастас е посебен охриѓанец, израснат во старо, угледно семејство. Образовниот пат го почнал во родниот град, го продолжил во Солун, а дипломата по медицина и двата докторати ги стекнал едниот во Женева, другиот во Париз каде што станал асистент и доцент на универзитетската клиника. Кариерата го води во Париз, каде – ако не, кај професорката и директорката на Лабораторијата за радиум на Универзитетот „Сорбона“, нобеловката Марија Склодовска-Кири. За жак, починал млад во 1931 година, веројатно од смрт поврзана за неговата работа.

Оваа област во која тој е врвен, не ми е блиска и затоа сум восхитена. Знам дека неговата научна преокупација била дијагнозата и третманот на ракот со помош на радиумот, што јас го обвинувам за неговата прерана смрт.

Знам дека е првиот научник кој изработил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. Но, не ми е многу јасно што значи тоа. Но едно е јасно. За нас Македонците, д-р Коцарев е познат како вистински, инспиративен zoon politikon, храбар, луциден македонски политички активист во Швајцарија и во Франција. Тој е иницијаторот, предводникот на обединувањето на македонските друштва во Цирих и во Лозана, во Заедничкото друштво на Македонците за независна Македонија, чијшто претседател станал. Веќе беше спомената Версајската конференција – да, тој е човекот којшто поднел барање за тричлена комисија којашто би ги застапувала интересите на македонскиот народ, но и тој кој поднесувал бројни петиции за праведно решавање на македонското прашање.

Многупати сте ме чуле како се повикувам на Вилсоновото начело и на правото на самоопределување и не само историчарите, туку и ние политиколозите и правниците добро знаеме што подразбира правото на самоопределување. Впрочем врз основа на правото на самоопределување македонскиот народ влегува во југословенската федерација и врз основа на правото на самоопределување, повикувајќи се на него, си замина од неа. Колку за размислување. Сите знаеме дека самоопределувањето значи право на свој Устав, на име, на знаме, на химна, на политички систем. И тоа е нешто на што се повикуваме и се повикувавме и во случајот на Украинскиот народ и на Украина.

На неговиот прекрасен ум, Нобеловата награда за медицина, меѓу двете светски војни, му била на дофат.

Анастас Коцарев, сè уште, е цитиран пионир во радиографијата и онкологијата – тоа за мене го прави безвременски научник, личност на којашто човештвото, заради доброто што му го дал, многу ѝ должи.

За мене тој е олицетворение на моќта на науката, којашто не познава граници, а воден од максимата „ubi bene, ibi patria“, ама никогаш не ја заборавил својата patria, Анастас ги поврза Македонија, Франција и Швајцарија.

Мене ми е многу мило што и денеска овде се присутни францускиот амбасадор и швајцарската амбасадорка.

Она што сакам да го кажам е дека заедничкото македонско-француско-швајцарско чествување на великиот научник, во нивно присуство, токму ја манифестира и ја докажува огромната обединувачка моќ на науката. Затоа јас честопати велам дека инвестициите во науката се најдобрите инвестиции.

Анастас е охридскиот вруток на научната инспирација.

На париските откривачи на „Заборавените Македонци“ и на домаќините од Музејот на македонската борба за независноста во Скопје им посакувам успешно пишување на романот-река, како што велат Французите, на одисејата на многуте знајни и незнајни умови коишто порано или подоцна блеснуваат и се вгнездуваат во македонската историја.

Силно го поздравувам македонско-француското партнерство меѓу општината Бонди и Охрид, посакувам да видам улици и плоштади со негово име, сакам да застанам и да се поклонам пред спомен посветен на Коцарев, сакам да видам обележја со името на овој научен горостас.

Се разбира, копнеам раскошниот и бунтовен дух на Анастас Коцарев да се врати дома во Охрид!

На крајот една поука. Не знам дали е клетва, ама доцна дознаваме за најдобрите Македонци. Затоа, јас благодарение на Институтот за хемија имав можност да ја чујам видео пораката на Светлана Мојсов од Њујоршкиот Универзитет. И да откријам, да дознам дека и таа била дел од два тима што се одликувани со Нобелова награда за медицина и велам, да не треба ние навреме, бидејќи слушам дека повторно Светлана со нејзините истражувања во поглед на липидите и на дијабетесот има шанса да блесне како кандидат за Нобеловата награда, навреме да си ги заштитиме и да си ги почитуваме и да си ги славиме најдобрите”.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова им додели сертификати на учесниците на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“

Сиљановска-Давкова им додели сертификати на учесниците на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска присуствуваше на затворањето на шестиот „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“, што се одржува под нејзино покровителство, а во организација на „Македонија 2025“. Таа оцени дека ваквите иницијативи не само што...

Сиљановска-Давкова: Принципите на еднаквост, солидарност и кредибилност во НАТО, да се применуваат и во ЕУ

Сиљановска-Давкова: Принципите на еднаквост, солидарност и кредибилност во НАТО, да се применуваат и во ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на 36. Самит на НАТО, којшто се одржува во Анкара. Таа истакна дека шефовите на држави и влади на Самитот испратиле силна порака за единство, солидарност и заедничка одговорност на сојузниците во справување...

Државна делегација предводена од претседателката Сиљановска-Давкова ќе учествува на Самитот на НАТО во Анкара

Државна делегација предводена од претседателката Сиљановска-Давкова ќе учествува на Самитот на НАТО во Анкара

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе ја предводи македонската државна делегација на Самитот на НАТО, којшто денеска и утре, 7 и 8 јули 2026 година ќе се одржи во Анкара, Република Турција. Во состав на делегацијата се министерот за надворешни работи и...

Средба на Сиљановска-Давкова со генерал Алексус Грегори Гринкевич, врховен сојузнички командант за Европа

Средба на Сиљановска-Давкова со генерал Алексус Грегори Гринкевич, врховен сојузнички командант за Европа

Претседателката и Врховна командантка на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими генерал Алексус Грегори Гринкевич, врховен сојузнички командант за Европа. За неа, неговата официјална посета на земјава е потврда за интересoт и посветеноста на НАТО...

Сиљановска-Давкова го прими министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис

Сиљановска-Давкова го прими министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Литванија, Кестутис Будрис, кој е во официјална посета на државата. Соговорниците го поздравија отворањето на дипломатското...