Учество на претседателката Сиљановска-Давкова на третиот Правосуден форум за родова еднаквост и правосудството во Западен Балкан

7 март 2025 | Обраќања

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на третиот Правосуден форум за родова еднаквост и правосудството во Западен Балкан, којшто се одржува во пресрет на одбележувањето на 75-годишнината од Европската конвенција за човековите права.

Форумот е организиран од АИРЕ Центарот (AIRE Centre) во партнерство со Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и Британската амбасада во земјата.

На форумот учествуваат потпретседателката на Европскиот суд за човекови права, судијката Ивана Јелиќ, програмската директорка за Западен Балкан во АИРЕ Центарот, Билјана Брејтвеит и заменик-шефот на Мисијата на Британската амбасада, Даниел Филер. На форумот говореа и министерот за правда Игор Филков и специјалната претставничка на генералниот секретар на ООН и шефица на Мисијата на ООН во Косово, Каролин Зиадех.

 

Почитувани судии на Европскиот суд за човековите права,

Почитувана Директорке на АИРЕ Центарот за Западен Балкан,

Почитуван Вршител на должноста амбасадор на Британската амбасада,

Почитувани судии од високите судови од Западен Балкан,

Дами и господа,

Добре  дојдовте на третиот Форум за родова еднаквост за Западен Балкан.

8 Март, Денот на жените, чинам е прав момент за соочување со прашања од суштинско значење за правата на жените и на девојчињата како човекови права.

Зад нас е долг изоден пат кон родовата еднаквост, но пред нас е уште подолг и потежок пат. Живееме во драматични времиња во кои жените се првите на удар. Но, што постигнавме?

Свесни дека патријахалното општество тешко се менува, посегнавме по системот на родово неутрални квоти како политичка мерка и вградена во Изборните законици на државите на Западен Балкан, а кај нас најпрво со квотата од 30 %, потем 40 % на изборните листи на политичките партии за изборите за Собранието и советите на општините. Денес во Собранието има 47 пратенички од 120, и потпретседателка врз основа на Деловничката одредба дека од тројцата потпретседатели еден ќе биде од помалку застапениот пол. За жал, пропадна обидот за вградување паритетна родова застапеност на изборните листи. Пропуштивме да го следиме природниот ритам на природата.

Јас станав прва претседателка и се обидувам она што го предавав и го заговарав, да го применам во телата што ги формирам.

Сепак, главниот напредок постигнат во регионот на Западниот Балкан е во областа на законодавните реформи. Но, не се доволни законите. Во повеќето земји, вклучувајќи ја и мојата, важно е да се нагласи дека се усвои законодавство што предвидува заштита на жените коишто се жртви на трговијата со луѓе, сексуално насилство, се усвои законодавство за спречување и заштита од семејно насилство, се донесоа подзаконски акти и мерки за заштита и обесштетување на жртвите од семејното насилство.

Во Хрватска и во Македонија, по ратификацијата на Истанбулската конвенција, се изменија кривичните закони кај нас за да се дефинира фемицидот како кривично дело.

Значи се подобрија законите на начин што се воведе заштита од вознемирување на работното место, што забранува психичко и сексуално вознемирување и обезбедува механизми за обесштетување.

Но, морам да забележам дека иако сите земји во регионот ја ратификуваа Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, сепак проблемите сè уште постојат. Државите инвестираа во подобрување на нивната институционална и политичка рамка насочена кон елиминирање на дискриминацијата на жените и промовирање на родовата еднаквост, вклучувајќи и формирање национални координативни тела за спречување семејно насилство, донесување национални акциони планови за родова еднаквост. Преземени се низа мерки за да се спречат родовите стереотипи, вклучително и сексизмот во јавните медиуми, радијата и телевизиите. Сепак, јас сум сè уште загрижена за следново:

(а) Опстојуваат дискриминаторски родови стереотипи во однос на улогите и на одговорностите на жените и мажите во семејството, дури и во образовниот систем ама и во севкупното општество;

(б) Дискриминаторските ставови на интернет, особено за говорот на омраза на социјалните медиуми, кон жените и девојчињата е очигледен. Денес веќе може да зборуваме за дигитално насилство, за дигитални злоупотреби, за дигитален булинг.

Неспорно, постои јасен недостиг на сеопфатна стратегија којашто ќе ја вклучи заедницата и ќе ја насочи кон елиминирање на дискриминаторските родови стереотипи и многу штетни практики кон нас жените.

И самата, како професорка, сметам дека образованието има клучна улога во трансформирањето на ненасилната улога на општеството во целина. Токму затоа, образованието треба да продолжи и преку ангажирање во оваа насока во рамките на граѓанските организации, младинските, во урбаните, во руралните области, во здруженијата, во јавниот и во бизнис-секторот.

По мене важно е да се засилат мерките за спречување и следење на говорот на омраза кон жените и кон девојчињата на социјалните мрежи преку ефективно спроведување на кривичните санкции во врска со говорот на омраза, фокусирајќи се на девојчињата, но и на жените коишто припаѓаат на различни етнички и други малцински групи.

Посочените проблеми треба да се решаваат  холистички. Холистичкиот пристап ќе вклучи не само донесување закони и стратегии, планови, туку активно општествено ангажирање на сите во насока на континуирана поддршка на жените во севкупниот живот.

Исклучително ме радува фактот што денес со нас, овде на овој, за мене, важен форум се и пет судии од Европскиот суд за човековите права, предводени од потпретседателката на Судот во Стразбур, госпоѓа Ивана Јелиќ. Европската конвенција за човековите права и Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените се составен дел од правниот поредок во нашите држави, но сепак, сè уште недостасува цврста, јасно изразена свест за овие документи, а особено за важноста на судската практика на Судот во Стразбур. Затоа, сметам дека, верувам дека со вашето учество денес ќе придонесете за ширење на сознанието, на вистината, за важноста на судската практика, но и за дијалогот меѓу и со судиите од регионот на Западен Балкан. Убедена сум дека преку дијалог меѓусебно ќе се инспирираме, ќе учиме, ќе работиме за добробит на родовата еднаквост. И, се разбира, ќе се повикуваме на успешните приказни.

Ви посакувам успешна работа.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова се сретна со Димитрија Доксевски, директор на „Браќа Манаки“ и Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмски работници

Сиљановска-Давкова се сретна со Димитрија Доксевски, директор на „Браќа Манаки“ и Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмски работници

Во пресрет на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, покровителка на фестивалот, се сретна со директорот Димитрија Доксевски, актер, сценарист и продуцент и со Марија Димитрова,...

Проштална средба на претседателката Сиљановска-Давкова со казахстанскиот амбасадор Сатибалди Буршаков

Проштална средба на претседателката Сиљановска-Давкова со казахстанскиот амбасадор Сатибалди Буршаков

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Република Казахстан, Сатибалди Буршаков. Во разговорот беше оценето дека односите меѓу двете земји во изминатиот период добија нова динамика, со активен политички дијалог и...

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски одликувани со Орден „8 Септември“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“, денеска, на Денот на македонската независност, ги одликуваше со Орден „8 Септември“ Јордан Плевнеш и Раде Силјан, и постхумно: Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски. Јордан...

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров, Борис Трајковски и Никола Кљусев по повод Денот на независноста

По повод 8 Септември, Денот на независноста и одбележувањето на 35 годишнината од независноста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, на вечното...

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Честитка од претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември – Денот на македонската независност

Почитувани граѓани, Пред  35 години го доживеавме нашиот трет Илинден, зората во која вековниот сон за слободна и независна македонска држава конечно стана реалност. Со историскиот референдум од 8 септември 1991 година, ние, македонските граѓани, го заокруживме делото...